Недоаѓањето на Лавров е моќна лекција по географија, која покажува каде се наоѓа Србија

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров не беше во можност да го посети Белград во понеделникот (6 јуни), откако српските соседи го забранија прелетувањето на неговиот авион. Весникот Франкфуртер алгемајне цајтунг пишува дека вака пропаднала средбата меѓу претседателот на Србија и „човекот што со години на меѓународните сцени ги разубавува Путиновите војни“.

Фото: ЕПА

„А имаше важни теми за разговор“, потсетува весникот на договорот со Газпром, од кој Србија - барем така тврди Вучиќ - треба уште 3 години да добива гас по поволна цена.

„Таа вест главно се толкува како руска бонбона за односот на Србија кон Кремљ, пред сѐ поради одбивањето да се приклучи на санкциите“, наведува франкфуртскиот весник.

„Но не може да се занемари тоа дека Вучиќ веќе извесно време се обидува претпазливо да се одметне од Путин. Еден показател за тоа се повремените критички извештаи и изјави во империјата од телевизии, портали и жолт печат со кои управуваат Вучиќевите интимуси, кои секогаш известуваат во негова корист“, додава весникот наведувајќи дека во тие медиуми дури се слушало и дека „Лавров е гостин што самиот се поканил“.

„Ваквите нијанси покажуваат дека српскиот претседател не е првенствено идеолог, туку прагматичен моќник. Тој нема ништо против да објави братство со Русија, кога тоа му користи политички дома, но не сака среде војната со Русија да влезе во крвно братство што на крај би можело да ја уништи српската економија“, наведува авторот на написот Михаел Мартенс.

Во текстот се додава дека во Белград кружи чаршиска приказна дека германскиот канцелар Олаф Шолц би можел да ја откаже посетата на Србија доколку пред него дојде Лавров, а дека дури и Вучиќ зборувал на таа тема на сервирано прашање од ТВ Пинк.

„Ова благо скршнување покажува дека во сегашните услови, Вучиќевата политика на нишање меѓу Истокот и Западот е тешко одржлива“, се вели во текстот. „Може да се случи на Кремљ да не му се допаднат идните одлуки на Србија“.

Во написот се потсетува дека Вучиќ пред неколку години цитираше изјава која му се припишува на американскиот писател Амброуз Бирс: „Војната е начин Бог луѓето да ги научи географија“.

„А српските русофили деновиве научија лекција по географија“, пишува Франкфуртер алгемајне. „Србија можеби во своите фантазии се граничи со Русија, но на мапата е поинаку. Вучиќ оваа едноставна вистина ја знаеше и порано, а сега максимално се води од неа.“

Берлинскиот Тагесцајтунг наведува дека Лавров во Белград, покрај разговорите за гасот, сакал да ја „охрабри Србија да не следи ништо од санкциите што ги бара Европската Унија“.

„Веќе со години Србија оди по јајца меѓу Брисел и Москва“, пишува весникот. „Од една страна, претседателот Александар Вучиќ повторува дека Србија има волја за влез во ЕУ, а од друга страна, Путиновата Русија ужива големи симпатии меѓу националистичките партии во Србија и православната црква, а тоа важи и во однос на војната во Украина“.

Претходниот долгогодишен дописник од Белград, Андреас Ернст, во швајцарскиот Ноа цирхер цајтунг за позицијата на Србија напиша:

„Лесно е да се претпостави дека Кремљ со српската карта се обидува да ја ослаби одбранбената моќ на Европа. Евентуалниот конфликт на Балканот би ја исфрлил ЕУ од кревката рамнотежа и брзо би го преоптоварил НАТО. Единственото прашање е: дали Србите се подготвени да учествуваат во тоа? Одговорот гласи: тешко, освен ако ЕУ не направи груби грешки“.

Во долгиот коментар се опишува дека Вучиќ веќе десет години во Србија владее „како што сака“, и дека тоа го искористил и за да ја евоцира Титовата „политика на неврзаност“. Србија привлече многу западни инвестиции и стана „проширена производствена лента“ на западните компании, што овозможи „скромен, но постојан раст“. Земјата е економски целосно свртена кон Запад, но целосно зависна од рускиот гас.

Потсетувајќи дека Западот веќе остро реагираше кон Милорад Додик во БиХ, Ернст пишува:

„Европејците сега треба да бидат недвосмислени и кон Белград. Последното нешто што ѝ треба на ЕУ е тројански коњ на Балканот, кој за Путин би отворил уште еден фронт. Кој профитира од фондовите на ЕУ како кандидат за пристап повеќе не треба да седи на две столчиња, туку мора да се приклучи во санкциите против Русија“.

„Не би било изненадување доколку Вучиќ (и Додик зад неговиот грб) се дистанцираат од Москва. Овие политичари сакаат да останат на власт повеќе од што било друго. А ако навистина мора да одлучат, ќе ѝ дадат приоритет на ЕУ, а не на Русија. Погледот кон мапата и протекот на парите покажуваат зошто“, пишува весникот од Цирих.

Се наведува дека Вучиќ и Додик на некој начин дури и профитираат од геополитичката пресметка на ЕУ.

„За Брисел и за западноевропските престолнини реформската агенда на земјите од Западен Балкан сега се во втор план. Во моментов повеќе се полага на тоа да се затворат надворешнополитичките и безбедносните дупки во регионот. Тоа добро им доаѓа на многу авторитарни политичари на Балканот - не само на Вучиќ и Додик“.

„Генерално, има добри шанси ситуацијата на Балканот да остане стабилна“, продолжува Ернст. „Тоа, рака на срце, е поврзано со два услови. Едниот е Русија да не победи во оваа војна, а вториот е да има барем донекаде доследна политика на ЕУ на Западен Балкан“.

Тој додава дека без тоа на Балканот брзо може да се разбуди реваншизмот, идеи за Голема Србија или Голема Албанија, што би го загрозило постоењето на БиХ и на Македонија.

„Затоа останува важно ЕУ да ја обнови понудата за интеграција на Западен Балкан и да ја приспособи на таков начин што овие земји за неколку години да можат да бидат постојан дел од Унијата“, заклучува „Ноје цирхер цајтунг“.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Постои нужна потреба од прилагодување на студиските програми, соодветните силабуси и наставниот курикулум на реалната потреба на пазарот на труд во државата.

повеќе

Во текот на оваа и претходната година, инфлацијата ја задуши македонската економија. 

повеќе

Одлучната изборна победа на италијанската десница овозможува нејзиниот лидер да биде првата жена премиер во Италија и прва која тврди дека недвосмислено има постфашистичко потекло.

повеќе