Во тајната војна со Техеран

Како ЦИА си ги изневери иранските шпиони

На крајот на 2010 година Голамреза Хосеини чекал лет за Бангкок на аеродромот Имам Хомеини во Техеран. Таму овој ирански инженер требало да се сретне со контактите во американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА). Меѓутоа, пред да ја плати излезната такса, банкоматот на аеродромот ја одбил неговата кредитна картичка како неважечка. Неколку моменти подоцна, службеникот за обезбедување побарал од Хосеини да му го предаде пасошот и го одвел.

Хосеини вели дека го однеле во празен ВИП-салон и му рекле да седне на каучот свртен кон ѕидот. Оставен сам на неколку моменти без видливи безбедносни камери, Хосеини од џебот извадил мемориска картичка во која имало државни тајни и за која можел да заврши на бесилка. Ја ставил картичката во устата, ја изџвакал и ја голтнал.

Недолго потоа, агентите на Министерството за разузнавање влегле во просторијата и почнало испитувањето со повремени тепања, се сеќава Хосеини. Неговото негирање и уништувањето на податоците не значеле ништо; се чинело дека тие веќе знаат сè. Но како?

„Никогаш никому не сум му ги кажал тие работи“, изјави Хосеини за Ројтерс. Додека мозокот му работел со полна брзина, тој дури се прашувал дали е можно ЦИА да го предала.

Наместо на предавство, Хосеини бил жртва на немарноста на американската агенција, според едногодишната истрага на Ројтерс за начинот на кој ЦИА постапувала со своите доушници. Неисправниот таен комуникациски систем на ЦИА им олеснил на иранските разузнавачи да го идентификуваат и да го фатат. Хосеини, кој поминал речиси десет години во затвор, изјави за Ројтерс дека ЦИА никогаш потоа не го контактирала, дури ни откако бил ослободен во 2019 година.

ЦИА не сакала да ги коментира наводите на Хосеини за Ројтерс.

Искуството на Хосеини за запоставување и напуштање од страна на агенцијата не е единствено. Во интервјуата со шестмина ирански поранешни доушници на ЦИА, Ројтерс открил дека агенцијата била несовесна на други начини поради нејзината желба да собира информации во Иран, загрозувајќи ги и доведувајќи ги во опасност оние што ги ризикувале своите животи за да им помогнат на САД.

Еден информатор рекол дека ЦИА му дала инструкции да остава информации во Турција на локација за која агенцијата знаела дека е под ирански надзор. Друг човек, поранешен владин функционер што отпатувал во Абу Даби за да аплицира за американска виза, тврди дека тамошниот службеник на ЦИА неуспешно се обидел да го вовлече во шпионажа за САД, што довело до негово апсење кога се вратил во Иран.

Ваквите агресивни акции на ЦИА понекогаш ги доведуваат во опасност просечните Иранци, кои тешко би можеле да соберат клучни информации. Кога мажите биле уапсени, агенцијата не им дала никаква помош на информаторите или на нивните семејства, дури ни години подоцна, рекле шесте Иранци.

Џејмс Олсон, поранешен шеф на контраразузнавачката служба на ЦИА, вели дека не е запознаен со овие конкретни случаи. Сепак, тој вели дека секое непотребно компромитирање на извори од агенцијата претставува и професионален и етички неуспех.

„Ако сме непромислени, невнимателни, ако сме компромитирани, тогаш треба да се срамиме“, рече Олсон. „Ако луѓето ја платиле цената на тоа што доволно ни верувале за да ни ги пренесат информациите и платиле казна, тогаш тоа е морален пораз.“

Лицата биле уапсени како дел од агресивната контраразузнавачка чистка што Иран ја започна во 2009 година, во кампања делумно овозможена од неколку пропусти на ЦИА, според извештаите на медиумите и тројца поранешни американски функционери за национална безбедност. Техеран во државните медиуми тврдеше дека во ловот на кртови биле фатени десетици информатори на ЦИА.

За да ја раскаже оваа приказна, Ројтерс спровел десетици часа интервјуа со шест Иранци осудени од нивната влада за шпионажа помеѓу 2009 и 2015 година.

За да ги потврди нивните сведоштва, Ројтерс разговарал со десет поранешни американски разузнавачи запознаени со операциите во Иран; ги разгледувал извештаите на иранската влада и написите во весниците и разговарал со луѓе што ги познавале шпионите.

Хосеини бил единствениот од шесте мажи интервјуирани од Ројтерс што рекол дека му била доделена проблематичната алатка за размена на пораки. Но анализата на двајца независни експерти за сајбер-безбедност покажала дека сега веќе непостоечкиот систем на тајни онлајн-комуникации што го користел Хосеини - кои Ројтерс ги нашол во интернет-архива - можеби разоткрил најмалку 20 други ирански шпиони и потенцијално стотици други информатори што дејствуваат во други земји низ светот.

Оваа платформа за размена на пораки, која била користена до 2013 година, била скриена меѓу обичните вести или хоби-вебсајти каде што шпионите можеле да контактираат со ЦИА. Ројтерс го потврдил нејзиното постоење со четворица поранешни американски функционери.

Овие неуспеси продолжуваат да ја прогонуваат агенцијата многу години подоцна. Во низа внатрешни телеграми минатата година, раководството на ЦИА предупредувало дека агенцијата загубила поголем дел од својата мрежа на шпиони во Иран и дека невештите методи и техники продолжуваат да ја загрозуваат мисијата на агенцијата низ целиот свет, објави Њујорк тајмс.

За ЦИА Иран е една од најтешките цели. Уште откако иранските студенти ја окупираа американската амбасада во Техеран во 1979 година, САД немаат дипломатско присуство во земјата. Наместо тоа, претставници на ЦИА се принудени да регрутираат потенцијални агенти надвор од Иран или преку интернет-врски. Слабото локално присуство е неповолно за американските разузнавачи во екот на настаните како протестите што сега ги има низ цел Иран поради смртта на жена уапсена за прекршување на кодексот на облекување во земјата.

Четворица бивши разузнавачи со кои разговарал Ројтерс рекле дека агенцијата е подготвена да преземе поголем ризик со изворите кога станува збор за шпионирањето на Иран. Потиснувањето на нуклеарните амбиции на Исламската Република долго време е приоритет за Вашингтон. Техеран инсистира дека неговите нуклеарни потфати се исклучиво за енергетски потреби.

Многу е напишано за повеќедецениската тајна војна меѓу Иран и Вашингтон, во која двете страни избегнуваат класичен воен конфликт, но вршат саботажи, атентати и сајбер-напади. Сепак, шесте доушници првпат интервјуирани од Ројтерс дале досега невидени директни сведоштва за смртоносната шпионска игра од перспектива на Иранците што служеле како пешаци на ЦИА.

Овие шест Иранци одлежале затворски казни од пет до десет години. Четворица од нив, вклучувајќи го и Хосеини, останале во Иран по своето ослободување, каде што се изложени на висок ризик од повторно апсење. Двајца од нив ја напуштиле државата и станале бегалци без татковина.

Шесте мажи рекле за Ројтерс дека нивните ЦИА-контакти никогаш не им дале цврсти ветувања дека ќе им помогнат доколку бидат фатени. Сепак, сите верувале дека еден ден американската помош ќе дојде.

„Ова е дамка за американската влада“, рекол Хосеини за Ројтерс.

Портпаролката на ЦИА, Тами Куперман Торп, одбила да го коментира случајот на Хосеини, како и случаите на други ирански затвореници, или кој било аспект од тоа како агенцијата ги спроведува операциите. Сепак, таа рече дека ЦИА никогаш нема да биде невнимателна со животите на оние што ѝ помагаат на агенцијата.

„ЦИА многу сериозно си ја сфаќа обврската да ги заштити луѓето што работат со нас и знаеме дека многумина го прават тоа многу храбро, ризикувајќи ги сопствените животи“, вели Торп. „Лага е дека ЦИА не би направила сѐ за да ги заштити.“

Дел од тимот?

Хосеини за Ројтерс раскажал како ја контактирал ЦИА. Незадоволен од фактот што за време на мандатот на претседателот Махмуд Ахмадинеџад, неговиот претходно успешен индустриски бизнис пропаднал, бидејќи најпрофитабилните договори им биле префрлени на компании блиски до воените и безбедносните државни структури, тој се претставил како инженер што работел на нуклеарната локација Натанз и понудил информации.

Еден месец подоцна добил мејл од ЦИА, а по три месеци одлетал во Дубаи. Таму се сретнал со русокоса жена што се претставила како Крис и која некое време била неговиот контакт.

Хосеини рекол дека тогаш не знаел, но дека локацијата Натанз веќе била под надзор на американските власти. Истата година Вашингтон и Израел лансираа сајбер-оружје што ги саботираше центрифугите во Натанз, заразувајќи ги со вирус што го оневозможи збогатувањето ураниум во Натанз во наредните години, заклучија безбедносните аналитичари. Ројтерс не можел да утврди дали информациите дадени од Хосеини помогнале во таа сајбер-саботажа или во други операции.

За време на следните состаноци, Хосеини вели дека ЦИА побарала од него да се фокусира на една поширока американска цел: идентификување на потенцијалните критични точки во националната електроенергетска мрежа на Иран, кои би можеле да предизвикаат долги, парализирачки прекини на струја доколку бидат погодени од проектил или се саботирани. Хосеини продолжил да се состанува со ЦИА на Тајланд и во Малезија, вкупно седум пати во текот на три години.

Во август 2007 година, откако станал шпион, Хосеини рекол дека со висок агент на ЦИА и со други се сретнал во хотел во Дубаи.

„Треба да ја прошириме нашата посветеност“, му рекол агентот на Хосеини. Му подал парче хартија и побарал од него да напише ветување дека нема да споделува информации со ниедна друга влада, што е вообичаена практика на ЦИА наменета да го продлабочи чувството на посветеност кон информаторот, рекле за Ројтерс двајца поранешни функционери на ЦИА.

Друг офицер на ЦИА на состанокот потоа му покажал на Хосеини таен комуникациски систем што може да го користи за да контактира со своите работодавци: едноставен фудбалски сајт на персиски јазик наречен Iraniangoals.com. По внесувањето на лозинката во лентата за пребарување, се појавува прозорец за тајни пораки, што му овозможувало на Хосеини да испраќа информации и да прима инструкции од ЦИА.

Кога Хосеини се пожалил дека го пропуштил третиот роденден на својата ќерка за време на едно од патувањата, вели дека офицерот на ЦИА му купил кадифено мече за да му го подари на детето. „Се чувствував како да сум се приклучил во тимот“, рекол Хосеини за Ројтерс.

Таен систем што е лесен за хакирање

Она што Хосеини не го знаел е дека најмоќната разузнавачка агенција во светот му дала инструмент што најверојатно ќе доведе до негово апсење. Јаху њуз во 2018 година објави дека лошиот таен комуникациски систем базиран на интернет довел до апсење и егзекуција на десетици доушници на ЦИА во Иран и Кина.

Експертите ангажирани од Ројтерс по лоцирањето на тајниот комуникациски сајт на ЦИА преку анализа дошле до заклучок дека со наједноставни процедури е можно да се утврди дека во сајтот се вградени алатки за размена на пораки, како и дека кодирањето е исклучително базично.

„ЦИА тука навистина потфрли“, вели Бил Марзак, еден од двајцата експерти што Ројтерс ги ангажирал. Тајниот систем за размена на пораки „штрчеше како болен палец“, рече тој.

Ранливоста не се однесувала само на Иран. Напишани на различни јазици, овие сајтови очигледно биле средство за комуникација со оперативците на ЦИА во најмалку 20 земји, вклучувајќи ги Кина, Бразил, Русија, Тајланд и Гана, утврдиле аналитичарите.

Агенцијата не била целосно свесна дека системот е компромитиран до 2013 година, откако многу агенти почнале да исчезнуваат, рекле поранешни американски официјални лица.

Сепак, ЦИА никогаш не ја сметала мрежата за доволно безбедна за најважните извори. Највисоко рангираните информатори добивале специјално дизајнирани алатки за комуникација. Сајтовите од масовно производство, рекле поранешните официјални лица, биле наменети за извори што не се сметале за посветени или се сметало дека имаат ограничен, но потенцијално вреден пристап до државните тајни.

„Ова е за луѓе што мислат дека не вреди да се инвестира во напредни технологии“, вели еден поранешен функционер на ЦИА.

Систем на касти меѓу шпионите

„Ќе сториме сѐ што треба за да ги заштитиме нашите извори“, рече еден поранешен функционер на ЦИА. Тоа е реплика што ветераните на агенцијата често ја изговараат, но некои приватно признаваат дека ЦИА ги штити информаторите врз основа на тоа колку проценуваат дека се вредни. На врвот на пирамидата се оние што ЦИА ги нарекува „целосно регрутирани, високо вредни извори“. Тоа се луѓе како високи владини функционери или нуклеарни научници, кои имаат директен, континуиран пристап до клучните тајни. Агентите на ЦИА понекогаш поминуваат години обидувајќи се да ги привлечат овие клучни оперативци да станат агенти.

ЦИА инвестира многу пари во обуката и опремата на овие информатори. Загубата на еден таков информатор ќе се одрази на највисокото ниво во ЦИА, а агенцијата понекогаш ќе ги најде детето и сопружникот на загубениот агент за да понудат милион долари надомест и дискретно обележан медал како знак на почит за пожртвуваноста.

Сепак, голем дел од разузнавачките информации што ЦИА ги собира доаѓа од доушниците што не паѓаат во очи, кои никогаш не стануваат полноправни членови на „шпионската елита“. Тие извори често добиваат ниско ниво на заштита, не се редовно исплаќани, а ЦИА обично не се обврзува да им помогне доколку бидат фатени, велат поранешните претставници на ЦИА.

Седиштето на ЦИА во Ленгли, Вирџинија. Фото: ЕПА

Трик со визите

Не се сите доушници доброволци. ЦИА некогаш врши притисок, дури и ги доведува во заблуда Иранците што бараат американски визи барајќи од нив да даваат информации кога аплицираат во конзулатите на Обединетите Арапски Емирати или Турција.

Таков бил случајот со еден од Иранците што разговарале со Ројтерс. Овој пензиониран ирански функционер основал туристичка агенција во 2011 година кога тој и неговата сопруга пристигнале во Абу Даби за да ја посетат тамошната американска амбасада. Непосредно пред тоа, тој добил американски зелен картон на лотарија и се надевал дека оваа среќа ќе му овозможи да го прошири својот туристички бизнис.

Прво, бил возбуден што бил поканет на серија разговори за време на посетата на Абу Даби. Тој рече дека и пред и во амбасадата се сретнал со американски службеник во конзулатот што се претставил како Стив. Покрај тоа што помогнал да заврши процесот на проверка, американскиот функционер рекол дека тоа би можело да им олесни на неговите ирански клиенти да добијат американски визи.

Меѓутоа, со текот на времето, дискусиите за иднината на туристичкиот агент во САД се претвориле во барања на Стив за деликатни информации за иранските сектори за воздухопловство и одбрана, рекол Иранецот за Ројтерс.

Препознавајќи ја потенцијалната опасност доколку иранските власти дознаат за тоа, тој рекол дека го прекинал контактот со Стив и се откажал од соништата да се насели во САД. Сепак, бил уапсен во 2015 година во Иран од разузнавачки агенти, кои некако дознале за врската. Тие побарале од него да работи за Техеран како двоен агент за да дознаат повеќе за начинот на регрутирање шпиони на ЦИА.

Тој ја одбил понудата и бил осуден на 10 години затвор, од кои одлежал седум и бил ослободен годинава. „Се чувствуваме како да сме играле за двете страни“, изјави неговата сопруга за Ројтерс.

Човекот никогаш не го опорави својот туристички бизнис и се мачел да најде работа во Иран по неговото ослободување во 2021 година. Дури и апликациите за споделување на возењето ги отфрлале неговите барања да стане возач, најверојатно поради неговата осуденост, рекол поранешниот туристички агент.

Ројтерс не можел независно да ја потврди интеракцијата на Иранецот со ЦИА. Човекот дал евиденција за патувањата и кореспонденција со амбасадата за да ја поткрепи својата приказна. Ројтерс независно контактирал со друг поранешен затвореник, кој рекол дека се сретнал со туристичкиот агент додека обајцата биле во ист затвор. Тој рекол дека тогашниот претприемач му кажал идентична приказна за обидот за регрутирање на ЦИА.

ЦИА одбила да го коментира случајот со туристичкиот агент. Петте поранешни функционери за национална безбедност на САД, сепак, ги потврдиле деталите за тоа како визниот трик се користи за собирање ирански разузнавачки информации.

Оставени на цедило

Кога Хосеини, инженерот, се сретнал со својот контакт со ЦИА во 2009 година, мислел дека тоа ќе биде најважниот состанок дотогаш. Тој со месеци собирал тајни информации за ранливите точки во националната електрична мрежа на Иран. Рекол дека се возел со својот мотоцикл низ пустината собирајќи фотографии и ГПС-координати на локации за кои мислел дека ќе бидат мети на ракети или саботери за да се предизвика масовно снемување струја.

Меѓутоа, кога пристигнал во Малезија, бил пречекан од само еден агент на ЦИА.

„Работите се сменија“, му рекол тој.

ЦИА повеќе не била заинтересирана за информациите што тој ги имал собрано за ранливоста на електричната мрежа, му кажал офицерот.

Хосеини бил вџашен. Тој беше презел огромни ризици за да им даде информации на своите контакти. „Но сега тие едноставно не беа заинтересирани“, рекол тој.

Агентот на ЦИА му рекол дека сега сакаат да навлезе подлабоко во плановите за нуклеарната централа Фордоу, со која компанијата на Хосеини неодамна склопила договор.

Во тоа време, администрацијата на претседателот Барак Обама ги искористила откритијата за постоењето на објектот за да добие повеќе адути кога ги почнала дипломатските преговори насочени кон ограничување на иранските нуклеарни амбиции.

Поранешни функционери на ЦИА велат дека менувањето на приоритетите на разузнавањето е вообичаено кога функцијата ќе ја преземе нов претседател. Сепак, рекле тие, пренасочувањето на доушниците речиси секогаш се прави од поприземни, тактички причини, кои никогаш не му се целосно објаснети на шпионот.

Хосеини рекол дека продолжил да ѝ дава информации на ЦИА уште една година. Во еден момент, неговиот контакт споменал средба со неговото семејство, што ги зголемило надежите за Хосеини за можно населување во САД. Сепак, тоа е ретка награда за шпионите. Вашингтон на ЦИА ѝ доделува само околу 100 визи годишно како награда за шпионите, рекле три поранешни официјални лица.

„Тоа вклучува огромни ресурси и оперативно планирање и е резервирано само за најголемите ѕвезди меѓу шпионите“, рекол еден поранешен разузнавач на ЦИА.

Хосеини поминал речиси десет години во затворот Евин во Техеран, во кој главно се сместени политички затвореници и шпиони. Многумина се соочуваат со тортура и егзекуција, велат поранешните затвореници и активисти за човекови права.

„Деценијата во таа институција го зеде својот данок“, вели Хосеини. Годините мачење, тепање, струјни шокови и изолација ја оштетиле неговата способност за комуникација, дури и со семејството. „Кога ќе ме прашаат нешто, се чувствувам како да сум во соба за испрашување“, рече тој.

Сега веќе три години на слобода, 47-годишниот Хосеини загубил поголем дел од својот имот и пријатели.

Од шесте поранешни шпиони што ги интервјуирал Ројтерс, четворица останале во Иран откако биле ослободени од затвор, а други двајца живеат како бегалци, едниот во Турција, другиот во Швајцарија. Сите велат дека не можеле да добијат помош од Соединетите Држави додека се мачеле да ги обноват своите животи.

Повеќето не можеле да најдат начин да прашаат.

Хосеини рекол дека ЦИА навистина му обезбедила два начини да побара помош доколку се најде во неволја. Едниот метод бил да бира таен број во САД од некаде надвор од Иран, давајќи му лозинка на операторот. Вториот бил да контактира со регионален безбедносен службеник во конзулат каде било во светот и да побара помош. Ројтерс потврдил дека ова се два методи што ЦИА им ги нуди на информаторите за да побараат помош.

До моментот кога Хосеини го напуштил затворот во 2019 година, тој повеќе не се сеќавал на тајниот број. А се плашел од последиците ако иранските разузнавачи го откријат како влегува во американскиот конзулат за повторно да воспостави контакт по неговото осудување за шпионажа.

Сите шест поранешни шпиони интервјуирани од Ројтерс рекле дека, со оглед на нивните жртви, се надевале дека американската влада ќе најде начин да контактира со нив и да понуди помош да изградат нов живот во Америка или во друга земја. Години по ослободувањето, тие сѐ уште чекаат.

Но, од перспектива на ЦИА, има огромен ризик и малку придобивки од повторното поврзување со заробените шпиони во Иран, рекле за Ројтерс поранешни разузнавачки претставници. Шпионите што имале среќа да избегнат егзекуција може од затвор да излезат како двојни агенти. Оние што не се, веројатно се внимателно следени од иранските власти.

„Мораме да се запрашаме кој е најдобриот начин да ги одржиме овие луѓе во живот, а понекогаш најдобриот одговор е да ги оставиме на мира“, вели поранешен разузнавач. „На крајот на краиштата, мора да се надеваме дека тие и нивните семејства се одушевени што се живи.“

Хосеини не мисли така. Сега тој го издржува семејството со помалку од 250 долари месечно, десеттина од неговиот поранешен приход.

Некогаш човек со став, тој сега претпазливо ги цензурира своите коментари од страв да не биде пријавен. Често се буди преплашен од можноста повторно да биде уапсен. „Не можам да замислам никаква иднина“, вели тој.

Објавено

Вторник, Октомври 4, 2022 - 21:59

Самата идеја на странските директни инвестиции е да донесе нови вработувања со повисоки плати кои треба да ги исплаќа странскиот инвеститор.

повеќе

Треба да се размисли за тоа дека сите предлози и промени кои доаѓаат од Брисел, не можат ефикасно да се применат и во Македонија и да се дејствува во правец на благосостојба на граѓаните, а не само на профитите.

повеќе

Предложеното законско решение се фокусира на аудиовизуелниот/радиодифузниот сектор, игнорирајќи ги последниве две децении на развој на дигиталниот домен и на интернет, со сите негови позитивни и негативни страни.

повеќе