Пропаста на владетелот Си во борбата против короната

Серијата карантини може повторно да ја парализираат Кина и да ѝ нанесат удар на светската економија. И сето тоа затоа што Си Џинпинг ја следи стратегијата „нулта ковид“ и нема да увезува западни вакцини, пишува Александар Герлах во авторски текст за Дојче веле.

Фото: ЕПА

Илјада случаи на инфекција со корона беа регистрирани во источната кинеска провинција Анхуеј за време на викендот. Таа провинција се наоѓа на околу пет часа возење западно од Шангај.

Секој што сака од пристанишната метропола да стигне до Анхуеј со автомобил ќе мора да помине низ провинцијата Џиангсу. И таму бројот на заразени полека, но сигурно се зголемува. Надлежните се вознемирени. Во саботата воведоа карантин за 760.000 луѓе.

Откако беа откриени новите случаи, градот Јиу, јужно од Шангај, кој е најголемиот кинески извозник на божиќни и новогодишни украси, превентивно ги откажа летовите кон Пекинг.

Многу Европејци едвај и да слушнале за Анхуеј, Џиангсу и Јиу. А тие градови се од витално значење за светската трговија: повеќе од 35 отсто од соларните панели што се користат низ светот се произведуваат во Џиангсу. Таму се прават и важни компоненти за чипови и соларни ќелии.

Тој регион, делтата на реката Јангце, е срцето на кинеската економија, која штотуку почна да се опоравува од борбата со коронавирусот. Пред сè, од луѓето беше побарано да ја следат стратегијата „нулта-ковид“ на Си Џинпинг.

Кинескиот лидер неодамна потврди дека има намера да се држи до таа политика, која не е широко прифатена ниту во Комунистичката партија. Тоа подразбира затворање на цели станбени блокови, улици и делови од градови, во зависност од бројот на новозаразените лица. Жителите треба секојдневно да се тестираат, заразените се одвојуваат од нивните семејства.

Си Џинпинг не се откажува од мерките, имајќи предвид дека во Кина нема ефикасна вакцина против коронавирусот. Комунистичкото раководство одбива да купи ефективни вакцини во странство, бидејќи истото тоа раководство ги покрена гласините дека Американците ја донеле пандемијата во Кина.

Кога сега би се купиле американски вакцини, тоа за Си би значело губење образ. Вакцината на Бајонтек/Фајзер официјално сѐ уште е во фаза на тестирање во Кина. На крајот на јуни, списанието Нејчр објави статија според која и-РНК вакцината наскоро би можела да биде одобрена во Народната Република. Ако тоа се случи, земјата, исцрпена од стратегијата „нулта ковид“, би можела да здивне.

Би било крајно време, бидејќи има уште една важна причина: според германскиот магазин Шпигл, само во Шангај во јуни биле произведени 68.500 тони медицински отпад поради секојдневното тестирање стотици илјади луѓе.

Сето ова не се добри вести за властодржецот Си. Невработеноста кај младите одамна не била олку висока - 18,4 отсто. Поради пандемијата, Светска банка ја намали прогнозата за раст на 4,4 проценти.

Наесен ќе се одржи 20. Конгрес на Партијата, на кој Си сака да биде прогласен за апсолутен владетел. По пустошот што Мао ѝ го нанесе на Кина, на претседателите им беше дозволено да ја извршуваат функцијата само два мандати, максимум десет години.

Си сака да го промени тоа, за да ја води Кина на тоталитарен начин, ако е можно до својата смрт. На конгресот, Си најпрво ќе се осврне на потребата да продолжи да се справува со пандемијата. Но никој не очекува револуција, без оглед на растечкото незадоволство во земјата, која онлајн-критичарите ја нарекуваат „Западна Кореја“ поради политичкиот стил и едноумието на Си.

Сепак, може да се случи на некоја друга позиција, да кажеме премиерската, да биде избран некој што не е нужно близок со Си. Ова би требало да им сигнализира на населението и на светот дека не сите во Кина играат според правилата на Си. Но има уште доста до есента. Ако глобалните синџири на снабдување повторно се разнишаат поради Кина, тоа би можело да има влијание врз целиот свет.

Во земјата каде што почна пандемијата, политичката номенклатура сега мора да се соочи со одговорноста, која се однесува на благосостојбата на домашното население и трговските партнери низ светот и конечно да увезе вакцини од слободниот свет.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Сведоци сме деновиве на сензационална приказна за некаков американски тим кој, внимавајте, агресивно ќе ловел корупција во Македонија.

повеќе

Најавите на американската администрација за бескомпромисна  борба против овие корумпирани,  неспособни  и криминални структури на сите нивоа на државата за македонските граѓани се единствено светло во тунелот.

повеќе

Концептот на даночната реформа, кој го претставивме минатата недела на заедничка прес конференција со премиерот е дел од поголем процес за креирање на оптимален даночен систем кој ќе биде праведен и ќе го поддржи економскиот раст.

повеќе