Кинеската „народна војна“ против американските шпиони

Веќе шест години постои телефонска линија преку која Кинезите можат да пријават доколку се сомневаат во шпионажа.

Фото: ЕПА

Во најновата филмска авантура „Не е време за умирање“, Џемс Бонд нема време за Кина, но затоа, во реалниот свет, шефот на американската разузнавачка служба, Вилијам Барнс посветува многу време на тоа. Шармантните пресметки на агентот 007 со најголемите негативци што би сакале да владеат со светот во последните филмови не го следат новиот „студеновоен“ распоред на фигурите на геополитичката мапа на светот. Веројатно за да не се намали заработката на билетарниците на кинеските киносали.

И додека Шангај и Макао се само попатни кулиси во еден од претходните филмови за Бонд - „Скајфол“, одлуката на директорот на ЦИА да формира специјален центар во Ленгли за следење на кинеските активности го вклучи алармот во Пекинг. Весникот на кинеската ослободителна армија „ПЛА Дејли“ ги повика граѓаните на „народна војна“ против американските шпионски активности насочени против втората економија во светот.

Кинеските медиуми под државна контрола почнаа да емитуваат видеа во кои граѓаните се предупредуваат дека ЦИА почнала активно да регрутира соработници што зборуваат мандарински, кантонски, хака и шангајска верзија (дијалект) на кинескиот јазик.

„Американската разузнавачка служба, која толку отворено регрутира специјални агенти, мора да користи уште пострашни методи. Но ниту една лукава лисица не може да го победи добриот ловец. За да ја зачуваме националната безбедност, треба само да им веруваме на луѓето и да се потпреме на нив“, пишува „Саут Чајна морнинг пост“, цитирајќи го текстот на воениот дневен весник.

Затоа, воените стратези во Пекинг велат дека е неопходна „народна војна“ со цел да се заштити нацијата од разузнавачките закани и да им се оневозможи на шпионите да се скријат. На одлуката на најпознатата американска разузнавачка служба да формира специјален центар за мисија за Кина реагираше и Министерството за надворешни работи во Пекинг. „Ова е типичен симптом на менталитетот на студената војна“, рече портпаролот Џао Лиџен.

Американските разузнавачи и конгресмени долго време изразуваат загриженост за „зголемената закана од Кина“, чија економија расте и покрај пандемијата на ковид-19, што му овозможува на Пекинг да го прошири своето влијание низ целиот свет. Во ситуација кога кинеските хакери се сѐ поактивни во сајбер-нападите врз САД, а тензиите во Јужно Кинеско Море не исклучуваат потенцијален воен конфликт, одлуката на американската разузнавачка агенција не е изненадувачка. Создавањето нов центар на ЦИА за собирање разузнавачки податоци за Кина и спротивставување на нејзината шпионажа е знак дека САД се подготвуваат за сеопфатна и повеќегодишна борба со Пекинг.

Според „Вашингтон пост“, во почетокот на октомври, Вилијам Барнс на своите соработници им го опишал новиот центар за мисија како обид за „дополнително зајакнување на колективната работа за најважната геополитичка закана со која се соочуваат Соединетите Држави во 21 век – сѐ поконтрадикторната кинеска влада.“

Зборувајќи за напорите што ќе го опфатат секој дел од агенцијата, водачот на ЦИА ги спореди овие активности со борбата од Студената војна против Советскиот Сојуз. Но Барнс појасни дека Кина е пострашен и покомплициран ривал од поранешниот СССР, со оглед на големината на нејзината економија, која е целосно испреплетена со Соединетите Држави.

Планот на Ленгли е сличен на оној од времето на борбата против Советите. ЦИА во земјите низ целиот свет ќе распореди повеќе агенти, лингвисти, техничари и специјалисти, со една задача - да собираат разузнавачки податоци и да им се спротивстават на интересите на Кина. За таа цел, агенцијата ќе регрутира, но и ќе обучи повеќе луѓе што зборуваат мандарински, а Вилијам Бернс ќе се сретне со шефот на центарот за Кина, но и со други лидери, со цел да се развие цврста стратегија за надмудрување со Пекинг.

Шпионската игра меѓу големите сили се одвива во деликатна ситуација во која одреден број американски агенти покажуваат симптоми на „хаванскиот синдром“, но и буквално исчезнуваат физички. Во строго доверлив документ објавен од „Њујорк тајмс“ минатата недела, се наведува дека американската контраразузнавачка служба ги потценила своите ривали. Голем број странски доушници на ЦИА се убиени, заробени или се свртеле кон конкурентските агенции, според нетипичниот документ испратен до секое биро низ светот.

Иако поради неволјите што ги снаоѓаат американските шпиони прстот сѐ уште не е јавно вперен кон Пекинг, Џон О. Бренан, кој ја надгледуваше обемната реорганизација на ЦИА за време на администрацијата на Обама, вели дека ако постои земја што заслужува свој центар за специјални мисии, тогаш тоа е Кина. Според него, ова е држава „што има глобални амбиции и претставува најголем предизвик за американските интереси и за меѓународниот поредок“.

Но ниту владата во Пекинг под водство на Си Џинпинг не спие и во последните години покрена неколку кампањи со цел да ја информира јавноста за разузнавачките закани од странство и со тоа да ги охрабри граѓаните активно да дејствуваат. Уште пред шест години беше воведена специјална телефонска линија преку која Кинезите можат да пријават доколку се сомневаат во шпионажа.

За време на Денот на образованието за националната безбедност во 2016 година покрената е широка пропагандна кампања, која вклучуваше и плакати во стриповски стил што ги предупредуваа младите државни службеници кога излегуваат со згодни странци да не паднат во рацете на „потенцијален Џејмс Бонд“. Локалната власт во Пекинг отиде чекор подалеку: од 2017 година, почна да нуди награда од половина милион јуани (78.000 американски долари) за секој што ќе помогне да се откријат шпиони.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Дали и колку градовите им служат на интересите на своите граѓани (демократија) или на елитите кај кои се концентрира капиталот (авторитарност)?

повеќе

Освен тоа што муралите се моќно средство за комуникација, тие можат да бидат и предмет на манипулации, па и пропаганда, подигање тензии и продлабочување на недоразбирањата во БиХ.

повеќе

Процесот на донесување на буџетот ме потсетува на една изрека на поранешниот државен секретар на трезорот на САД, Џејкоб Лу (Jacob Lew) кој вели дека „Буџетот не е само колекција на бројки, туку израз на нашите вредности и аспирации“.

повеќе