Кои одлуки ги потпиша Бајден на првиот ден на претседателската функција

Американскиот претседател Џо Бајден потпиша 15 извршни укази набрзо откако ја положи заклетвата вчера, поништувајќи низа одлуки на својот претходник Доналд Трамп.

EPA-EFE

Потпишувајќи ги извршните укази, меморандумите и директивите пред новинарите во Овалната канцеларија вчера попладне, Бајден кажа дека „нема време за губење“.

„Некои од извршните одредби кои денес ги потпишувам ќе помогнат во ублажувањето на кризата со ковид-19. Ќе се бориме против климатските промени како што до сега не сме се бореле, ќе ја промовираме расната еднаквост и ќе ги поддржуваме запоставените заедници. Тоа се само почетните точки“, кажа Бајден.

Неговите советници кажаа дека указите кои ги потпиша новиот американски претседател вклучуваат задолжително носење маски во сите федерални институции и за сите федерални вработени, воспоставување нова канцеларија на Белата куќа за координација на одговорот на пандемијата и сопирање на постапката за излегување на САД од Светската здравствена организација (СЗО).

Меѓу одредбите кои се бават со емиграциската политика, Бајден ја отповика декларацијата на Трамп кој овозможи финансирање на ѕидот на границата со Мексико и ја прекина забраната за патување во САД за некои земји со муслиманско мнозинство.

Потпишувањето претставува само почеток на низата потези кои Бајден наскоро ќе ги преземе, кажа неговата претставничка за односи со јавноста Џен Псаки.

„Во следните денови и недели ќе почнуваме нови акции за да одговориме на предизвиците и да ги исполниме ветувањата кои новиот претседател му ги даде на американскиот народ“, кажа Псаки. Се очекува Бајден да ги отповика одлуките со кои на трансродовите лица им се забранува служење во американската војска и да се укине забраната за американското финансирање на меѓународните програми за планирање на семејствата поврзани со абортусите.

САД се враќаат во Парискиот договор

Меѓу другото, потпиша извршна одредба со која се почнува процесот на враќање на САД во Парискиот климатски договор, со што отповика еден од клучните потези на својот претходник Доналд Трамп.

Трамп долго време се противеше на глобалниот климатски договор кој го потпишаа речиси сите земји во светот, а во ноември 2020 САД и формално излегоа од пактот. Американската одлука истовремено значење големо намалување на американското финансирање на фондовите за посиромашните држави за полесно да ги надминат последиците од климатските промени.

Бајден во првиот ден на функцијата потпиша и указ со кој се бара ревизија на сите одлуки на Трамп со кои ги ублажи мерките за заштита на околината, указ со кој се отповикува дозволата за проектот на нафтоводот Кистоун од Канада, и указ со кој се воведува мораториум на истражувања на нафта и гас во регионот на Арктикот кој Трамповата администрација неодамна го отвори за развој.

Бајден вети и дека ќе ги врати Соединетите Држави на патот до 2050 година да станат климатски неутрални во поглед на емисиите на гасови со ефект на стаклена градина.

Неговата мисија за обнова на американскиот климатски кредибилитет нема да биде лесна, имајќи ги предвид политичките поделби во земјата, притисокот на нафтените компании и претпазливоста на меѓународните партнери загрижени поради досегашната климатска политика на Трамп.

„Многу скршнавме од патот во последните четири години со климатското негирање во Овалната канцеларија. Влегуваме во меѓународната арена со дефицит на кредибилитет“, кажа Џон Подеста, советник на поранешниот американски претседател Барак Обама кој учествуваше во креирањето на Парискиот климатски договор.

Указите на Бајден бараат од владините агенции да ја разгледаат можноста за намалување на емисиите на метан, измени на стандардите за ефикасност на горивата кај моторните возила и можност за ширење на териториите на природните резервати и националните паркови кои администрацијата на Трамп ги редуцираше.

Бајден за Иран ќе разговара со партнерите и сојузниците

Соединетите Држави ќе се заземат за продолжување и јакнење на нуклеарното зауздување на Иран преку дипломатија, а тоа прашање ќе биде на дневниот ред во првите разговори на Бајден со странските партнери и сојузници, кажа портпаролката на Белата куќа.

Бајден претходно кажа дека, ако Техеран продолжи строго да го почитува нуклеарниот договор со големите сили од 2015 година, според кој Иран се согласи да ги ограничи своите нуклеарни амбиции во замена за попуштање на санкциите, Вашингтон исто така ќе се врати на договорот од кој го повлече Трамп.

„Претседателот јасно даде до знаење дека верува дека преку дипломатски напори САД ќе продолжат да го продлабочуваат и зајакнуваат нуклеарното ограничување на Иран и ќе одговори на другите прашања кои предизвикуваат загриженост“, кажа Псаки.

„Очекуваме претседателот наскоро да води разговори со своите странски партнери и сојузници и може да се очекува ова да биде дел од разговорите“, додаде таа.

Трамп во 2018 година излезе од нуклеарниот договор со Иран, а Иран за возврат почна да крши дел од одредбите.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Реакцијата на семејството и блиските во однос на пандемијата е пресуден фактор кој влијае на емотивната состојба, размислувањата и однесувањето на младите.

повеќе

Можеби по нас ќе дојдат некои нови клинци што прегрнати ќе го слушаат мртвиот Џоле и ќе го разберат подобро отколку што го разбравме ние на кои со години жив на глуви уши ни пееше за љубовта.

повеќе

За државата Македонија, Македонците се посебен народ со повеќевековна традиција, кои зборуваат, творат, се радуваат и тагуваат на македонски јазик, веќе со векови, во и надвор од територијата на нашата држава.

повеќе