ТЕРОРИСТИТЕ СÈ ПОПРОФЕСИОНАЛНИ

Најбараниот човек во светот помина пола Европа со пиштол в џеб (ВИДЕО)

Најбараното лице во Европа, осомничениот за нападот во Берлин Анис Амри, загина вчера во предградие на Милано откако бил запрен за рутинска проверка.

Амри во понеделникот изврши ужасен терористички напад во центарот на Берлин и беше убиен повеќе од три дена подоцна, стотици километри подалеку.

Како е можно Амри, најбараниот човек во светот, три дена слободно да шетал низ Европа? Покрај тоа, Амри веројатно цело време со себе носел пиштол, а не е занемарливо ни тоа што најверојатно поминал низ Франција, во која веќе цела година е прогласена вонредна состојба. Експертот за тероризам Мирко Биланџиќ за Индекс вели дека тука станува збор за повеќе фактори, но и случајности.

„Мора да знаете дека терористите не се аматери, тие се професионалци, кои имаат моќни мрежи“, вели Биланџиќ. „Кога тие би биле аматери, секој акт би бил спречен. Тие се високоорганизирани. Сигурно не мислите дека е можно тој сам да го направил тоа, јас не се сомневам дека целата логистичка мрежа и организацијата на целиот напад биле добро организирани, тоа поединец не може да го направи.“ Тој смета дека ова е уште појасно ако се знае дека не се работело за самоубиствен напад.

 

Терористите се сè попрофесионални, а службите на ЕУ не соработуваат

„Ова очигледно е уште поспецифично бидејќи очигледно не се работело за самоубиствени намери, тоа било т.н. „мисија во која нема бегање“. Кога имате самоубиствени намери, тогаш не е важна ни подготовката ни бегството, а токму тоа се најтешките точки во подготовката на еден терористички напад. Тоа е една доброорганизирана мрежа на голем број т.н. негрупни групации, ова е голем број ад хок-организирани групации што се расфрлани, но од кои секоја има улога“, објаснува Биланџиќ.

Можно е, смета хрватскиот експерт за тероризам, Амри да го променил идентитетот, односно да го променил физичкиот изглед.

„За да се донесе конечниот заклучок, треба да се види како изгледал тој кога го извршил нападот, а како изгледал кога бил убиен, за да видат дали тоа е истата личност. Тие не се аматери, тоа се луѓе со безброј лица. Тие се професионалци, ова е една димензија. Втората димензија на оваа конкретна акција е што Шенгенот не важи во рамките на ЕУ, внатре не постојат граници. ЕУ е простор на слобода на движење и тие тоа многу добро го знаат. Овие суспензии на Шенгенот во рамките на ЕУ очигледно се порозни, кога границите би биле цврсти, тој не би можел да пројде“, вели тој.

Биланџиќ верува дека тука одиграл улога и шокот што нападот го предизвикал во Германија и дека на самиот Амри му се поклопиле многу работи, па успеал да избега.

„Третата димензија, германскиот систем е еден од најспособните и најпедантните во светот. Но кога имате вакви шокантни ситуации, без разлика колку го предвидувате тоа, тоа е шок и тогаш тука се случуваат некои дисфункционалности. Кој работи тој и греши, во такви ситуации луѓето се тресат, сè се случува поинаку, особено кога тоа е првпат“, вели тој.

„Четвртата димензија, очигледно се работи за серија пропусти. Но не само пропусти на Германците. Најголемиот проблем на ЕУ е соработката, односно недостигот од неа. Тој очигледно користел објекти од виталната инфраструктура, транспортот, шетал по станици, очигледно тоа не било контролирано. Зошто не било контролирано? Како поминал низ Франција, тоа е интересно, а таму има вонредна состојба? Со кои документи патувал ако во камион се пронајдени документи? Тој очигледно имал друг идентитет, кога имате нов идентитет и изглед, тоа не е така лесно да се фати. Но очигледно не бил толкав професионалец, веројатно се однесувал чудно, па му дошле, никако случајно. Треба да се види како изгледал кога бил фатен. Но секако се работи за безбедносни пропусти. Ако изгледал исто како во Берлин, тогаш тоа е уште посериозен пропуст“, вели Биланџиќ.

 

„Не отишол случајно во Милано“

Биланџиќ вели дека на овој развој на настаните, прво нападот, а потоа сè што следуваше, влијаеле неколку параметри.

„Од една страна ја имате професионалноста на терористите, од друга страна ја имате ЕУ, каде што не се соработува и каде што се отворени границите. Потоа ги имате и безбедносните пропусти. И тогаш се случува она што се случи. Тој во меѓувреме бил безброј пати снимен, како е можно никој да не го регистрирал? Прашањето е колку од нив сè уште се во Берлин? Терористите по ништо не се препознаваат, тие работат, имаат живот. Тој не отишол случајно во Милано, тоа е силен центар на исламизмот во Италија“, вели Биланџиќ. Но, додава тој, откако веќе терористот ќе се идентификува и кога разузнавачките служби на земјите од ЕУ ќе почнат да соработуваат, до нив порано или подоцна ќе се дојде.

На прашањето овој напад, кој крена голема тревога, ќе ги поттикне терористите на нови напади, тој одговара дека тие и онака веќе се доволно охрабрени.

„Франција има вонредна состојба, а тој таму шетал. Толку се дрски што патуваат по Европа, него цела Европа го бара, а тој патува со јавен превоз“, вели Биланџиќ и заклучува дека тероризмот е значително изменет. Нема веќе големи подготовки што траат со години, таквите работи денес се вршат брзо, понекогаш и за само неколку дена.

„Тероризмот е променет, тие знаат дека колку се подолги подготовките, толку полесно ќе ги откријат. Времето на радикализација е многу кратко, денес земате камион и се забивате во луѓе, кој ќе го спречи тоа? Нема центри за обука и долги организации. Германците знаат сè, само не знаат кои се исламистите во Берлин и Дуизбург. Не мора да биде ни муслиман“, заклучува Биланџиќ.

Изразено ниската вредност на вложување во науката и истражувањата во Македонија е јасен знак за отсуство на грижа на државата за овие суштински дејности. 

повеќе

Последните 11 години Македонија е окована во аграрен, ксенофобичен и социо-економски популизам, кој не се однесува на интересите и потребите на граѓаните, туку на оние кои се повинуваат на волјата на елитата.

повеќе

Политичарите изразуваат „загриженост“ за аерозагадувањето на начин што нѐ оддалечува од наоѓањето решенија, наместо да не доближува.

повеќе