Њујорк тајмс

Низ светот се шири „најголемото чудовиште“. А не е коронавирусот

Туберкулозата убива 1,5 милион луѓе секоја година. Карантините и прекинот на синџирите на снабдување се закана за напредокот постигнат против оваа болест, како и против ХИВ и маларијата.

Почнува со блага треска и слабост, проследена со болна кашлица и отежнато дишење. Инфекцијата се шири меѓу луѓето и се пренесува на лица во непосредна близина. За сузбивање на епидемијата е потребна потрага по контакти, како и изолација и лекување на болните со недели или месеци.

Оваа подмолна болест се појави во сите делови на светот. Тоа е туберкулозата, најголемиот инфективен убиец во светот, кој одзема 1,5 милиони животи годишно, пишува Апорва Мандавили за Њујорк тајмс.

Сè до оваа година, туберкулозата и нејзините смртоносни пријатели ХИВ и маларија постојано напредуваа. Данокот од овие болести во претходната деценија беше највисок во 2018 година, што е и последната година за која има достапни податоци. Но кога пандемијата на коронавирусот почна да се шири низ целиот свет и да ги преплавува светските здравствени ресурси, овие генерално занемарени непријатели почнаа да се враќаат.

„Ковид-19 се заканува да гo поништи целиот наш труд и да нè врати назад таму каде што бевме пред 20 години“, вели д-р Педро Л. Алонсо, директор на Глобалната програма за маларија на Светската здравствена организација (СЗО).

И не само што коронавирусот го одвлече научното внимание од туберкулозата, ХИВ-от и маларијата. Карантините, особено во делови од Африка, Азија и Латинска Америка, кренаа непремостливи пречки за пациентите што мораат да патуваат за да добијат дијагноза или лекови, покажуваат разговорите со десетици здравствени службеници, лекари и пациенти низ целиот свет.

Стравот од коронавирусот и затворањето на клиниките одвратија многу пациенти што се борат со ХИВ, туберкулоза и маларија, додека ограничувањата на воздушното и морското патување сериозно ја ограничуваат испораката на лекови до најтешко погодените области. Околу 80 проценти од програмите за туберкулоза (ТБ), ХИВ и маларија низ светот пријавиле прекини во услугите, а 25 проценти од луѓето што живеат со ХИВ пријавиле проблеми со достапноста на лековите, според бројките на ООН.

Прекините или доцнењето во лечењето може да доведат до отпорност кон лековите, што и онака е огромен проблем во многу земји.

Во Индија, во која живеат 27 проценти од сите пациенти со ТБ во светот, дијагнозите опаднаа за скоро 75 проценти од почетокот на пандемијата. Во Русија клиниките за ХИВ беа пренаменети за тестирање коронавирус.

Сезоната на маларија почна во Западна Африка, во која се случуваат 90% од сите смртни случаи од маларија во светот, но вообичаените стратегии за превенција (дистрибуција на креветски мрежи со инсектициди и прскање со пестициди) се оневозможени поради карантинот.

Според една процена, тримесечниот карантин во различни делови на светот и постепеното враќање во нормала во траење од 10 месеци може да резултираат со уште 6,3 милиони случаи на туберкулоза и 1,4 милион смртни случаи од неа.

Шестмесечен прекин на антиретровиралната терапија може да предизвика дополнителни над 500.000 смртни случаи од болеста поврзана со ХИВ, според податоците на СЗО. Вториот модел на СЗО предвидуваше дека во најлош случај, бројот на смртните случаи од маларија може да се зголеми на 770.000 годишно.

Неколку експерти за јавно здравје, некои и со солзи во очите, предупредуваат дека ако продолжат ваквите трендови, коронавирусот може да го поништи повеќегодишниот, можеби и повеќедеценискиот макотрпен напредок во борбата против туберкулозата, ХИВ и маларијата.

Глобалниот фонд, јавноприватно партнерство за борба против гореспоменатите болести, проценува дека ќе бидат потребни најмалку 28,5 милијарди американски долари за да се ублажи оваа штета, а таа сума ќе биде многу тешко да се собере.

 

Задоцнето дијагностицирање

Ако историјата ни е репер, влијанието на коронавирусот врз сиромашните ќе се чувствува долго откако ќе заврши пандемијата. Социоекономската криза од раните 90-ти во Источна Европа, на пример, доведе до највисоки стапки на оној вид туберкулоза отпорна на повеќе лекови, а така е дури и денес.

Појдовна точка во овој деструктивен синџир на настани е недијагностицирањето: колку подолго лицето е недијагностицирано и колку подоцна почне лекувањето, толку е поголема веројатноста дека болеста ќе се прошири и ќе убие.

Кај маларијата, и краткото одложување на дијагнозата може да доведе до фатален исход, понекогаш само 36 часа по почетокот на треската. „Тоа е една од оние болести што не можеме да си дозволиме да ги чекаме“, рече д-р Алонсо.

Загрижена поради ширењето на маларијата во Западна Африка, СЗО сега размислува да му даде антималариски лекови на целото население - крајна стратегија што се користеше за време на епидемијата на ебола во Западна Африка и бунтот на Боко Харам.

Низ цела супсахарска Африка сè помалку жени доаѓаат во клиниките за дијагностицирање на ХИВ. Еден шестмесечен прекин на пристапот до лекови што спречуваат ХИВ-позитивните мајки да им ја пренесат инфекцијата на новороденчињата може да доведе до зголемување на ХИВ-инфекцијата кај деца до 139 проценти во Уганда и 162 проценти во Малави, според бројките на ООН.

Сè помалиот капацитет на дијагностицирањето може да има најголемо влијание врз туберкулозата и да доведе до сериозни последици за домаќинствата, бидејќи бактеријата, исто како и коронавирусот, најефикасно се шири преку воздухот во затворен простор и меѓу луѓе во близок контакт.

Секое лице заболено од туберкулоза може да зарази 15 други лица за една година, што ја зголемува шансата заразеното лице да продолжи да ја шири болеста во заедницата откако ќе заврши карантинот. Изгледите се особено загрижувачки во густо населените области со високи стапки на туберкулоза, како што се фавелите во Рио де Жанеиро или градовите во Јужна Африка.

„Колку повеќе недијагностицирани и нетретирани случаи оставаме, толку повеќе ќе ги имаме во наредните години“, вели Лучица Дитиу, која го предводи Партнерството Стоп за ТБ, меѓународен конзорциум од 1.700 групи за борба против болеста.

Инфраструктурата за дијагностицирање на ХИВ и туберкулоза е придобивка за многу земји што се борат со коронавирусот. Џинексперт, алатка што се користи за откривање на генетскиот материјал од туберкулоза и ХИВ бактерии, може да ја зајакне и коронавирусната РНК за дијагностицирање.

Но повеќето клиники сега ги користат машините само за да бараат коронавирус. Давањето предност на коронавирусот на штета на туберкулозата „е многу глупаво од јавноздравствена перспектива и треба да бидете паметни и да ги следите и двете“, рече д-р Дитиу.

Во многу земји, пандемијата резултираше со остар пад на дијагностицирањето туберкулоза: 70 проценти во Индонезија, 50 проценти во Мозамбик и Јужна Африка и 20 проценти во Кина. Кон крајот на мај, како што растеше инфекцијата со коронавирусот, бројот на дијагностицираните со туберкулоза во Мексико се намали на 263, од 1.097 во истата недела минатата година.

Д-р Џорџо Фрањути, извршен директор на Медикал импакт, активистичка група од Мексико, обично работи во далечните мексикански џунгли, дијагностицирајќи и лекувајќи туберкулоза кај народот Лакандон. Без можност да патува поради пандемијата, тој работел во импровизирана воена болница во Мексико Сити и ги лекувал пациентите со ковид-19. Таму видел девет пациенти што искашлуваат секрети, што е карактеристика на туберкулозата, кои почнале неколку месеци претходно, но се сметало дека имаат ковид-19. Пациентите подоцна го добиле коронавирусот во болницата и сериозно се разболеле. Најмалку четворица починале.

„Никој повеќе не тестира туберкулоза. Умот на клиничарите во Мексико, како и на политичарите, е заглавен на ковид-19. Туберкулозата е најголемото чудовиште од сите. Ако зборуваме за умирања и пандемии, има десетици милиони смртни случаи секоја година. Ковид-19 не доаѓа ни приближно до тој број“, вели Фрањути.

Индија воведе карантин на 24 март, а владата им нареди на јавните болници да се фокусираат на ковид-19. Многу болници ги имаат затворено диспанзерите за други болести.

Ефектот врз дијагностицирањето туберкулоза се виде веднаш: бројот на новите случаи од 25 март до 19 јуни беше 60.486, во споредба со 179.792 во истиот период минатата година.

Пандемијата го наруши и снабдувањето со дијагностички тестови за овие болести бидејќи компаниите се вртат кон производство на поскапи тестови за коронавирусот. Цефеид, производител на тестови за туберкулоза во Калифорнија, комплетно се сврте кон правење тестови за коронавирус. Компаниите што произведуваат дијагностички тестови за маларија го сторија истото, откри д-р Катарина Боем, директорка на Фондацијата за иновативна нова дијагностика. Тестовите за коронавирусот се многу попрофитабилни бидејќи чинат 10 долари, во споредба со 18 центи колку што чини брзиот тест за маларија.

„Овие компании сега се соочуваат со огромна побарувачка поврзана со ковид-19. Јас не можам ни да замислам болестите на сиромашните да добијат такво внимание“, рече д-р Мадхукар Паи, директор на меѓународниот ТБ центар Мекгил во Монтреал.

 

Проблеми со лекувањето

Пандемијата ја попречи достапноста на лекови за ХИВ, туберкулоза и маларија низ целиот свет затоа што синџирот на снабдување е нарушен, производствените капацитети се пренасочени и има физички пречки за пациентите што мораат да патуваат до оддалечени клиники за да добијат лекови. Сето ова принудува некои пациенти да штедат на лекови и со тоа да го загрозат сопственото здравје.

Во Индонезија официјална практика е за пациентите со ХИВ одеднаш да ја примаат месечната залиха на лекови, но во последно време е тешко да се добие антиретровирусната терапија надвор од Џакарта.

Дури и во градот, некои луѓе ја растегнуваат својата месечна залиха на два месеци, вели Сепи Маулана Ардјансјах, активист на групата „Инти муда“.

Ардјансјах тоа го сторил и самиот, иако е свесен дека го загрозил своето здравје. „Оваа пандемија и оваа недостапност на лековите влијаат врз нашето ментално здравје и општата здравствена состојба“, вели Ардјансјах.

Луѓето што живеат со ХИВ се изложени на ризик од развој на отпорност на лекови

За време на карантинот во Најроби, ХИВ-позитивниот Томас Вуото позајмил антиретровирусни апчиња од својата сопруга, која исто така е заразена со ХИВ. Како волонтер едукатор за ХИВ, Вуото многу добро знаел дека со мешање и прескокнување на терапијата, ризикува отпорност кон лековите. Кога конечно успеал да дојде во Окружната болница Мбагати, тој веќе 10 дена бил без лекови за ХИВ, првпат од 2002 година.

Луѓето со ХИВ или со туберкулоза што ги прескокнуваат лековите имаат поголеми шанси потешко да се разболат на краток рок. На долг рок, постојат голем број други загрижувачки последици, како што се подем на формите на болеста отпорни на лекови. Пациентите што веќе се отпорни на лекови против ТБ внимателно се следат за време на третманот, но оваа практика генерално прекина за време на пандемијата.

Според СЗО, најмалку 121 земја пријавиле пад на бројот на пациенти со ТБ што посетуваат клиника откако почна пандемијата, што е закана да се поништи макотрпно постигнатиот напредок.

„Ова е навистина тешко да се свари. Беше потребен огромен труд за да се дојде до ова. Ние не бевме на врвот на планината, но бевме далеку од подножјето. Но сега се појави лавина и нè враќа на дното“, вели д-р Дитиу.

На многу места толку брзо беше прогласен карантин што залихите на лекови веднаш беа исцрпени. Мексико веќе имаше лекови со поминат рок во својата залиха, а поради пандемијата, овој проблем е дополнително влошен, открива д-р Фрањути.

Во Бразил, лековите против ХИВ и туберкулоза ги набавува и ги дистрибуира Министерството за здравство. Но Бразил е погоден од коронавирусот, па дистрибуцијата на овие лекови станува сè потешка, а здравствените работници мораат да се справуваат со товарот на пандемијата.

Дури и ако националните влади, со некаква помош од хуманитарните организации, се подготвени со месеци однапред да купат лекови, глобалните залихи може наскоро да пресушат. Пандемијата го ограничи меѓународниот транспорт и ја наруши не само достапноста на хемиските состојки и суровините, туку и на амбалажите.

„Нарушувањето на синџирот на снабдување е нешто што навистина ме загрижува кога станува збор за ХИВ, туберкулоза и маларија“, вели д-р Карлос дел Рио, претседател на научно-советодавниот комитет на Вонредниот план на претседателот да им се помогне на луѓето со СИДА.

Треската по хлорокин како потенцијален лек за коронавирусот доведе до трупање на лекот во некои земји како Мјанмар и намалување на неговата глобална залиха.

Повеќе од 80 проценти од светските резерви на антиретровирусни лекови доаѓаат од осум индиски компании. Само нивните трошоци би можеле да пораснат за 225 милиони американски долари годишно, како резултат на недостигот од залихи и работна сила, отежнатиот транспорт и непостојаноста на валутата, покажуваат бројките на ООН.

Исто така, постои реален ризик индиските компании да се свртат кон попрофитабилни лекови или да не можат да ја исполнат глобалната побарувачка затоа што работниците, бегајќи од коронавирусот, ги напуштија градовите.

Индиската влада дури може да одлучи да не извезува лекови против ТБ, чувајќи ги резервите за своите граѓани.

Хуманитарните организации и националните влади се обидуваат да ублажат дел од штетите со заштеда на потрошниот материјал и складирање лекови. Во јуни СЗО ги смени своите препораки за третман на туберкулозата отпорна на лекови. Наместо 20-месечни инјекции, пациентите сега можат да земаат таблети девет до 11 месеци. Оваа промена значи дека пациентите не мора да патуваат до клиниките, кои сè повеќе се затвораат поради карантините.

Повеќе од половина од 144 земји што доставиле податоци до СЗО откриваат дека на пациентите им дале тримесечна доза на лекови за ХИВ, а некои земји, како што е Јужен Судан, и шестмесечна доза, за да ги намалат нивните патувања до болница. Но сè уште не е јасно дали овие тактики се успешни.

Во некои земји, како што се Филипините, активистичките групи формираат магацини за пациентите оттаму да ги земаат антиретровирусните апчиња или организираат достава до нивните домови.

Во помал број земји, како што е Јужна Африка, повеќето пациенти веќе ги земаат лековите од центрите во заедниците, а не од болниците, вели д-р Салим С. Абдул Карим, глобален здравствен експерт од Јужна Африка и претседател на советодавниот комитет на владата за ковид-19. „Тоа на некој начин е важна предност.“

 

Каде грешиме?

Пандемијата откри и длабоки пукнатини во здравствените системи во многу земји. Во Зимбабве, вработените во јавните болници дури и пред пандемијата работеа со скратено работно време, бидејќи владата не можеше да си дозволи да им исплати целосна плата. Во некои болници, како што е Централната болница Сали Мугабе во Хараре, која работеше на половина капацитет поради проблеми со снабдувањето со вода, оттогаш се затворени амбулантските одделенија каде што пациентите со туберкулоза и ХИВ ги добиваа лековите.

„Болниците функционираат само во итни случаи“, вели д-р Тапиева Мунгофа, лекар во споменатата болница во Хараре.

Состојбата не е подобра ни во КваЗулу-Натал, кој има најголема застапеност на ХИВ во Јужна Африка. Д-р Золелва Сифумба била тинејџерка кога гледала сцени на пациенти што умираат од СИДА. Со текот на годините, таа повторно почнува да гледа такви пациенти со тешки форми на СИДА.

„Гледаме дека луѓето доаѓаат кај нас во претсмртна фаза. Каде грешиме?“

Некои оддалечени делови на светот се тешко погодени од коронавирусот, но поради нивната оддалеченост е невозможно да се процени влијанието на пандемијата врз други смртоносни заболувања.

Градот Табитана во Амазон, најголемата држава во Бразил, е оддалечен повеќе од 1.600 километри од најблискиот град со одделение за интензивна нега, Манаус. Бразилската влада користеше авиони за транспорт на пациентите со коронавирус во Манаус, но многу случаи не се дијагностицирани, според д-р Марсело Кордеиро-Сантос, истражувач во Фондацијата Тропска медицина во Манаус.

По препорака на бразилското Министерство за здравство, болниците им даваат хлорокин на лицата со ковид-19, иако сега има докази дека тоа не помага, па дури може да биде и штетно.

Хлорокинот е и главен лек против маларијата, а неговата неселективна употреба може да доведе до отпорност кон лекот, предупредува д-р Кордеиро-Сантос, што може да има сериозни последици за оние што ќе се заразат во иднина. Сепак, тој додаде дека сеопфатната дистрибуција на хлорокин може да им помогне на жителите на Амазон да се заштитат од маларијата.

Други експерти се надеваат дека пандемијата на коронавирусот ќе донесе и некои позитивни ефекти. Хуманитарните агенции веќе долго време ги советуваат земјите да купуваат лекови на големо и одеднаш да им ги дистрибуираат повеќемесечните залихи на своите граѓани. Некои влади сега размислуваат истото да го направат и со ХИВ, според д-р Доерти од СЗО.

Давателите на здравствени услуги, исто така, сега почнаа да прифаќаат советување и лекување на пациентите преку видео и телефонски повици, што за многу луѓе е полесно отколку патувањето до оддалечените клиники.

„Понекогаш системите тешко се менуваат, но мислам нема подобро време за менување на системот од криза, нели?“ заклучува д-р Дел Рио.

Објавено

Сабота, Август 8, 2020 - 18:08

Време е за коренити промени на економскиот систем во Хрватска.

повеќе

Јавното здравје и економијата одат заедно и во време на пандемија, па затоа најдобриот начин да ѝ се помогне на економијата во оваа криза е ако се воведат адекватни рестрикции за пандемијата да се стави под контрола.

повеќе

Стопанската комора на Македонија со донесувањето на 4-тиот сет на мерки гледа остварување на ветеното дека Владата на РСМ и во услови на здравствено- економска криза ќе стои зад компаниите.

повеќе