За Гардијан

Руски затвореник: Немавме поим дека ќе ја нападнеме Украина

Сè уште навикнувајќи се на своето оружје и воениот замор, Антон одеднаш се нашол опкружен од украинските сили. Околу него свиреле куршуми, а еден го погодил во раката.

Фото: ЕПА

„Тоа беше нашиот прв судир со непријателот, не испукавме ниту куршум. Бевме во заседа и не можевме да возвратиме. Моравме да се предадеме“, вели 21-годишниот руски војник Антон во интервју за Гардијан.

Антон бил заробен од украинските сили во близина на Миколаев на 2 март со уште пет војници од неговата единица, додека руските сили вршеа офанзива врз стратегиски важниот град со бродоградилиште во близина на Црно Море.

Антон, чие вистинско име всушност е поинакво, следните 45 дена ги поминал во украинско заробеништво. Тој на крај бил ослободен во средината на април, откако Москва се согласи да размени затвореници со Украина. Со новинарите на Гардијан разговарал од руска територија.

Приказната на Антон е многу ретко сведоштво за разменет руски воен заробеник, бидејќи и Русија и Украина објавуваат многу малку информации за судбината на стотиците заробени Руси.

Москва не ги објавува имињата на своите војници заробени во Украина. Меѓутоа, за време на неговото заробеништво, Антон како руски затвореник бил интервјуиран од познат украински блогер. Тој е наведен и како заробен руски војник на веб-страниците блиски до украинските власти.

„Во Украина ме пратија комплетно неспремен“

Член на семејството на Антон потврдил за Гардијан дека тој бил фатен во Украина, а потоа разменет. Гардијан не успеал да ги потврди сите детали од неговата приказна. Антон, кој потекнува од мал, далечен град во Сибир, вели дека потпишал договор со руската војска минатиот декември, веднаш по завршувањето на професионалната школа.

Сега мисли дека требало да направи сѐ за да ја избегне војската. Единицата на Антон во последните денови од декември била префрлена на полуостровот Крим, припоен од Русија, каде што му било кажано дека учествува на еднонеделна обука.

До тој момент, вели, не поминал практично ниту една воена обука што соодветно би го подготвила за ваква војна.

Како што минувале неделите на Крим, Антон вели дека некои членови на неговата единица почнале да се грижат дека ќе бидат испратени во војна, што тој во тоа време сè уште го сметал за целосно апсурдно.

„Многу млади луѓе не можеа да замислат дека ќе одиме во војна. За тоа ни кажаа во последен момент, ноќта пред инвазијата. На крајот на краиштата, навистина не е фер како руските власти се однесуваа кон мене. Ме испратија во Украина комплетно неподготвен“, истакнува Антон.

Зборовите на Антон, за воената единица што не знаела ништо за инвазијата, се слични на изјавите на многу други руски војници, кои исто така рекоа дека не знаеле дека одат во војна сѐ додека не преминале во Украина. Воените експерти тврдат дека одлуката да не им се каже за инвазијата на голем број од војниците е едно од објаснувањата за неуспехот на руската воена офанзива.

На 25 февруари, ден по влегувањето на руските трупи во Украина, на единицата на Антон ѝ било наредено од Крим да влезе во Украина. Тој рече дека тие биле донесени со оклопни возила во предградието на Миколаев, кој беше под силни напади на руските сили во првите денови од војната.

Додека продолжиле пеш, дел од единицата се одвоил од главното тело и бил нападнат од заседа од украинските сили на 2 март, помалку од една недела по влегувањето во Украина. Антон вели дека бил погоден од украински куршум додека бил заробен. Скршил коска на раката.

„Постојано ни велеа дека Русија е готова“

Набргу потоа, украинските сили му ставиле вреќа на главата и тој бил префрлен во затворска ќелија чија локација, како што рече, сѐ уште не ја знае. Во почетокот, во животот во заробеништво доминирал стравот.

„Треперите на најмалиот звук. Секој ден се надевате дека нема да ви биде последен и дека нема да бидете убиен“, се сеќава Антон.

Тој рече дека не бил физички нападнат за време на неговото заробеништво, но рече дека украинските чувари психички ги мачеле него и другите руски војници: „Постојано ни велеа дека Русија завршила, дека припаѓаме на општественото дно. Се закануваа дека ќе нè изгладнуваат“.

Антон додава дека некои чувари изгледале „како да сакаат да го повредат“, но повеќето од нив останале смирени и „не дозволувале да им превладее животинскиот инстинкт“.

Украинската вицепремиерка Ирина Верешчук, која е задолжена за преговорите за размена на затвореници, не одговорила веднаш на барањата на Гардијан за коментар. Според Женевските конвенции, притворањето на воените заробеници не треба да се смета за форма на казнување, туку за средство за спречување на понатамошно учество во конфликтот.

Секојдневната досада набрзо се покажа како најголемиот предизвик, истакнува Антон.

„Ако имавме среќа, ќе добиевме нешто за читање. Понекогаш ни беше дозволувано да гледаме украинска пропаганда на телевизија. Повеќето денови само зјапавме во ѕидовите пред нас“, вели Антон, додавајќи дека бил преместуван трипати за време на неговото заробеништво.

Во еден момент, од него било побарано да сними интервју за неговото заробување со истакнат украински влогер. Украинските власти им дозволиле на новинарите и блогерите да интервјуираат руски затвореници. Снимката ја погледнаа стотици илјади луѓе на Јутјуб, но се појавија и критики за кршење на Женевската конвенција.

„Не можеш да кажеш не“

„Во таква ситуација, како затвореник, сфаќате дека навистина не можете да кажете не. Се согласувате на сè и покрај тоа што ви велат дека можете да одбиете“, рече Антон.

Конечно, во почетокот на април, на Антон му било кажано дека ќе биде заменет со украински војник.

Иако Русија и Украина извршија неколку размени на затвореници, ниту една земја не објави речиси никакви детали за механизмите за размена. На 4 април Украина објави дека држи околу 600 руски воени заробеници. Русија не објави точни бројки, но омбудсманката за човекови права кон крајот на март изјави дека во Русија има повеќе од 500 украински затвореници.

Тој број, во меѓувреме, значително се зголеми откако најмалку 1.000 украински борци, вклучително и членови на баталјонот Азов, беа префрлени на територијата под руска контрола кога руските сили ја зазедоа фабриката за челик Азовстал во Мариупол минатата недела. Украина соопшти дека борците на Азовстал ќе бидат вклучени во размената на затвореници, но некои руски официјални лица рекоа дека може да им се суди, па дури и да бидат погубени.

Според Антон, тој бил дел од размената „еден за еден“ во која учествувале уште 17 руски војници, која се одржала во близина на украинскиот град Мелитопол. Веднаш штом се вратил во Русија, безбедносните служби интензивно го испрашувале за времето поминато во Украина.

„Тие сакаа да знаат дали сè уште можат да ми веруваат. Тоа беше стандардна процедура“, рече Антон.

Но само неколку дена откако излегол од руската болница, ги почувствувал сите последици што времето во заробеништво ги оставило на неговиот ум и тело.

„За време на моето заробеништво ги блокирав повеќето мои емоции. Само се трудев да не размислувам за својот живот. Но сега имам ужасни соништа, едвај спијам. Многу се здебелив“, вели Антон за Гардијан.

Антон вели дека руските власти му дале околу 2.500 евра како надомест за повредите. Според рускиот воен закон, обичните војници не добиваат никаков посебен надомест за времето поминато во заробеништво, а се очекува Антон да се врати на служба откако ќе закрепне од повредите.

Сепак, по искуството во Украина, Антон сега ги бара начин засекогаш да ја напушти војската:

„Само сакам да си одам дома, човече, тоа е тоа. Сѐ што сакам е да си одам дома“.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Со францускиот предлог на патот кон ЕУ македонскиот народ ќе ја изгуби историската тапија врз сопствената свест и наследство.

повеќе

Ако пак се натури овој бесмислен консензус на Франција, кој ги признава сите емоции на Бугарија, тогаш оваа неспособна власт ќе не одведе подлабоко од сегашниот амбис.

повеќе

Во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени, во однос на претходниот предлог (кој Владата го нема објавено).

повеќе