За гневот на западните земји околу апсењето на Навални

Лавров: Веројатно треба да размислуваме за имиџот, но не сме млади девојки кои одат на бал

И покрај критиките и предупредувањата од Западот, предводени од американските и европските лидери, на кои им се придружија и активисти како Едвард Сноуден, Кремљ ја почна постапката за испраќање во затвор на еден од најгласните критичари на Путин.

EPA-EFE

Судот во Русија му одреди вчера 30-дневен притвор на Алексеј Навални поради кршење на условната слобода, игнорирајќи ги повиците на западните држави веднаш да го ослободи опозицискиот политичар.

Оваа одлука, донесена еден ден откако полицијата го уапси Навални на аеродром по враќањето во Русија откако во август му се слоши на локален лет и беше префрлен на лекување во Германија, би можела да биде вовед во повеќегодишна затворска казна.

Руската затворска служба поднесе барање три и полгодишната казна за условна слобода во случајот на проневерување, за кој Навални тврди дека е наместен, да ја смени во затворска казна.

Против Навални се водат уште три кривични случаи.

Обединетите нации и западните држави побараа од Москва да го ослободи Навални, а одделни земји повикаа на нови санкции по првите казнени мерки кои ЕУ ги воведе поради неговото наводно труење со нервниот агенс новичок.

Москва им порача да си ја гледаат својата работа.

Канцеларијата на Он за заштита на човековите права повика на итно ослободување на Навални и побара процес во согласност со владеењето на правото.

Идната американска администрација веднаш во неделата го осуди апсењето, сугерирајќи дека човековите права ќе се вратат на дневниот ред во односите со Москва кога Доналд Трамп утре ќе ја напушти Белата куќа.

Критики околу апсењето упати и државниот секретар во заминување Мајк Помпео. Меѓутоа, алудирајќи на неодамнешните протести во САД, Кремљ остро им одговори на критичарите од странство.

„Почитувајте го меѓународното право, не мешајте се во националните закони на суверените држави и позанимавајте се со проблемите во својата земја“, напиша на Фејсбук портпаролката на руското министерство за надворешни работи Марија Захарова.

Закани со санкции и предупредувања од британските и другите европски политичари наидоа на сличен презир.

Литванија, Летонија и Естонија соопштија дека шефовите на дипломатиите на ЕУ разговараат за нови санкции, а тие повици вчера ги поддржа и чешкиот министер за надворешни работи Томаш Петричек.

Шефовите на дипломатиите на Германија, Британија, Франција и Италија претходно исто така побараа ослободување на Навални.

Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров кажа дека гневот на западните држави околу апсењето на Навални има за цел свртување на вниманието на јавноста од домашните проблеми и дека Москва не ја интересира потенцијалната штета по нејзиниот имиџ.

„Веројатно треба да размислуваме за нашиот имиџ, но ние не сме млади девојки кои одат на бал“, им кажа Лавров на новинарите.

Можна мета на нови санкции би можел да биде Северен тек 2, проектот вреден 11,6 милијарди долари за изградба на гасоводот од Русија до Германија.

Германија го поддржа проектот, наведувајќи дека станува збор за комерцијално здружување, а портпаролот на владата во Берлин вчера соопшти дека тоа не се сменило.

44-годишниот Навални кажа дека неговото апсење и притворање е незаконско и го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека поради стравот под нозе го фрлил кривичниот закон.

Ходорковски: Судбината на Навални зависи од реакцијата на руското општество

Михаил Ходорковски, поранешниот нафтен тајкун кој падна во немилост на Кремљ, кажа вчера дека апсењето на Навални е обид на Путин да покаже дека е и понатаму главен во Русија.

Ходорковски во интервју за Ројтерс кажа дека Западот треба да дејствува наместо само да зборува доколку сака да влијае врз 68-годишниот претседател по апсењето на Навални.

„Путин чувствува дека треба да покаже дека тој е алфа-мажјакот или луѓето ќе почнат да се сомневаат во неговиот авторитет“, кажа 57-годишниот Ходорковски и додаде дека Навални би можел да се соочи со десетгодишна казна.

Некогаш најбогат човек во Русија, Ходорковски беше уапсен во авион во Сибир во 2003 година и осуден за затајување данок и измама. Неговата некогаш моќна компанија Јукос беше распарчена и поделена на државни компании. По десет години во затвор беше ослободен во 2013 година.

Ходорковски кажа дека ја донел одлуката да се врати во Русија во 2003 иако знаел дека ќе биде уапсен.

„Мојата ситуација е сосема слична на ситуацијата на Навални“, кажа тој. „Не постоеше друга опција: или ќе се предадете или ќе се вратите во битката – така што Навални правилно постапи“.

Тој кажа дека Западот треба да им воведе санкции на поединци наместо на проектот Северен тек 2 и додаде дека иако сака да верува дека Навални ќе биде пуштен, пореално е да се очекува дека ќе биде под огромен притисок на руските власти.

„Можат да го осудат на десет години затвор“, кажа тој. „Сè зависи од реакцијата на руското општество“.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Богатите држави мораат веднаш да донираат вакцини против ковид-19 на загрозените држави. 

повеќе

Можеби ни треба регистар на погрешни перцепции на граѓаните за криминалот и корупцијата во државата.

повеќе

Младите бараат подобар живот надвор од државата, бидејќи доаѓаат до заклучок дека приватните компании и странските организации им пружаат поголема поддршка и повеќе ги вреднуваат отколку сопствената држава.

повеќе