Француските пратеници усвоија предлог закон

Ново кривично дело во Франција „школски булинг“: затворска казна за врсничко насилство

Францускиот парламент изгласа врсничкото насилство да се класифицира како кривично дело за што е одредена казна до три години затвор.

EPA-EFE

Пратениците порачаа дека на општеството му е потребен повик за тревога околу сериозноста на нападите на децата врз врсниците.

Министерот за образование Жан Мишел Бланкер кажа дека со тоа се испраќа силна порака на општеството дека „никогаш нема да прифатиме животите на нашите деца да бидат разурнати“. Се проценува дека едно од десет француски деца се изложени на малтретирање од врсници, а социјалните мрежи го зголемуваат потенцијалот за јавно потсмевање и понижување, пишува Гардијан.

Споменатиот закон во средата доби зелено светло во долниот дом на парламентот и беше испратен во горниот дом, Сенатот. Се очекува да биде усвоен во февруари, со што Франција ќе добие една од најстрогите казни за булинг во светот.

Еван Баленант, пратеник на партијата од центарот Модем (Демократско движење), кој го изработи нацрт-законот, кажа дека со него се испраќа силна порака до општеството за да се крене свеста за разорните ефекти на врсничкото насилство. Тој додаде дека новиот закон ќе помогне граѓаните да се едуцираат за булингот и превенцијата.

„Не станува збор за испраќање деца во затвор“, истакна Баланант. „Постои правосуден систем за малолетниците кој ја зема предвид возраста на обвинетиот и способноста за расудување“. Меѓутоа, истакна дека кривичните закони можат да постават „систем на вредности на едно општество“.

Новото кривично дело „школски булинг“ се однесува на деца и возрасни во училиштата и на универзитетите, а предвидена е тригодишна затворска казна и парична казна до 45.000 евра. Ако жртвата на малтретирањето во училиште почине, или се обиде да изврши самоубиство, максималната казна може да биде зголемена на десет години и 150.000 евра.

Во реалноста е малку веројатно дека законот ќе доведе до тоа голем број деца да добијат затворски казни, туку ќе постојат нови програми во заедниците кои ќе ја креваат свеста за булингот и кои би можеле да бидат предложени како алтернатива. Предлогот исто така ги зголемува ресурсите за превенција и едукација како и подобрување на одредбите децата да учествуваат во образовните програми за булинг. Некои пратеници кажаа дека ризикот од затвор и кривично досие ќе служи главно како одвраќање.

Предлогот го подржаа поголемиот дел од политичката десница и центарот, додека некои пратеници од левицата го критикуваа како премногу репресивен. „Не поддржуваме криминализирање на малолетниците и зголемување на репресијата“, изјави социјалистичката пратеничка Мишел Виктори.

Други пратеници го поставија прашањето дали таквиот закон би бил ефикасен. За булингот во Франција веќе постои механизам за кривично гонење, врз основа на законот кој го криминализира вознемирувањето, кажаа противниците.

Гардијан потсетува дека неколку случаи на врсничко насилство завршија трагично во Франција годинава, вклучувајќи го самоубиството на 14-годишна девојка во источната област Алзас во октомври. Мајката на девојчето за локалните медиуми изјави дека нејзината ќерка била изложена на расистичко и хомофобно малтретирање и дека другите ученици од одделението ја изолирале и исклучиле.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Продолжува активноста на копачите, крановите и мешалките за цемент додека самите Албанци се протерувани од градот. 

повеќе

После речиси две години очигледно е дека менталното здравје на вработените е исто важно како и нивното физичко здравје. Сега повеќе од било кога, неопходен е силно развиен систем за управување со човечки ресурси.

повеќе

Јазикот е многу повеќе од структура на една реченица или граматика, јазикот е нашата историја, нашите обичаи и нашето наследство...

повеќе