Републиканците ги осудија плановите на сопартијците да ги оспорат изборите во САД

Сегашни и поранешни функционери на американската Републиканска партија ги осудија силните напори на некои републиканци да ги оспорат претседателските избори, предупредувајќи дека обидите да се внесе сомнеж во победата на Џо Бајден и да се задржи Доналд Трамп во Белата куќа ја поткопуваат вербата на Американците во демократијата.

EPA-EFE

Трамп ја доби поддршката од десетина републикански сенатори и околу 100 републикански членови на долниот дом на американскиот Конгрес да се оспорат гласовите на електорскиот колегиум, кога Конгресот ќе се состане на заедничка седница на двата дома да ја потврди победата на Бајден со 306 електорски гласови наспротив Трамповите 232. Како што се приближува датумот на инаугурацијата на Бајден на 20 јануари, Трамп ги засилува напорите да го спречи традиционалното пренесување на власта, делејќи ја Републиканската партија.

И покрај тврдењата на Трамп за изборна измама, функционерите во сојузните држави наведуваат дека изборите се спроведени фер и дека нема докази за измама или други проблеми кои би го смениле резултатот на изборите. Сојузните држави ги потврдија изборните резултати како чесни и валидни. Од повеќе од 50 судски тужби кои претседателот и неговите сојузници ги поднесоа за да ги оспорат изборните резултати, речиси сите се отфрлени или не се ни прифатени. Тој двапати изгуби и на Врховниот суд.

Во телефонскиот повик кој беше објавен вчера, се слуша Трамп како врши притисок врз функционери на државата Џорџија да му „најдат“ повеќе гласови.

„Изборите 2020 се завршени“, се наведува во соопштението кое заедно го објави група од 10 сенатори од двете партии, вклучувајќи ги републиканците Сузан Колинс од државата Мејн, Лиза Маровски од Алјаска, Бил Касиди од Луизијана и Мит Ромни од Јута.

Сенаторите напишаа дека продолжувањето на напорите да се внесе сомнеж во изборите е „спротивна на јасно изразената волја на американскиот народ и само служи да ја поткопа довербата на Американците во веќе утврдените изборни резултати“.

Републиканскиот гувернер на државата Мериленд, Лери Хоган, кажа дека планот на членовите на Конгресот да ги отфрлат потврдените претседателски избори го подложува на потсмев американскиот систем и она што Американците го претставуваат. Поранешниот претседател на Претставничкиот дом републиканецот Пол Рајан кажа во соопштение дека „Бајденовата победа е сосема легитимна“ и дека напорите да се внесе сомнеж во изборите „удираат по темелите на нашата република“.

Невообичаениот предизвик за претседателските избори фрла сенка врз отворањето на новиот состав на Конгресот и се очекува дека Конгресот со тоа ќе се занимава во првите денови. Претставничкиот дом и Сенатот се состануваат во среда на заедничката седница за да го потврдат гласањето на електорскиот колегиум, што обично е рутинска постапка која сега, како што се очекува, ќе биде продолжена борба.

Трамп одбива да го признае поразот и расте притисокот врз потпретседателот Мајк Пенс да обезбеди негова победа додека претседава во обично церемонијалната улога на таа заедничка седница на Конгресот. Трамп исто така ги повикува поддржувачите на собир во Вашингтон. Трамп вчера на Твитер се огласи против изборните резултати и републиканците кои не се на негова страна.

Портпаролот на Бајденовиот транзициски тим Мајк Гвин ги отфрли напорите на сенаторите како игра која нема да го смени фактот дека Бајден ќе даде заклетва како нов претседател на 20 јануари.

Претседателката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси во писмо до колегите напиша дека иако нема сомнеж во победата на Бајден, нивна задача сега е „да убедат што повеќе Американци дека имаат доверба во американскиот демократски систем“.

Напорите да се оспорат резултатите ги предводат сенаторите Џош Хоули и Тед Круз. Единаесет сенатори предводени од Круз побараа одложување од десет дена за ревизија на тврдењата.

Меѓутоа, малку е веројатно дека тој потег ќе успее, бидејќи се очекува повеќето сенатори да ја потврдат победата на Бајден на гласањето, закажано за 6 јануари. Американскиот Конгрес тој ден треба да ја потврди одлуката на електорскиот колегиум кој го изгласа Бајден за нов претседател.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Јане бил свесен дека деновите му се одброени и отворено говорел за тоа. Знаел дека многумина имаат причина да го ликвидираат, дека им пречи во остварувањето на нивните „повисоки цели“.

повеќе

Во македонскиот интернет простор постојано се појавуваат и гаснат портали, со што засекогаш исчезнуваат и објавените содржини.

повеќе

Пред неколку недели се наврши една година од почетокот на пандемијата. Ковид-19 ги разоткри системските проблеми во здравствениот систем и другите институционални гранки на Косово.

повеќе