Во екот на економската криза

САД ги ублажуваат санкциите кон Куба

Администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден делумно ги ублажи санкциите кон Куба дозволувајќи, меѓу другото, повеќе летови до оваа карипска земја и укинувајќи ги ограничувањата на праќањето дознаки, откако заклучила дека најдобриот начин за промени во Хавана е директно ангажирање со кубанскиот народ, кој трпи една од најлошите економски кризи, ги пренесува Радио Слободна Европа (РСЕ) светските медиуми.

Фото: ЕПА

Администрацијата на Бајден најави олеснување на ограничувањата за патување во Куба и укинување на контролите за испраќање пари на членовите на семејствата во услови на економска криза на Карибите и зголемување на илегалната емиграција од таа земја во САД, посочува Тајмс.

Стејт департментот објави дека ќе го укине лимитот од 1.000 долари по квартал за испраќање пари од Соединетите Држави до членови на семејство, како и дека ќе дозволи испраќање пари на луѓе надвор од семејството заради поддршка на кубанските претприемачи.

Ќе бидат дозволени и редовни и чартер-летови до локации надвор од Хавана, а ќе биде обновена програмата за обединување на кубанските семејства.

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп ги заостри санкциите кон Куба, вклучително и одземање на дозволите за испраќање дознаки.

Претставници на Белата куќа рекоа дека Соединетите Држави ќе го зголемат и своето дипломатско присуство на Куба, кое беше намалено во 2017 година по серијата необјаснети случаи на оштетување на мозокот познати како „хавански синдром“ меѓу дипломати, шпиони и други владини претставници.

Во првата недела од април, американската амбасада во Хавана продолжи да ги обработува визите за Кубанците на ограничена основа, повеќе од четири години откако ги прекина конзуларните услуги во услови на заладени односи меѓу двете земји.

Пресвртот на политиката на Куба од времето на Трамп, која во голема мера ги изолираше земјата и нејзиниот народ од Соединетите Држави, доаѓа во време кога Хавана се соочува со, како што велат американските власти, најлошата хуманитарна криза во последните три децении, според Волстрит џурнал.

Минатото лето Куба беше потресена од невиден бран протести. Луѓето низ земјата протестираа поради недостигот од основни прехранбени производи и повикаа на слобода, пишува американскиот весник, додавајќи дека протестите биле задушени, по што многу демонстранти беа осудени на затворски казни на судења по скратена постапка.

Тие околности годинава доведоа до најголемиот бран миграција од Куба од 1980 година. Само минатиот месец 35.000 Кубанци илегално дошле во САД.

Кубанското Министерство за надворешни работи рече дека најавените промени се „позитивни, но многу ограничени“ и додаде дека Вашингтон не го укинал ембаргото ниту ги укинал сите ограничувања за кубанските субјекти или патувањата на американските граѓани, што не ја променило драматично американската политика кон Куба, како и дека пристапот на Вашингтон е виновен за зголемувањето на илегалната миграција.

Во неодамнешните разговори за миграцијата со Куба, администрацијата на Бајден понуди да обнови неколку можности за кубанска имиграција во замена за властите во Хавана да почнат да ги примаат назад депортираните граѓани.

Одлуката на претседателот Бајден уследи по повеќе од една година преиспитување на политиката кон Куба, чија економија е под притисок на пандемијата на ковид-19, но и на руската инвазија на Украина, пишува Фајненшл тајмс.

Војната во Украина ја загрози кубанската економија бидејќи недостигот од гориво доведе до прекин на електричната енергија и ограничен јавен превоз. Овие проблеми беа надополнети со падот на приходите од туризмот за време на пандемијата, што доведе до хроничен недостиг од храна и лекови.

Куба е под американско трговско ембарго од 1960-тите. Поранешниот претседател Барак Обама олесни некои од најтешките мерки додека беше во Белата куќа, но неговиот наследник Трамп поништи некои од новите мерки.

Според британскиот весник, американската политика кон Куба влијае врз американските избори, бидејќи конзервативните кубанско-американски гласачи, кои се залагаат за поцврста линија кон комунистичките власти во Хавана, претставуваат значаен блок на Флорида.

Делумното укинување на санкциите за Куба е првиот чекор на Бајден кон исполнување на предизборното ветување за укинување на многу од санкциите наметнати од неговиот претходник Трамп, посочува Њујорк тајмс.

Иако претставниците на администрацијата рекоа дека новите мерки ќе бидат „фокусирани на човековите права и зајакнувањето на кубанскиот народ“, тие веднаш беа осудени од сенаторот со кубанско потекло Боб Менендез од Демократската партија на Бајден, кој рече дека најавата „ризикува да испрати погрешна порака до погрешни луѓе, во погрешно време и од сите погрешни причини“.

Различните ставови на Бајден и Менендез навлегуваат во суштината на различните ставови меѓу двете американски партии за тоа како да се справат со кубанската влада, пишува весникот, додавајќи дека репресијата на кубанските власти минатата година го принудила Бајден да воведе во голема мера симболични санкции за кубанските полициски службеници и другите обвинети за кршење на човековите права, но исто така го отежнала исполнувањето на неговото предизборно ветување за обновување на односите според идеите на администрацијата на Обама, во која актуелниот претседател беше потпретседател.

Функционерите на администрацијата на Бајден заклучија дека враќањето на статус квото од јануари 2017 година, кога Обама замина од функцијата, беше исто толку комплицирано во случајот на Куба како и во случајот со Иран, каде што сличните обиди не успеаја.

Ревизијата спроведена од администрацијата на Бајден заклучи дека најдобриот начин да се донесат промени во Куба е директно ангажирање со нејзиниот народ, а не со владата, што беше и логиката на отворањето на Обама кон Хавана.

Менендез, како и другите критичари на ублажувањето на санкциите кон Куба, има сосема поинаков став - единствениот начин да се промени однесувањето на кубанската влада е да се секнат нејзините приходи, а тој особено се спротивстави на одлуката на администрацијата да им дозволи групите да патуваат на Куба.

„Да биде јасно, оние што сè уште веруваат дека зголемувањето на патувањата ќе произведе демократија во Куба едноставно се во заблуда“, рече тој, додавајќи дека „со децении светот патува во Куба и ништо не се промени“.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени, во однос на претходниот предлог (кој Владата го нема објавено).

повеќе

Енергетската криза во светот, но и во Република Македонија (РМ), не стивнува иако сме на почеток на летото кога вообичаено има помала потрошувачка на енергија кај нас. 

повеќе

Самостојните уметници не се доволно мотивирани да создаваат. 

повеќе