Њу саентист

Кои се шансите да умрете (скраја да е) ако се заразите со коронавирусот?

Стапката на смртност сега треба да е помала, бидејќи здравствените работници имаат поголемо искуство во лекувањето на ковид-19, а испитувањата открија кои третмани се ефикасни. 

Фото: ЕПА

Процентот на луѓе што умираат откако ќе се заразат со коронавирусот стана многу контроверзен. Некои тврдат дека стапките на смртност не се толку високи како што се мислеше и дека владите претеруваат со воведувањето мерки како полициски час. Но една неодамнешна мета-анализа ги потврдува претходните процени, откривајќи дека стапката на смртност може да достигне дури 16% за луѓето над 90 години, но 0% за децата под 4 години, пишува Њу саентист.

Оваа студија заклучува дека во земјите со високи примања, повеќе од 1 на 100 лица заразени од коронавирусот починале во првиот бран. „Стапката на смртност е најмалку 10 или 20 пати поголема од таа на грипот“, вели Николас Бразео од Империјалниот колеџ во Лондон.

Сега преживуваат поголем број од луѓето примени во болница со ковид-19, што укажува на тоа дека стапката на смртност благо опаднала. Меѓутоа, ако болниците во некои земји се пренаполнат за време на напливот на инфекции што сега ги погодуваат Европа и САД, тоа можеби нема да продолжи да биде така.

Процената на реалната стапка на смртност е тешка од две причини. Прво, шансите за смрт од ковид-19 во голема мера варираат во зависност од возраста, полот, здравјето и стандардот на добиената нега. Ова значи дека стапката на смртност варира од место до место и во различни времиња.

На пример, стапката на смртност е најголема во старечките домови: дури 73 проценти во домовите за стари лица во Белгија, проценува една студија. Во земјите како Јужна Кореја, кои главно успеаја да ги спречат жариштата во старечките домови, вкупната стапка на смртност е помала. Слично на тоа, вакцините што спречуваат тешка болест кај постарите луѓе би требало да ги намалат стапките на смртност.

Втората причина поради која е тешко да се процени реалната стапка на смртност е дека постои голема несигурност во врска со бројките што се употребуваат за таа пресметка. Она што ние сакаме да го дознаеме е кој е вистинскиот број на луѓето заразени со вирусот што умираат: стапката на смртност од заразата.

Најдобриот начин да откриеме колку луѓе биле заразени е да ја тестираме крвта на илјадници луѓе за да видиме колку од нив имаат антитела кон коронавирусот, а потоа според истиот тренд тие резултати да ги прошириме на целата земја. Но истражувањата со антитела може да дадат погрешни резултати.

Бројот на потврдените случаи што земјите ги пријавуваат не може да се искористи за да се пресмета стапката на смртност на инфекцијата, бидејќи повеќето случаи не се откриени, затоа што не секој добива симптоми, и не сите што добиле симптоми се тестираат. Процените сугерираат дека во пикот на првиот бран во Велика Британија биле заразени околу 250.000 луѓе дневно, кога владата пријавувала само 5.000 случаи дневно.

За земјите со високи примања, се има некаква идеја за тоа колку луѓе починале, но сè уште има непознаници. На пример, во Велика Британија во почетокот беа пропуштени многу смртни случаи поради недостигот од тестирање, така што официјалната процена на околу 44.000 во првиот бран е премала, вели Пол Хантер од Универзитетот на Источна Англија во Велика Британија.

„Бројот 44.000 значително ја потценува вкупната смртност“, вели тој. „Многу смртни случаи во почетокот не беа дијагностицирани“. Гледањето на овие бројки на смртните случаи во контекст на што го гледавме во „нормални“ услови во претходните години сугерира дека биле пропуштени 10.000, па дури и 20.000 смртни случаи.

Во земјите со пониски примања, повеќето смртни случаи од ковид-19 веројатно не се пријавени. На пример, само 1 процент од смртните случаи како резултат на ковид-19 биле пријавени во Дамаск, Сирија, според податоците на таа земја.

Од сите овие причини, пријавените стапки на смртност од заразата во голема мера се разликуваат. За да се добие подобра процена, Бразео и неговиот тим разгледале 175 студии, откривајќи само 10 за кои сметаат дека се сигурни. Тие ги приспособиле збунувачките фактори и ја пресметале стапката на смртност за секоја возрасна група: помалку од 0,1 процент за лица под 40 години, 0,36 проценти за луѓето на возраст од 50 до 54 години, 2,17 за лицата на возраст од 70 до 74 години и 5 проценти и повисоко за оние на 80 или повеќе.

За време на првиот бран, стапката на смртност од заразата во земјите со високи примања, кои имаат тенденција да имаат поголем процент постари луѓе, беше нешто над 1 процент, велат откритијата. За земјите со помладо население, тоа би било 0,2 проценти, претпоставувајќи ги истите стапки на смртност специфична за возраста - што може да не е така поради посиромашната здравствена нега во многу од овие земји.

Стапката на смртност сега треба да е помала, бидејќи здравствените работници имаат поголемо искуство во лекувањето на ковид-19, а испитувањата открија кои третмани се ефикасни. Податоците од болниците во Англија, Велс и Северна Ирска покажуваат дека луѓето што биле примени со ковид-19 по 1 септември имале околу 10% помалку шанси да умрат од оние што биле примени пред тоа.

„Постојат докази дека стапката на смртност во болницата со текот на времето се подобрувала, но потребно е уште да се работи за целосно да се сфатат овие трендови“, вели Роберт Верити од Империјалниот колеџ во Лондон. Во сегашните бранови во САД и Европа се очекува да умрат помалку заразени луѓе, но ова нема да биде јасно некое време - бидејќи повеќето од смртните случаи сè уште не се немаат случено.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Западен Балкан оди во насока на целосна контрола на државните институции во служба на политичките елити. Не е чудо што граѓаните имаат ниска доверба во овие институции.

повеќе

Граѓаните се преморени од бескрајните, приказни на предавници и патриоти, тирански платформи, договори со Грција, Бугарија, рекети, пописи, тендери,

повеќе

Критичкото малцинство, на 2020 година не гледа само како на година која ја донесе вирусната пандемија, туку и како на година која донесе и еден друг вид на пандемија, онаа на КОВИД-авторитаризмот.

повеќе