Радикална промена во динамиката на моќта меѓу Русија и Кина

Новиот кинески вазал: Владимир Путин

Кога претседателот Мао Цетунг дојде да го посети советскиот диктатор Јосиф Сталин во зимата 1949 година, тој беше потчинетиот молител. Сталин го пушти со недели да чека во неговата снежна дача Број 2, 27 километри надвор од Москва, каде што понижениот и крут кинески лидер се жалеше на сè, од квалитетот на рибата до неудобниот душек.

Фото: ЕПА

Кога двајцата комунистички лидери се фатија за работа, Сталин со силеџиство постигна мошне поволен договор според кој Мао беше принуден да купи руско оружје и тешка машинерија со кредит, за кој Пекинг мораше да плаќа камата, вели Политико.

Седум децении подоцна, динамиката на моќта е радикално сменета. Непосредно пред да ја нападне Украина, рускиот претседател Владимир Путин отпатува во Пекинг на Зимските олимписки игри за да прогласи „безгранично пријателство“ со кинескиот лидер Си Џинпинг. Деновиве, сепак, нема сомнеж кој е вистинската велесила во таа врска.

Кинеската економија од 18 трилиони долари сега е десет пати помоќна од руската. Пекинг ќе ги држи речиси сите добри карти кога ќе ги поставува условите за спасувачката програма од големиот брат.

Бидејќи Русија се соочува со слабеење на економијата под санкциите и европското ембарго за нафта, Кина е очигледниот потенцијален добротвор кон кој Путин ќе се сврти.

Си го споделува Путиновото непријателство кон Западот и НАТО, но тоа не значи дека ќе нуди безусловна милостина. Главната стратегиска грижа на Кина се просперитетот и безбедноста на Кина, а не спасувањето на Русија. Пекинг најверојатно ќе купи барем дел од нафтата пренасочена од Европа, но само со огромен попуст од светските цени.

Кина ќе ѝ помогне на Русија само до степен до кој нема да привлече санкции и да ја загрози сопствената способност да им продава стоки на богатите земји во Северна Америка и ЕУ.

Мошне јавно партнерство

Јавно, Кина силно демонстрира политичка солидарност со Москва. Ја зголеми вкупната трговија со Русија, суштински ја напушти Украина, ги прошири финансиските трансакции без употреба на долари или евра и ја удвои идната соработка за развој на воена технологија додека спроведува заеднички вежби во регионот на Пацификот.

Сергеј Лавров, рускиот министер за надворешни работи, призна дека иднината на неговата земја е во Кина, велејќи: „Сега кога Западот зазеде ‘диктаторска позиција’, нашите економски врски со Кина ќе растат дури уште побрзо“.

Се чини дека и самиот Си му е голем обожавател на Путин на лично ниво. Јун Сун, директорот на кинеската програма во Центарот Стимсон, ова го нарекува негов „руски комплекс“. (Од избувнувањето на војната, Си по телефон има разговарано само со Путин, а не и со неговиот украински колега, Володимир Зеленски.)

Сепак, постојат доста сериозни ограничувања во таканаречените „безгранични“ односи. Барем засега, Кина им истакнува на западните земји дека не ѝ продава оружје или делови за авиони на Русија. Пекинг не сака и самиот да биде предмет на санкции, па затоа постави граници во односите. Она што е уште позагрижувачко за Путин е што Кина ќе постави висока цена за својата поддршка. Пекинг, на пример, сака да ја ограничи руската екстремно профитабилна продажба на оружје на Индија, кинескиот ривал од другата страна на Хималаите.

„Во едно сосема поинакво сценарио од она од Студената војна, Русија би ѝ била помладиот партнер на помоќната Кина. Тоа ќе го нервира Путин“, вели Метју Круниг, заменик-директор на Центарот за стратегија и безбедност Скаукрофт при Атлантскиот совет.

Улогата на втора виолина не е сценариото што го замисли Путин кога реши да ја нападне Украина во февруари, мотивиран од желбата да ја врати загубената слава на својата нација.

Сепак, тој требаше да го предвиди тоа. Кина е земја опседната со исправање на историските понижувања и враќање на својата позиција на глобален лидер. Времето кога Советскиот Сојуз беше идеолошки - и економски - супериорен во однос на комунистичка Кина одамна помина. Хуавеи ги гради руските 5Г-мрежи, додека Русија има потреба од кинеска соработка во сè, од деловите за авиони до размената на валути. Важно е да се истакне дека не само САД и Европа воведуваат санкции кон Москва, туку и други големи азиски економии: Јапонија, Јужна Кореја и Сингапур.

Андреј Кортунов, генерален директор на Рускиот совет за надворешни односи со седиште во Кремљ, се сомнева дека руската елита би сакала да ѝ служи на Кина како помал партнер. Сепак, тој не гледа многу алтернативи. „Од почетокот на конфликтот, Русија има потреба од Кина повеќе од претходно, бидејќи Кина на многу начини е единствената достапна, бидејќи економските врски меѓу Русија и Западот се прекинати и тие воведоа санкции кон Русија.“

Сурови пресметки

Можеби најголемото прашање за Кина е колку далеку ќе оди за да му помогне на Путин да го надмине ембаргото на ЕУ за руската нафта. Оваа европска забрана ќе направи голема дупка во рускиот буџет доколку не се вклучат други големи купувачи.

Во одлуката за тоа колку нафта да купи, Пекинг има огромна предност кон Москва.

Русија и Саудиска Арабија веќе се двата најголеми добавувачи на нафта во Кина. Во мај, увозот на руска сурова нафта по морски пат во Кина достигна највисоко ниво во последните две години со 1,14 милиони барели дневно, што е повеќе од 800.000 барели дневно во 2021 година, според Вортекса аналитикс.

Сепак, ова повеќе може да се објасни како чисто практичен економски потег на Кинезите, а не како израз на политичка солидарност. Поради меѓународните санкции, трговците ја избегнуваат руската сурова нафта, што доведува до блага презаситеност, а како резултат на тоа Русија ја продава нафтата за 20 до 30 долари поевтино од цените на меѓународните берзи.

Со оглед на тоа што Кина увезува над 10 милиони барели дневно, секако има простор за купување дополнителни количества, особено во време кога се обидува да ја рестартира економијата и постепено да ги укине мерките воведени поради пандемијата во клучните градови како Шангај. Но Русија на ЕУ ѝ продаваше околу 2,4 милиони барели дневно. Со оглед на кинеската безбедносна загриженост да не создаде прекумерна зависност од поединечни добавувачи, малку е веројатно дека Кина одеднаш ќе почне да ја купува целата нафта што Русија сега ја има во изобилство.

На сличен начин Кина има предност кога е во прашање гасот. Непосредно пред да ја нападне Украина, Путин потпиша договор со Си во кој се согласи да го зголеми извозот на природен гас на 48 милијарди кубни метри годишно, од скромните 4,1 милијарди кубни метри во 2020 година. Русија, исто така, планира нов гасовод, Сибирска моќ 2, благодарение на кој би се олеснило пренасочувањето на извозот на рускиот гас од Европа во Кина.

„Сепак, проблемот е што Кина ги држи сите карти во овие преговори“, рече во мај Никос Цафос, главен советник за енергија на грчкиот премиер. „И како прва рута на Сибирска моќ, Кина жестоко ќе се пазари. Засега не е познато дали Кина е подготвена за договор. Русија веројатно ќе понуди многу примамливи услови - ако ништо друго барем од очај. Но дали Кина ќе ги прифати? Ќе биде намамена од поволната цена или добро ќе размисли дали во овој момент треба да ја зголемува зависноста од Русија?“

Патот на оружјето

Потребата на Русија за сојузник се совпаѓа со растот на кинеската самодоверба. Колку е поизолирана Москва, толку повеќе ќе мора да ѝ помага на Кина во нејзините геополитички амбиции.

Кинеските власти со години тивко лобираат кај руските колеги да ја намалат продажбата на оружје за Индија, која повремено имаше крвави гранични спорови со Пекинг.

Помеѓу 2017 и 2022 година, Индија беше најголемиот пазар за рускиот извоз на оружје, по што следи Кина, според податоците на Меѓународниот институт во Стокхолм. Борбата со индиски војници вооружени со руска опрема можеби нема да ѝ биде забавна на Кина, но секако е профитабилен бизнис за Русија.

Пред војната „Русија беше многу тврдоглава и ќе речеше, ‘О, вие Кинезите не сте во позиција да ни диктирате кому ние ќе му продаваме оружје’. Сепак, мислам дека Кина за пет години ќе биде во таа позиција“, вели Александар Габуев, експерт за кинеско-руски односи во Карнеги организацијата за меѓународен мир.

Што се однесува на Индија, таа се обидува да одржува отворени односи со Путин. Њу Делхи, исто како и Пекинг, ја граба евтината нафта, иако во исто време сака да одржува силни односи со САД.

„Русија ослабена од војна и санкции, но не хаотична и нестабилна, е долгорочниот интерес на Кина“, вели Бобо Ло, поранешен заменик-шеф на австралиската мисија во Москва, кој сега работи во Институтот Лауи. „Изолацијата на Русија дополнително ќе ја турне во позиција на помлад партнер во овој однос, истовремено зголемувајќи ја нејзината економска и стратегиска зависност од Кина.“

Доминантна позиција

Денешната промена во односот на силите би изгледала невообичаена за оние што ја пееја „Интернационалата“ во Москва во повоениот период.

На крајот на краиштата, СССР и Народната Република со децении имаа тешки односи, и покрај нивната наводна идеолошка блискост.

„Во текот на 1950-тите, фактот дека Кина беше помладиот партнер апсолутно беше многу непријатен, бидејќи во Пекинг преовладуваше мислењето дека Москва премногу често е позагрижена за односите со Западот по цена на односите со Кина“, вели Џозеф Торигиан, автор на „Престиж, манипулација и принуда“, нова книга за Сталин и Мао. „Во случајот со Сталин и Мао, Сталин беше учител, тој беше титанот на комунистичкото движење. Кога Сталин почина, Мао го презираше Хрушчов како некој што не ја разбира идеологијата. Кога Денг Сијаопинг го запозна Горбачов, Денг наводно мислел дека Горбачов е идиот“.

Иако Си и Путин имаат подобри лични односи од своите претходници, тие исто така имаат различни ставови за идната улога на нивните земји во светот.

Целосниот фокус на Си е кон обезбедувањето трет претседателски мандат, вооружен со приказната дека ќе ја направи Кина - пазар длабоко испреплетен со Западот - попросперитетна и дека со време ќе ги претрка САД и ќе стане најголемата светска економија. Санкциите би го уништиле тој план.

Од друга страна, Путин е во потешка ситуација. Тој со задоволство ќе земе сѐ што ќе му понуди Кина, имајќи ги предвид околностите во кои сега се наоѓа неговата земја - дури и ако тоа значи дека Русија ја гледаат како помалиот партнер на Кина.

„Проблемот е што тој навистина го гледа конфликтот во Украина како клучен во борбата за опстанокот на неговиот режим“, рече Габуев. „Има толку многу емотивна визија за важноста на војната во Украина и казнувањето на Американците со неа, особено затоа што помошта на американската војска, обезбедувањето оружје, споделувањето деликатни разузнавачки податоци... помагаат да се убијат многу руски војници.“

„Тој помалку се плаши Кина да го држи во џеб, бидејќи фокусот всушност е на борбата против САД. Ако Кина ги даде потребните ресурси - а во исто време не се меша во внатрешните работи на Русија - тоа е цената што тој се согласува да ја плати за да ја продолжи својата антиамериканска кампања“.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Неколку години при здрав разум сакаат да ни наметнат и да нѐ убедат дека со соседна Бугарија сме имале заедничка историја. 

повеќе

Деновиве во Комората пристигна нацрт-концептот за даночни реформи, кој треба да претставува основа за јавна расправа во наредниот период.

повеќе

Концептот е насочен кон креирање на оптимален даночен систем, кој ќе го поддржи економскиот раст, а со тоа и животниот стандард на нашите граѓани.

 

повеќе