Тензии во германската владејачка коалиција

Шолц е под притисок да ѝ испрати уште оружје на Украина

Коалициските партнери на германскиот канцелар Олаф Шолц не се задоволни од неговото лидерство во украинската криза и тој раздор ризикува да го поткопа единството на Западот против Русија.

EPA-EFE

По драматичните политички потези на почетокот на кризата, кога Шолц го стопираше проектот на гасоводот Северен тек 2 со Русија неколку дена по нејзината инвазија на Украина, партнерите го обвинуваат дека се колеба. Шолц ги изненади дури и блиските партнери кога на 27 февруари објави „епохална промена“ на германската надворешна политика и вети големо зголемување на военото трошење и ублажување на рестриктивниот став за извоз на оружје во конфликтните зони.

„Имам впечаток дека Шолц не е свесен за сериозната штета која ја нанесува на репутацијата на Германија во централна Европа, источна Европа, и всушност во цела Европа“, изјави за Ројтерс Антон Хофрајтер од партијата Зелени, која претседава со Европскиот одбор на германскиот парламент.

Во седмата недела од војната, Зелените и либералите од ФДП, партиите во коалицијата на Шолц, негодуваат поради тоа што Германија не одговорила на молбите на Украина да ѝ испрати повеќе тешко вооружување, поради предупредувањето на Киев дека Русија се подготвува за голема офанзива на југот и истокот на Украина.

Некои од тричлената коалиција предводена од Социјалдемократската партија на Шолц (СПД) сакаат тој да направи повеќе и на намалувањето на зависноста на Германија од руските енергенси.

„Тој конечно мора да покаже лидерство“, кажа Хофрајтер.

Амбасадорот на Украина во Берлин минатата недела ја обвини германската влада за половична поддршка на Киев и кажа дека неговата земја станала жртва на „срамната зависност“ на Германија од руските нафта и гас. Тој побара и повеќе тешко вооружување.

Извори од владата кажаа дека канцеларот смета дека неговата улога е да ја држи обединета хетерогената коалиција и да не се оптоварува премногу со краткорочните падови на популарноста.

Така Шолц во едно интервју кажа дека Берлин ѝ испраќа на Украина противтенковско оружје, противвоздушни ракети и друго вооружување. Тој додаде: „Ќе се погрижиме да избегнеме НАТО, државите од НАТО и Германија да станат страна во војната“.

Ројтерс пишува дека Шолц мора да го балансира притисокот од Зелените, особено за да го интензивира снабдувањето на Украина со оружје, со извесна воздржаност во елементите на СПД, кој долго заговараше приближување на Западот на Русија пред војната во Украина.

Истакнувајќи го цврстиот став на Зелените, министерката за надворешни работи Аналена Бербок неделава повика на испраќање дополнително тешко вооружување и додаде: „Сега не е момент за изговори, туку за креативност и прагматизам“.

Хофрајтер отиде подалеку и повика на ембарго на јагленот и нафтата против Русија „како минимум“.

Европската Унија минатиот петок надмина некои поделби за да ги усвои најновите санкции против Русија, вклучувајќи забрана за увоз на јаглен, дрво и хемикалии.

Меѓутоа, критичарите тврдат дека увозот на нафта и гас од Русија, од кои ја финансира својата воена машинерија, засега останал нечепнат, при што Берлин го предводи отпорот на таквиот потег. Германија добива околу 25 отсто од нафтата и 40 отсто од гасот од Русија.

„Мислам дека е можно дури и целосно ембарго на енергенсите“, кажа Хофрајтер, кој ја посети Украина неделава со Михаел Рот од СПД и Мери Агнес Страк Цимерман од ФПД, претседавачите на собраниските одбори за надворешни работи, односно одбрана.

До крајот на март, Германија ѝ испрати на Украина воени резерви во вредност од 186 милиони евра, вклучувајќи гранати на ракетен погон, противавионски ракети, митралези и муниција, но не и тешко оружје како тенкови, хеликоптери или борбени авиони.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Концептот е насочен кон креирање на оптимален даночен систем, кој ќе го поддржи економскиот раст, а со тоа и животниот стандард на нашите граѓани.

 

повеќе

Иако е важно да бараме решенија за нашата заедничка историја и да се обидеме да ги разликуваме фактите од пропагандата, зарем не е исто така важно да научиме да живееме заедно и покрај нашите различни и силно политизирани гледишта?

повеќе

Нашето општество е социјално неправедно, а социјалната неправда е, и ќе биде погубна.

повеќе