Податоци од истражувањата на ковид-19

Незаразени деца имаат антитела, која е Ахиловата петица на вирусниот протеин и други објавени научни тези за коронавирусот

Веб-страницата Нејчр пребарувала низ литературата за новиот коронавирус - и ги сумира клучните научни трудови што досега излегле за него.

9 ноември – Незаразени деца имаат антитела против коронавирусот

Научниците откриле антитела што го препознаваат САРС-КоВ-2 во крвта на луѓе што никогаш не се заразиле со вирусот. За децата е особено веројатно да имаат вакви антитела, што може да објасни зошто повеќето заразени деца имаат лесна или никаква болест.

Не се знае дали некоја претходна зараза со некој од „сезонските“ коронавируси – што ја предизвикуваат обичната настинка – штити од САРС-КоВ-2 или од неговите тешки симптоми. Џорџ Касиотис од институтот Франсис Крик во Лондон и неговите колеги анализирале примероци на крв и од возрасни и од деца што не биле заразени со новиот вирус. Примероците биле собрани или пред да почне пандемијата или веднаш штом вирусот го почна својот глобален марш.

Тимот открил дека приближно 5% од 302 незаразени возрасни учесници имаат антитела што го препознаваат САРС-КоВ-2. Такви антитела имале повеќе од 60% од незаразените учесници на возраст од 6 до 16 години - возрасна група во која најчесто се среќаваат антитела кон сезонските коронавируси. Повеќето примероци од крв од незаразени лица што имале антитела кон САРС-КоВ-2, во лабораториските садови го спречиле новиот коронавирус да ги зарази клетките.

6 ноември - Вакцина што го имитира коронавирусот предизвикува моќни антитела

Кандидатот за вакцина против ковид-19 направен од ситни вештачки честички може да биде помоќен од другите водечки варијации во активирањето заштитен имунолошки одговор.

Дејвид Вислер и Нил Кинг од Универзитетот во Вашингтон во Сиетл и нивните колеги дизајнирале микроскопски честички во форма на топка што ја имитираат структурата на вирусот. Истражувачите споиле 60 копии на шилестиот протеин на САРС-КоВ-2 - делот од вирусот што му овозможува да ги зарази човечките клетки - на надворешната страна на секоја од овие „наночестички“.

Кога тимот им ја инјектирал на глувци вакцината од наночестички, животните произвеле антитела што го блокираат вирусот на нивоа споредливи или поголеми од оние произведени од луѓе што оздравеле од ковид-19. Глувците што ја примиле вакцината произвеле околу десет пати повеќе од овие антитела отколку глодачите вакцинирани само со шилестиот протеин, на кој се потпираат многу кандидати за вакцина против ковид-19.

Вакцината, исто така, се чини дека создава силна реакција од посебни имунолошки клетки што помагаат да се постави брза одбрана по заразувањето со САРС-КоВ-2.

25 август – Првпат со генетски докази е потврдена повторна зараза со САРС-КоВ-2

Човек во Хонг Конг што во март бил болен од ковид-19, неколку месеци подоцна бил заразен со различна варијанта на новиот коронавирус – што е првиот доказ за реинфекција поткрепен со генетска анализа.

Луѓето заразени со САРС-КоВ-2 создаваат имунолошки одговор, што според научниците веројатно ги спречува повеќето реинфекции. Трајноста на оваа заштита е нејасна, а еден документиран случај на реинфекција може да биде сигнал дека имунитетот можеби опаѓа. Но за претходно пријавените реинфекции беше откриено дека не станува збор за нова зараза, туку за подолго опстојување на вирусот или на неговиот генетски материјал.

Квок-Јунг Јуен и неговите колеги од Универзитетот во Хонг Конг откриле 33-годишен маж што оздравел од ковид-19 во април и повторно бил позитивен на тестот повеќе од 4 месеци подоцна, откако се вратил од Шпанија преку Велика Британија. Генетското секвенционирање укажало дека втората инфекција била предизвикана од вирус што бил генетски различен од оној што бил одговорен за неговото прво заразување.

Човекот никогаш не развил симптоми од втората инфекција, но неговиот имунолошки систем реагирал со производство на нова група антитела.

20 август – Една мутација на коронавирусот предизвикува помалку тешка болест

Една мутација на САРС-КоВ-2, која се појави во Источна Азија во почетокот на пандемијата, е поврзана со поблаги симптоми од оние предизвикани од немутираната верзија на вирусот.

Во почетокот на 2020 година, истражувачите во Сингапур идентификувале кластер на случаи на ковид-19 предизвикани од варијанта на САРС-КоВ-2 на која ѝ недостига парче РНК, кое опфаќа два гени, ОРФ7б и ОРФ8. За да се утврдат последиците од оваа промена, Лиса Нг од Сингапурската имунолошка мрежа и нејзините колеги ги споредиле луѓето заразени со вируси што ја имаат промената со оние заразени со нормални вируси.

На никој од 29-те лица чии вируси имале мутација не им бил потребен дополнителен кислород, но тоа им било потребно на 26 од 92-те лица во чии вируси ја немало мутацијата. Верзиите на вирусот што ја носат мутацијата не се откриени од март - можеби поради мерките за контрола на инфекцијата.

Вирусот одговорен за појавата на тежок акутен респираторен синдром (САРС) 2002-04 година доби слична мутација во генот ОРФ8, што сугерира дека ова може да биде важна адаптација на инфицирањето луѓе, велат авторите.

17 август - Морнарите ги дадоа првите докази дека антителата ги штитат луѓето од повторна инфекција

Голема епидемија на ковид-19 на американски рибарски брод ги поштеди членовите на екипажот што веќе имаа антитела против новиот коронавирус, давајќи го, како што велат научниците, првиот директен доказ дека овие антитела ги штитат луѓето од повторна инфекција.

По некоја вирусна инфекција, имунолошкиот систем создава соединенија наречени неутрализирачки антитела што можат да го нападнат вирусот доколку тој повторно се појави. Но претходните истражувања не утврдија дали ваквите антитела можат да ги заштитат луѓето од реинфекција на САРС-КоВ-2.

Александар Гренингер на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Вашингтон во Сиетл и неговите колеги го тестирале екипажот на американски рибарски брод за САРС-КоВ-2 и за антитела кон вирусот. Непосредно пред да отплови бродот, истражувачите тестирале 120 од 122 члена на екипажот и откриле дека сите се негативни на САРС-КоВ2, но веднаш штом бродот отпловил, го погодила епидемија.

Тестирањето по патувањето покажало дека 104 лица од екипажот со 122 лица се заразени. Ниту еден од оние што биле заразени, а биле тестирани пред да се качат, немал неутрализирачки антитела против САРС-КоВ-2.

Но сите три члена на екипажот што имале такви антитела пред поаѓањето не се заразиле вторпат, што дава статистички значајни докази дека неутрализирачките антитела стекнати за време на инфекцијата со САРС-КоВ-2 штитат од реинфекција, велат авторите. Наодите сè уште не се разгледани од рецензенти.

6 август - Имунолошката реакција на некои настинки може да обезбеди заштита

Некои имунолошки клетки што го препознаваат коронавирусот што ја предизвикува обичната настинка, реагираат и на САРС-КоВ-2, коронавирусот одговорен за пандемијата на ковид-19.

Претходните студии откриле дека некои луѓе што никогаш не биле изложени на САРС-КоВ-2 сепак ги имаат имунолошките клетки наречени мемориски Т-клетки, кои можат да го препознаат вирусот. Даниела Вајскопф и Алесандро Сете од Институтот за имунологија Ла Џола во Калифорнија ги анализирале ваквите Т-клетки и откриле дека тие препознаваат посебни низи на неколку протеини на САРС-КоВ-2.

Тимот потоа открил слични низи во коронавирусот на обичната настинка и покажал дека овие низи можат да активираат некои Т-клетки што реагираат и на САРС-КоВ-2. Наодите ѝ додаваат тежина на хипотезата дека постојниот имунитет кон коронавирусите на настинката може да ја ублажи сериозноста на ковид-19, но потребни се дополнителни студии за да се поткрепи тој заклучок.

29 јули - Имунолошки клетки против вирусот се наоѓаат кај лица што немале контакт со него

Имунолошките клетки наречени Т-клетки се подготвени да го нападнат новиот коронавирус не само кај луѓе со ковид-19, туку и кај некои што не биле изложени на вирусот.

Отпрвин, истражувачите што го проучувале имунолошкиот одговор на САРС-КоВ-2 најмногу се фокусирале на имунолошките молекули наречени антитела, но Т-клетките нудат друг можен пат до имунитетот. Андреас Тиел од Универзитетската болница Шарите во Берлин и неговите колеги испитувале примероци од крв во потрага по Т-клетки што реагираат на шилестиот протеин на САРС-КоВ-2.

Тимот открил такви клетки кај 83% од учесниците со ковид-19 во студијата, како и кај 35% од здравите крводарители што немале контакт со САРС-КоВ-2. Авторите шпекулираат дека реактивните Т-клетки можеби биле добиени од здрави донатори за време на минати инфекции со слични коронавируси, но останува нејасно дали овие клетки штитат од САРС-КоВ-2.

28 јули - Мутациите му овозможуваат на вирусот да ги избегнува антителата

Мутациите во САРС-КоВ-2 може да му помогнат на вирусот да ги спречи моќните имунолошки молекули.

Повеќето антитела го препознаваат новиот протеин на коронавирус, кој вирусот го користи за да ги зарази клетките. Истражувачите се надеваат дека овие молекули можат да се користат како терапии, а може да бидат предизвикани од вакцини.

Теодора Хаџијоану и Пол Биениас на Универзитетот Рокфелер во Њујорк и нивните колеги изработиле верзија на везикуларен стоматитис вирус, кој го инфицира добитокот, за да создадат шилест протеин. Потоа, тие го одгледале вирусот во присуство на неутрализирачки антитела. Шилестиот протеин кај вештачки создадените вируси добил мутации што им овозможиле на вирусите да избегнат да бидат откриени од низа неутрализирачки антитела.

Тимот ги открил овие мутации и во примероци на САРС-КоВ-2 од заразени луѓе низ целиот свет, иако со многу ниска фреквенција. Лекувачки „коктели“ од повеќе неутрализирачки антитела, од кои секој открива различен дел од шилестиот протеин, може да спречат вирусот да развие отпорност кон овие молекули, сугерираат авторите. Наодите сè уште не се разгледани од рецензенти.

24 јули - Вирусот разорил израелско училиште откако било укинато задолжителното носење маски

Повеќе од 150 ученици во израелско средно училиште се заразиле со новиот коронавирус откако на учениците им било дозволено да ги отстранат маските за време на топлински бран.

Околу 10 дена откако израелските училишта целосно се отворија на 17 мај, кај двајца ученици на средно училиште во Ерусалим бил дијагностициран ковид-19. Чен Штајн-Замир во Министерството за здравство во Ерусалим и нејзините колеги го испитале настанатото жариште и откриле дека 153 ученици и 25 члена на персоналот се заразени. До средината на јуни, се појавиле уште 87 случаи меѓу блиските контакти на луѓето заразени преку жариштето во училиштето.

На ширењето на вирусот, најверојатно, му помогнал топлинскиот бран што се случил помеѓу 19 и 21 мај и предизвикал масовна употреба на клима-уредите и укинување на обврската учениците да носат маски на лице. Преполнетоста исто така можеби придонела: во секоја од училниците во училиштето имало по 35 до 38 ученици, што резултирало со распределување на простор од 1,1-1,3 квадратни метри по ученик.

22 јули - Тешко болните луѓе произведуваат различно моќни антитела

Научниците открија разновидна група антитела што ја блокираат способноста на новиот коронавирус да ги зарази клетките - дури и кога се применуваат во мали дози.

Протеините на имунолошкиот систем наречени неутрализирачки антитела ги спречуваат непријателските микроби што се обидуваат да влезат во целните клетки. Дејвид Хо на Вагелос колеџот за лекари и хирурзи на Универзитетот Колумбија во Њујорк и неговите колеги ги проучувале неутрализирачките антитела од плазмата кај пет лица со тешки случаи на ковид-19.

Деветнаесет антитела се покажале мошне ефикасни во спречувањето на САРС-КоВ-2 инфекцијата на примероци од клетки. Мала доза од едно од антителата ги заштитила златните сириски хрчаци (Mesocricetus auratus) од инфекција со САРС-КоВ-2.

19-те антитела се прикачуваат на различни локации на шилестиот протеин. Терапијата направена од антитела што се прицврстуваат на повеќе места на шилестиот протеин може да му отежни на вирусот да ги избегне преку мутација.

24 јуни - Детална мапа ја открива Ахиловата петица на вирусниот протеин

Научниците создадоа и опишаа повеќе од 3.800 варијации на протеинот што новиот коронавирус го користи за да се прикачи на клетките – потфат што открива кои делови од протеинот се клучни за врзувањето со човечките клетки.

Пред САРС-КоВ-2 да ја нападне клетката, неговиот шилест протеин цврсто се прикачува на рецепторот што го има на површината на многу човечки клетки. Џеси Блум од Центарот за истражување на рак Фред Хачинсон во Сиетл, Вашингтон и неговите колеги променувале една по една аминокиселина во еден клучен сегмент на шилецот за да произведат 3.804 варијанти на протеинот. Тестовите покажале дека многу од овие варијанти се врзуваат со рецепторот барем толку успешно колку и протеинот што ја предизвикува сегашнава пандемија.

Тимот ги утврдил аминокиселините што, доколку се променат, ја нарушуваат способноста на шилестиот протеин за прикачување. Ова знаење може да им помогне на истражувачите да развијат молекули што ја неутрализираат способноста на вирусот да ги инфицираат клетките. Наодите сè уште не се разгледани од рецензенти.

23 јуни - Зачудувачки дел од заразените луѓе никогаш не ги покажуваат класичните симптоми

Помалку од една третина од луѓето заразени со САРС-КоВ-2 се разболеле од респираторни симптоми или треска, покажа истражувањето спроведено на илјадници луѓе во Италија.

Повеќе од 16.000 луѓе во Ломбардија починаа од ковид-19, поради што регионот беше епицентар на епидемијата на коронавирус во Италија. Пјеро Полети од Фондацијата Бруно Кеслер во Тренто, Италија, Марчело Тирани од Агенцијата за здравствена заштита на Павија во Италија и нивните колеги проучувале луѓе во Ломбардија што имале близок контакт со заразено лице.

Приближно половина од овие 5.484 контакти се заразиле самите. Од нив, 31% развиле респираторни симптоми (како кашлица) или треска; тоа се случило кај само 26% од оние на возраст под 60 години. Како што возраста на една личност се зголемувала, така се зголемувале и шансите да доживеат симптоми и да се разболат доволно за да им треба интензивна нега или да умрат. Резултатите може да помогнат во подготовките за жаришта на болниците, велат авторите.

Наодите сè уште не се разгледани од рецензенти.

19 јуни - Младите се штит од инфекција преку блиски контакти

Луѓето под 20-годишна возраст имаат многу помала веројатност отколку постарите да се заразат со новиот коронавирус од заразен член на домаќинството.

Јанг Јанг од Универзитетот во Флорида, Гејнсвил, Жи-Конг Јанг од Центарот за контрола и превенција на болести во Гуангжу во Кина и нивните колеги го анализирале преносот на вирусот помеѓу заразените лица во Гуангжу и оние што имале близок контакт со нив. Откако јавноздравствените службеници ги изолирале заразените лица и ги ставиле во карантин нивните контакти, кај луѓето под 20-годишна возраст имало 5,2% ризик да се заразат од член на нивното домаќинство, во споредба со ризикот од 14,8% за лицата на возраст од 20 до 59 и ризикот од 18,4% за луѓето на возраст од 60 и повеќе години.

Истражувачите исто така откриле дека луѓето со ковид-19 биле барем толку заразни пред да почнат нивните симптоми како и потоа. Авторите сугерираат дека ширењето на вирусот во домаќинствата може да биде ограничено со обезбедување установи каде што заразените лица би можеле да се изолираат од своите семејства.

11 јуни - Вирусот регрутира пар човечки протеини за да ги нападне клетките

Истражувачите откриле втор протеин што САРС-КоВ-2 го користи за да влезе во човечките клетки, потенцијално нудејќи нова цел за вакцините и лековите.

Познато е дека шилестиот протеин на САРС-КоВ-2 се прикачува на човечкиот протеин наречен АЦЕ2, што му овозможува на вирусот да влезе во клетките. Два тима истражувачи сега откриле дека човечкиот протеин невропилин-1 (НРП1) исто така помага во инвазијата на вирусот.

Питер Кален и Јохеи Јамаучи од Универзитетот во Бристол, Велика Британија, и нивните колеги покажаа дека дел од шилестиот протеин може да се поврзе со НРП1. Наодите на овој тим, како и на Микаел Симонс од Техничкиот универзитет во Минхен, Германија, и неговите колеги покажуваат дека антителото што се врзува за НРП1 може да ја блокира инфекцијата на човечки клетки одгледани во лабораторија.

Тимот на Симонс исто така открил дека кај глувците НРП1 помага при влегувањето на честичките со големина на вирусот во централниот нервен систем. Студиите сугерираат дека блокирањето на интеракцијата помеѓу вирусот и НРП1 може да обезбеди начин за борба против инфекцијата со коронавирусот.

Ниту една од двете студии сè уште не е разгледана од рецензенти.

4 јуни - Крвната група може да влијае на ризикот од ковид-19

Истражувачите откриле две варијанти на човечки гени што можат да ги направат луѓето поподложни на откажување на белите дробови поврзано со ковид-19.

Том Карлсен во Универзитетската болница во Осло и неговите колеги ги анализирале геномите на приближно 4.000 луѓе од Италија и Шпанија: 1.980 лица со ковид-19 што развиле откажување на белите дробови и повеќе од 2.000 луѓе што не ја добиле болеста. Оние со тешка форма на ковид-19 имале поголема веројатност да носат некоја од двете генски варијанти отколку луѓето без оваа болест.

Една варијанта лежи во опсегот на геномот што ги одредува крвните групи. Следната анализа покажала дека луѓето со крвна група А + имаат зголемен ризик од откажување на белите дробови во споредба со оние со другите крвни групи, додека оние со крвна група О се заштитени до одреден степен.

Студијата сè уште не е разгледана од рецензенти.

Објавено

Вторник, Ноември 10, 2020 - 12:59

Структурното насилство кон трансродовите и родово небинарните луѓе е препрека во нивното реализирање како полноправни членови на општеството.

повеќе

И сега вие замислете, на едно детенце од 6 години да му кажувате со авторитет на наставник дека не треба да се дефинира како машко или женско.

повеќе

Засега СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и нивните заеднички алтер-фабрикати не даваат впечаток дека го разбираат новосоздадениот замаец.

повеќе