Како лутите непријатели Иран и Саудиска Арабија се најдоа заедно на страната на Русија

Америка ги обвинува сојузниците во Ријад дека ја „подмачкуваат Путиновата воена машинерија“, а Бајден ги предупредува дека ќе се соочат со „последици“.

Фото: ЕПА

Саудиска Арабија е американски сојузник, Иран е американски непријател, но според оцените на владата на Бајден и двете земји индиректно се вклучени во војната во Украина против американските интереси, а во корист на Русија.

Западни извори тврдат дека Техеран ѝ продал на Москва „камикази беспилотни летала“ од кои руската армија во последните денови гаѓа цивилни цели во Украина. Шиитската република негира дека испратила дронови во Русија, чиј белег е тоа што тешко се забележуваат на радарите.

„Ние не сме ѝ испорачале оружје на ниту една страна“, рече во понеделникот Насер Канани, портпарол на иранското Министерство за надворешни работи.

Овие зборови не го разубедија Стејт департментот, па истиот ден беше објавено дека заливската република ги прекршила санкциите на Обединетите нации, кои ѝ забрануваат да извезува дел од својата воена технологија.

Вашингтон има проблем и со Саудиска Арабија, која неодамна одлучи следниот месец да го намали производството на нафта, што го отвори патот за зголемување на цената на црното злато. Во демократската администрација на претседателот Џозеф Бајден не кријат дека се лути бидејќи намаленото производство на нафта ќе ја зголеми цената на горивото во Америка и ќе ја зголеми инфлацијата, пред ноемвриските избори за Конгресот. Од Белата куќа велат дека Ријад ѝ помогнал на Русија, која е голем производител и извозник на нафта, па ќе профитира од растот на цените. Затоа демократите ја обвинуваат Саудиска Арабија дека „ја подмачкува воената машинерија на Владимир Путин“.

Бајден ја предупреди Саудиска Арабија дека ќе се соочи со „последици“ ако застане на страната на Русија во војната во Украина. Според советникот за национална безбедност Џејк Саливан, американската влада го преиспитува сојузот со Ријад, вклучувајќи ги и безбедносните гаранции што Пентагон му ги дава на заливското кралство.

Саудијците ги негираат обвинувањата и велат дека Ријад немал намера да се меша во меѓународен конфликт или политички да ѝ наштети на Америка, туку се водел исклучиво од економската логика. Саудијците потсетуваат дека намалувањето на производството било одлука на нафтениот картел ОПЕК плус, а не само на Саудиска Арабија. Русија е исто така членка на тој картел.

Демократските сенатори отидоа чекор понатаму, обвинувајќи ја блискоисточната монархија, која е главен увозник на американско оружје, дека испраќа софистицирана американска воена технологија во Русија. Сенаторот Ричард Блументал, член на комисијата за воени прашања, во интервју за Гардијан рече дека бара од претставниците на Пентагон да објаснат во Капитол дали има некаква причина за загриженост кога станува збор за трансферот на американско оружје од Саудиска Арабија до Русија. Блументал е еден од сенаторите од Демократската партија што по одлуката на Саудиска Арабија да го намали производството на нафта од ноември, предложија да се воведе едногодишно ембарго за извоз на американско оружје во оваа земја. Крис Марфи, демократски сенатор од Конектикат, ја повика владата да го собере од Саудиска Арабија американското оружје што ги штити саудиските нафтени полиња и да го пренесе тоа оружје во Украина за одбрана од Русија.

Демократот Роберт Менендез, претседател на сенатската комисија за надворешни работи, во интервју за Ен-би-си рече дека САД би можеле да инсистираат блискоисточното кралство да ја смени одлуката. Како што потсети Менендез, Саудиска Арабија од Иран ја штити Америка, а не Русија, која е „во кревет со Иран“.

Во Вашингтон, ваквиот развој на настаните се гледа како Иран и Саудиска Арабија да се на иста, руска страна, иако овие две земји од Заливот се заколнати непријатели. Ријад и Техеран често имаат спротивставени интереси во светот, како што беше случајот во Сирија, каде што Саудиска Арабија интервенираше на страната на бунтовниците, а Иран (со Русија) му помогна на претседателот Башар ал Асад да остане на власт.

И додека Америка ги обвинува Саудиска Арабија и Иран дека се индиректно вклучени во војната во Украина на страната на Русија, Кремљ го прозива Израел за вмешаност на страната на Украина.

Како што напиша на Телеграм поранешниот претседател и актуелен заменик-претседател на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев, Израел се подготвува да испрати оружје во Киев. Медведев рече дека тоа ќе биде „непромислен чекор што ќе ги уништи односите“ меѓу Израел и Русија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски побара да го купи израелскиот противракетен систем „Железна купола“, за кој се шпекулира дека е ефикасен во 90 отсто од случаите. Бидејќи молбата од Киев не беше услишена, Зеленски рече дека е „шокиран“ од однесувањето на блискоисточната земја. Според Вашингтон пост, тоа веројатно нема да се промени во иднина, бидејќи Израел не сака да ја ризикува соработката со Русија. Како што заклучува американскиот дневен весник, Владимир Путин ѝ дозволил на израелската армија да ги гаѓа милициите поддржани од Иран во Сирија, па израелската влада не сака тоа да го доведува во прашање.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Им благодарам на Русите како креатори, но посебно на бугарските послушни  извршители за пропагандата што ја водат против Македонија. Што направија?

повеќе

Деновиве адвокатот Тортевски во дебатна емисија рече дека немаме критична маса за држава. Не знам дали е така, но изгледа немаме критична маса за сериозни дебати и дијалози во општеството. 

повеќе

Светска банка проценува дека за секој долар инвестиран во здравството, државата има бенефит од 4 долари во смисла на зголемена економска продуктивност.

повеќе