Ројтерс: Кои се опциите на Путин по воените неуспеси во Украина

Рускиот претседател Владимир Путин сѐ уште го нема јавно искоментирано поразот на неговите сили во североисточна Украина, но е под притисок од домашните националисти да преземе иницијатива.

Фото: ЕПА

Тој нема многу опции за брзо закрепнување, а судејќи според западните разузнавачки информации и анализите од отворени извори, повеќето негови потенцијални чекори носат внатрешни и геополитички ризици, пишува Ројтерс.

Откако дојде на власт во 1999 година, исламските екстремисти во Чеченија и поширокиот регион на Северен Кавказ беа меѓу најжестоките вооружени сили со кои се соочи Путин. Во тој случај, тој избра ескалација со употреба на поголема сила.

Ројтерс наведува некои од неговите главни опции во Украина.

Стабилизација, прегрупирање, напад

Руските и западните аналитичари се согласуваат дека - од перспектива на Москва - руските сили мора итно да ја стабилизираат линијата на фронтот, да го запрат напредувањето на Украина, да се прегрупираат и, ако можат, да почнат контраофанзива. На Запад, сепак, постојат сомнежи дали Русија има доволно копнени сили или опрема, со оглед на бројот на жртвите што ги претрпе и количеството на опремата напуштена или уништена за време на, како што Русија ја нарекува, „специјалната воена операција“ за уништување на војската на Украина.

„Немаат доволно луѓе“, рече Конрад Музика, директор на консултантската фирма Рохан во Полска, по загубите што ги претрпе Русија на североисток.

„Волонтерските баталјони се ослабени, а кампањата за регрутирање не ги дава очекуваните резултати. Мислам дека ситуацијата само ќе се влоши бидејќи сѐ помалку луѓе ќе сакаат да се приклучат. Ако Москва сака повеќе луѓе, треба да изврши мобилизација.“

Напорите на Русија да го зголеми бројот на војниците што може да ги распореди вклучуваат формирање на нов 3-ти армиски корпус, нови сили предводени од чеченскиот лидер Рамзан Кадиров, а Путин минатиот месец потпиша декрет за зголемување на вооружените сили на Русија.

Путин ќе треба да одлучи дали ќе ги прифати барањата на националистичките критичари за отстранување или реорганизација на највисоките редови на војската, вклучувајќи го и неговиот близок сојузник, министерот за одбрана Сергеј Шојгу.

Путин во минатото не попушташе веднаш пред притисоците да отстрани некој свој подреден, но некогаш се случуваше по одредено време да се раздели со некого.

Мобилизација

Мобилизирањето на руските резервни сили, кои ги има околу два милиони мажи што ја отслужиле својата воена служба во последните пет години, е изводливо, но бара време за обука и распоредување луѓе.

Кремљ во вторникот соопшти дека „во овој момент“ не се размислува за општа мобилизација.

Таквиот потег би бил популарен кај националистите, но помалку популарен кај некои Руси во градските центри, кои, според анегдотските докази, помалку сакаат да ѝ се приклучат на борбата.

Тоа би значело промена на официјалниот наратив за Украина и тоа повеќе нема да се опишува како „специјална воена операција“ со ограничени цели, туку како отворена војна.

Тоа би ги принудило властите да се откажат од обидите да се осигурат дека животот на повеќето Руси ќе продолжи како пред 24 февруари, кога Путин ја нападна Украина.

Ставањето на Русија во целосна воена состојба со себе носи внатрешнополитички ризици, првенствено ризик од јавен отпор против присилната регрутација.

Тоа би претставувало и еден вид признание дека Русија води општа војна против друга словенска земја - и дека оваа војна оди лошо за Москва.

Андреј Кортунов, шеф на организацијата РИАК, блиска до руското Министерство за надворешни работи, рече дека верува оти властите не се подготвени да прогласат мобилизација.

„Во големите градови многу луѓе не сакаат да одат да се борат, а мобилизацијата веројатно нема да биде популарна“, вели Кортунов. „Второ, мислам дека е во интерес на Путин целата оваа работа да ја претстави како ограничена операција. Државата би сакала да зачува што е можно повеќе како што беше порано без да направи никакви радикални промени.“

Тони Брентон, поранешниот британски амбасадор во Русија, изјави за Ројтерс дека секако е неопходно да поминат месеци пред мобилизацијата да се одрази во борбената сила на Русија.

Се надева на „руската зима“

Два руски извори запознаени со размислувањата во Кремљ изјавиле за британската агенција минатиот месец дека Путин се надева дека вртоглавото зголемување на цените на енергијата и можниот недостиг од енергија оваа зима ќе ја убедат Европа да ја принуди Украина на примирје - под руски услови.

Сепак, некои европски дипломати веруваат дека неодамнешните успеси на Украина на бојното поле ги поткопаа напорите на некои Европејци да го принудат Киев да направи отстапки, додека се чини дека земјите како Германија заземаат построг став кон Москва во последните неколку недели и се порешени да ги надминат енергетските проблеми во текот на зимата.

Европската Унија го забрани увозот на руски јаглен и одобри делумна забрана за увоз на руската сурова нафта. Русија, пак, сериозно го намали извозот на гас во Европа и јасно стави до знаење дека би го забранила и целиот извоз на енергија, што е адут што Путин сѐ уште не го искористил.

Поразорни ракетни напади

По неуспехот во северозападна Украина, Русија со проектили ја гаѓаше енергетската инфраструктура на Украина. Ова предизвика привремен прекин на електричната енергија во Харков и соседните региони Полтава и Суми. Зафатени беа и водоснабдувањето и мобилните мрежи.

Овој потег беше поздравен од некои руски националисти, кои би сакале Москва да користи крстосувачки ракети за трајно да ја оневозможи инфраструктурата на Украина. Тој потег, како што пренесува Ројтерс, секако би предизвикал меѓународна осуда.

Националистите, исто така, долго време ја повикуваат Москва да ги нападне, како што ги нарекуваат, центрите за „донесување одлуки“ во Киев и на други места, што би било тешко да се постигне без огромна колатерална штета, наведува Ројтерс.

Укинување или заострување на договорот за житото

Путин се пожали дека договорот со посредство на ОН и Турција што ѝ дозволува на Украина да извезува жито и други прехранбени производи преку Црно Море е неправеден кон посиромашните земји и Русија.

Оваа недела рускиот лидер треба да разговара со својот турски колега Реџеп Таип Ердоган за промените на тој договор, кој ги носи мошне потребните приходи во украинскиот буџет. Ако Путин сака да ѝ нанесе брза штета на Украина, може да го суспендира или откаже договорот или да одбие да го обнови кога ќе истече во ноември. Западот и посиромашните земји во Африка и Блискиот Исток ќе го обвинат за влошување на глобалниот недостиг од храна. Тој ќе ја обвини Украина.

Фото: ЕПА

Мировен договор

Кремљ вели дека ќе му ги издиктира на Киев условите за каков било мировен договор кога ќе дојде време, додека украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека ќе употреби сила за да ја ослободи својата земја.

Зеленски рече дека тука е вклучен и Крим, кој беше анектиран од Русија во 2014 година. Москва постојано најавуваше дека статусот на Крим е решен засекогаш.

Предавањето на заробената територија во источна Украина во самопрогласената Народна Република Доњецк или Луганската Народна Република поддржани од Русија, исто така, изгледа политички невозможно за Москва, бидејќи таа формално ги призна.

Целосното „ослободување“ на овие самопрогласени држави од украинските сили беше една од главните причини наведени за „специјалната воена операција“.

Враќањето на заземените територии во јужна Украина, каде што Русија делумно контролира три области, исто така не би поминало добро кај домашната јавност, вели Ројтерс.

Јужниот регион Херсон се наоѓа директно на север од анектираниот Крим и таму се наоѓа каналот од кој полуостровот на Црно Море добива најголем дел од својата вода. Заедно со соседната област Запорожје, Херсон ѝ обезбедува на Русија копнен коридор преку кој може да го снабдува Крим, што Москва го истакна како главна добивка.

Нуклеарен потег

Руските владини претставници ги отфрлаат западните наводи дека Москва ќе користи тактичко нуклеарно оружје во Украина, но тоа, вели Ројтерс, сè уште загрижува некои на Западот.

Освен што ќе предизвика масовни жртви, таквиот потег може да предизвика опасна ескалација на настаните и формално да ги вовлече западните земји во директна војна со Русија.

Руската нуклеарна доктрина дозволува употреба на нуклеарно оружје доколку тоа - или други оружја за масовно уништување - се употреби против неа, или ако руската држава се соочи со егзистенцијална закана од конвенционалното оружје.

Во квазиавтобиографијата од 2000 година, Путин се сеќава како, растејќи во трошна станбена зграда во тогашниот Ленинград, со стап втерал стаорец во ќош и бил изненаден кога приклештеното животно му се нафрлило и ја свртело ситуацијата.

Брентон, поранешен британски амбасадор во Русија, предупреди дека приклештениот Путин може да се одлучи за нуклеарната опција доколку се соочи со понижувачки пораз без стратегија за излез.

„Доколку Русија се соочи со избор да води однапред загубена војна и да губи многу и Путин да почне да паѓа, или некаков вид нуклеарна демонстрација, не би се заколнал дека нема да го избере второто“, рече Брентон.

Пензионираниот американски генерал Бен Хоџис, поранешен командант на американските воени сили во Европа, се согласува дека тоа е ризик, но смета дека е малку веројатно.

„Тоа не би постигнало ништо на бојното поле, би било невозможно САД да застанат на страна и да не одговорат, а мислам дека ниту Путин ниту неговите најблиски советници немаат самоубиствени тенденции“, рече Хоџис.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Концептот на даночната реформа, кој го претставивме минатата недела на заедничка прес конференција со премиерот е дел од поголем процес за креирање на оптимален даночен систем кој ќе биде праведен и ќе го поддржи економскиот раст.

повеќе

Ракот на корупцијата и понатаму е ендемичен, а актуелната власт сè повеќе потпаѓа под лошите навики на претходниот режим на Никола Груевски.

повеќе

Ех какво време дојде, да се стремиме кон нула. Уште повеќе, да постигнеме нула.

повеќе