„Ова не е пропуст, ова е тероризам“

Како безбедносните пропусти ѝ овозможија на Трамповата толпа да го нападне Капитол (ВИДЕО)

Крвавиот хаос во американскиот Капитол во средата се случи кога толпа приврзаници на Трамп го пробија кордонот полициски сили што го обезбедуваат тој законодавен комплекс. Полициските службеници го опишаа тоа како катастрофален неуспех во подготовката, пишува Ројтерс.

Фото: ЕПА

Опсадата на зградата во која се сместени американскиот Сенат и Претставничкиот дом е еден од најсериозните безбедносни пропусти во поновата историја на САД, изјавија за Ројтерс сегашни и поранешни полициски функционери. Еден од најпрепознатливите симболи на американската моќ беше претворен во сцена на политичко насилство.

Многуте безбедносни агенции прават детални безбедносни планови за настани како што е претседателската инаугурација, но имаше многу помалку планови за обезбедување на заедничката седница на Конгресот во средата, за ратификување на резултатите од претседателските избори во 2020 година, соопштија официјални лица. Тој пропуст се случи и покрај јасните предупредувачки знаци на потенцијално насилство од страна на жестоките приврзаници на претседателот Доналд Трамп, поттикнати од неговите неосновани обвинувања за изборни кражби и надежта дека ќе ја блокира инаугурацијата на новоизбраниот претседател Џо Бајден, вели британската агенција.

Со обезбедувањето првично речиси целосно се справуваше полицијата на Капитол, која има 2.000 припадници, и е под контрола на Конгресот и е посветена на заштита на комплексот од 126 хектари. Од засега непознати причини, другите гранки на огромниот безбедносен апарат на американската влада не дојдоа напомош додека бунтовниците со часови го опсадуваа седиштето на Конгресот. Капитол се наоѓа недалеку од местото каде што Трамп во својот говор непосредно пред немирите рече дека изборите се досега нечуен напад врз демократијата и ги повика приврзаниците да дојдат во Капитол на марш „Да ја спасиме Америка“.

На пребројувањето на изборните гласови во Конгресот, што инаку е формалност, му претходеа повеќечасовни закани на социјалните мрежи, па планираните протести на приврзаниците на Трамп се претворија во насилство. И покрај тоа, полицијата од Капитол не побара однапред помош од другите федерални агенции, како што е Министерството за внатрешна безбедност, за обезбедување на зградата, изјави висок службеник за Ројтерс. И Националната гарда, повикана од градоначалникот, беше мобилизирана дури повеќе од еден час откако демонстрантите за прв пат ги пробија барикадите.

Ројтерс наведува дека ова е во остра спротивност со ситуацијата за време на летните протести против полициската бруталност во Вашингтон и другите американски сиви, кога администрацијата на Трамп агресивно ги ангажираше сите тие агенции.

Припадниците на полицијата во Капитол се обучени да ги држат демонстрантите подалеку од мермерните скалила на зградата, но овој комплекс од 19 век има толку многу прозорци и врати што е тешко да се обезбедат сите, изјави Теренс Гејнер, поранешен шеф на полицијата во Капитол, а подоцна и главен полициски функционер во американскиот Сенат.

„Кога ја изгубија контролата над скалите, ги загубија и вратите и прозорците“, рече Гејнер.

„Бев убеден дека е невозможно да се упадне во Капитол. Имам огромна доверба во мажите и жените што ја обезбедуваат зградата на Конгресот, но сега мора да се утврди одговорност и детална анализа за тоа што тргнало наопаку“.

Пратениците во зградата сметаат дека до историскиот безбедносен пропуст дошло поради недоволната подготовка. „Мислам дека полицијата заврши добра работа со оглед на околностите, но очигледно не беше доволно испланирано“, рече пратеникот од Претставничкиот дом Винсенте Гонзалес, демократ од Тексас.

Тој оцени дека долго планираниот протест требаше да подразбира присуство на голем број полицајци.

Некои демократски членови на Конгресот, поради страв од избивање насилство, повеќе од една недела се обидуваа да извршат притисок врз агенциите за да добијат информации за закани или контрамерки, изјавил извор од Конгресот за Ројтерс. Сепак, немаше знаци дека некој собира сериозни разузнавачки информации за можни немири или дека планира да им се спротивстави, рече изворот.

Инаку, полициските агенции во американската престолнина со недели или месеци правеа планови за големи протести, изјавил еден поранешен службеник на Министерството за правда за Ројтерс. Официјални лица од неколку десетици агенции, вклучително и локалната полиција, полицијата на Капитол, Тајната служба, обично се собираат во филијалата на ФБИ во Вашингтон, каде што ја координираат својата реакција. Сепак, не е јасно колку било планирано пред вчерашниот настан.

Висок службеник на федералната полиција, упатен во планирањето на заштитата на другите сојузни локации во средата, вклучувајќи го и местото каде што Трамп го одржа својот говор, рече дека е шокиран од неподготвеноста на полицијата во Капитол.

„Тоа не требаше да се случи. Сите однапред знаевме дека тие луѓе доаѓаат... основната улога на полицијата во Капитол е да ја обезбедува зградата, па затоа е тешко да се види зошто не беше подобро подготвена“, изјавил службеник, кој инсистирал да остане анонимен.

За предизвиците за обезбедувањето на Капитол се дискутираше со години, а во 2013 година Гејнер предложил да се постави ограда за да се спречат масовни наезди. Идејата била одбиена затоа што членовите на Конгресот сакале да ѝ го остават пристапот на јавноста, за комплексот да не изгледа како тврдина, изјавил Гејнер за Ројтерс.

Трамп на Твитер вети „подив“ настан со цел да го поништи поразот на изборите во ноември, што очигледно ги охрабрило приврзаниците да дејствуваат.

„Нашата земја претрпе многу, не можеме повеќе да го дозволуваме тоа“, рече Трамп во обраќањето пред приврзаниците во средата. „Треба да покажете сила, мора да бидете силни.“ Белата куќа не одговорила на барањата на Ројтерс за коментар за улогата на Трамп во инспирацијата на насилните протести или за безбедносното фијаско во Капитол.

Двајца американски функционери изјавија дека властите во главниот град се надевале дека ќе избегнат милитаризиран одговор во деновите пред протестите. Тие стравувале дека ќе се повторат сцените од жестокиот федерален одговор на протестите против расизмот пред Белата куќа во јуни. Тие рекле дека не е јасно зошто на локалната полиција ѝ требало толку многу време да стигне до Капитол.

Воен официјален претставник рече дека градоначалничката на Вашингтон, Муриел Баузер, ги повикала трупите на Националната гарда околу 14 часот. Тоа било околу 45 минути откако бунтовниците ја пробија првата барикада. Вршителот на должноста министер за одбрана Крис Милер го активирал целосниот состав на Националната гарда на округот Колумбија околу 14:30 часот, изјавил функционерот.

Капитол дотогаш веќе бил блокиран. Во ротондата, просторијата под неговата купола, се делеле маски за гас. Полицијата ги евакуирала потпретседателот Мајк Пенс и членовите на Претставничкиот дом и Сенатот. Полицијата употреби лут спреј и солзавец против демонстрантите. Тие се обидоа да ја забарикадираат вратата со мебел, но набргу ја загубија битката.

Потсетувајќи на многубројните предупредувања во деновите пред протестите, Ројтерс наведува дека многу приврзаници на Трамп што дошле во главниот град делеле планови и се организирале на социјалните мрежи како што е Парлер, платформа како Твитер што ги привлекува десничарските екстремисти.

Во некои најави се зборувало за нелегален увоз на оружје во Вашингтон. Во изјавата за Парлер, водачот на групата ултрадесни екстремисти Прауд бојс, Енрике Тарио, вети присуство на таа група на вчерашниот собир. Тарио беше уапсен во понеделникот во Вашингтон за уништување имот за време на протест минатиот месец и поседување огнено оружје. Тој се изјасни како невин, но во вторникот му беше наредено да го напушти градот.

Од 1 јануари на Твитер имаше 1.480 објави од профили поврзани со движењето на теории на заговор Кјуанон, кои се однесуваат на митингот на Трамп на 6 јануари, и беше спомнувано насилство, изјавил за Ројтерс поранешен разузнавач што ги следи активностите на екстремистите на социјалните мрежи. Меѓу нив беше и повикот до „патриотите да се кренат“.

Нил Трагман, поранешен службеник за разузнавање на полицијата во Капитол, смета дека вчерашната инвазија во Капитол е незамислива. Тој додаде дека овие сили обично се подготвуваат за многу помали групи според правилата смислени да овозможат максимално изразување на правото на слобода на говор.

„Сведоци сме на нешто за што никогаш не сме ни сонувале. Не сум сигурен дека кој било полициски началник би можел поинаку да се справи со ова“.

Тој го обвини Трамп за поттикнување на немирите. „Ова веќе не е само протест. Тие ја преминаа границата. Ова е тероризам“.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Да бидеме реални: регионот на многу начини сè уште е претежно (погрешно) разбран и (погрешно) третиран и меѓународно се нарекува „бурето барут на Европа“.

повеќе

Јане бил свесен дека деновите му се одброени и отворено говорел за тоа. Знаел дека многумина имаат причина да го ликвидираат, дека им пречи во остварувањето на нивните „повисоки цели“.

повеќе

Во македонскиот интернет простор постојано се појавуваат и гаснат портали, со што засекогаш исчезнуваат и објавените содржини.

повеќе