Која е Викторија Нуланд?

Ја обожава војната, плука по ЕУ и ќе ја води надворешната политика на Бајден

Вистински љубител на студените војни, кој ја саботираше надворешната политика на Барак Обама, Нуланд е огромен ризик во Стејт департментот, пишува американскиот прогресивно-либерален веб-сајт Салон.

Фото: ЕПА

Новиот претседател на САД, Џо Бајден, ја предложи Викторија Нуланд за потсекретар за политички прашања на САД - де факто трет човек во Стејт департментот. Поборничка на студената војна, која ги уништи односите меѓу двете светски суперсили, Нуланд, според процените на многумина, е голем ризик за надворешнополитичкиот тим на демократскиот претседател.

Нуланд е ветеран во надворешната политика на САД и имаше неколку високи позиции, од американски амбасадор во НАТО за време на администрацијата на Буш, преку портпарол на Стејт департментот за време на администрацијата на Обама, до позицијата помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања во Стејт департментот.

Предлогот на Бајден Нуланд да биде потсекретар за политички прашања е показател за тоа каква политика планира претседателот кон Русија и Украина.

Повеќето Американци никогаш не слушнале за Викторија Нуланд бидејќи надворешната политика во принцип е најмалку интересна за Американците. Затоа повеќето од нив не знаат дека новата потсекретарка за политички прашања на САД е „заглавена“ во живиот песок на студеновоената политика и е поборник за проширување на НАТО, продолжување на трката во вооружување и натамошно ладење на односите со Русија.

За време на војната во Ирак од 2003 до 2005 година, Нуланд му беше советник на потпретседателот Дик Чејни, „Дарт Вејдерот на Бушовата администрација“, вели Салон.

Меѓутоа, може да се кладите дека Украинците имаат чуено за неоконзервативката Нуланд. Многумина го слушнаа и го запамтија нејзиниот четириминутен разговор со американскиот амбасадор во Украина, Џефри Пјат, од февруари 2014 година, кога таа рече „Кој ја еб* ЕУ“.

Во тој разговор, кој протече во јавноста, Нуланд и Пјат коваа заговор да го соборат избраниот украински претседател Виктор Јанукович, а по тој повод Нуланд искажа недипломатско несогласување со Европската Унија, која во тоа време го поддржуваше поранешниот боксер Виталиј Кличко за премиер, наместо американскиот избор Арсениј Јацењук, кој на крајот ја презеде власта, откако три недели подоцна Јанукович беше сменет.

Коментарот „Fuck the EU“ стана вирален и го посрамоти Стејт департментот, кој никогаш не ја негираше автентичноста на разговорот, ги обвини Русите дека ѝ го прислушувале телефонот, исто како што Националната агенција за безбедност на САД ги прислушуваше телефоните на своите европски сојузници.

И покрај згрозеноста на германската канцеларка Ангела Меркел, Нуланд остана на позицијата помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања. Нејзиниот непристоен коментар имаше една далекосежна последица: американскиот обид да се собори избраната украинска влада – и одговорноста на Америка за граѓанската војна во која загинаа најмалку 13.000 луѓе и по која Украина стана најсиромашната земја во Европа.

Во тој процес, Нуланд, нејзиниот сопруг Роберт Каган - коосновач на Проектот за нов американски век - и нивните неоконзервативни пријатели успеаја да ги втурнат американско-руските односи во опасна надолна спирала од која сè уште се немаат опоравено.

Нуланд го постигна ова од релативно пониска позиција на помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања. Колку повеќе проблеми може да предизвика таа како службеник број 3 во Бајденовиот Стејт департмент? Ќе дознаеме доволно брзо, ако Сенатот ја потврди нејзината номинација.

Џо Бајден требаше да извлече поука од грешките на Барак Обама дека ваквите назначувања се важни. Во својот прв мандат, Обама им дозволи на својата препредена државна секретарка Хилари Клинтон, на републиканскиот министер за одбрана Роберт Гејтс и на воените и лидерите на ЦИА преостанати од администрацијата на Буш да постигнат бескрајната војна да ја задуши неговата порака за надеж и промена.

Претседателствувањето на Обама, добитникот на Нобеловата награда за мир, заврши со бесконечни притвори без обвиненија или без судења во заливот Гвантанамо, ескалација на напади со беспилотни летала во кои загинаа невини цивили, продлабочување на американската окупација на Авганистан, циклус на самојакнење на тероризмот и контратероризмот и нови погубни војни во Либија и Сирија.

Кога Клинтонка замина и тој постави нов персонал на клучните места во својот втор мандат, Обама ја зеде во свои раце сопствената надворешна политика. Тој почна да работи директно со рускиот претседател Владимир Путин за решавање на кризите во Сирија и другите жаришта. Путин помогна да се избегне ескалација на војната во Сирија во септември 2013 година со преговори за отстранување и уништување на залихите на хемиско оружје во Сирија и му помогна на Обама да преговара за привремен договор со Иран, што доведе до нуклеарниот договор ЈЦПОА.

Но неоконзервативците беа бесни што не успеаја да го убедат Обама да нареди масовно бомбардирање и да ја ескалираат неговата прикриена прокси-војна во Сирија и да се повлечат од можноста за војна со Иран. Стравувајќи дека нивната контрола врз надворешната политика на САД бледнее, неоконзервативците почнаа кампања да го означат Обама како „слаб“ во надворешната политика и да го потсетат на нивната моќ.

Со редакторска помош на Нуланд, Каган во 2014 година напиша статија за Њу репаблик со наслов „Суперсилите не можат да се пензионираат“, прогласувајќи дека „не постои демократска велесила што чека да го спаси светот доколку оваа демократска велесила не успее“. Каган повика на уште поагресивна надворешна политика за да се искоренат американските стравови од еден мултиполарен свет во кој веќе не може да доминираат.

Обама го покани Каган на приватен ручек во Белата куќа, а неоконзервативното движење со покажување мускули го принуди да ги прекине своите дипломатски напори со Русија, дури и кога тој тивко напредуваше кон Иран.

Неоконзервативниот пуч против моралната чесност на Обама дојде во 2014 година со државниот удар на Нуланд во презадолжената Украина, стратешки кандидат за членство во НАТО, веднаш на границата со Русија.

Кога Јанукович го одби американскиот трговски договор со ЕУ во корист на 15 милијарди долари помош од Русија, Стејт департментот збесна.

Според договорот со ЕУ, Украина можеше да увезува европски производи, но не и да извезува свои на пазарот на ЕУ. Договорот подоцна беше одобрен од украинската влада, што дополнително ја влоши економската состојба во земјата.

Во тоа време, Нуланд ѝ помагаше на неонацистичката партија Свобода на Олех Тјањбок, кого во „протечениот“ разговор го нарече еден од тројцата главни опозициски лидери што би можеле да го поддржат премиерот Јацењук „однатре“. Ова е истиот тој Тјањбок што во еден говор им честиташе на Украинците што се бореле против Евреите и „другите ѓубриња“ за време на Втората светска војна.

Кога во февруари 2014 протестите на Мајдан се претворија во битки со полицијата, Јанукович и опозицијата, под покровителство на западните сили, потпишаа договор за формирање влада на национално единство и ветија дека ќе организираат нови избори до крајот на годината.

Но тоа не ги задоволи неонацистите и екстремните десничарски сили во чиј подем помогнаа САД. Насилна толпа предводена од десничарски милиции ја нападна парламентарната зграда, сцена што на Американците сега веќе им е добро позната. Јанукович и членовите на парламентот едвај спасија жива глава.

Соочена со загуба на својата најважна стратегиска морнаричка база во Севастопол на Крим, Русија го прифати убедливиот резултат (97% мнозинство, 83% одѕив) на референдумот со кој Крим изгласа да ја напушти Украина и да ѝ се приклучи на Русија, чиј дел беше од 1783 до 1954.

Провинциите со руско мнозинство Доњецк и Луганск во источна Украина еднострано прогласија независност од Украина, предизвикувајќи крвава граѓанска војна меѓу силите поддржани од Русија и силите поддржани од САД, која сѐ уште трае во 2021.

Руско-американските односи никогаш не заздравеа, дури ни покрај тоа што нуклеарните арсенали на двете нации сѐ уште ја претставуваат најголемата закана за човечкото постоење.

Што и да веруваат Американците во врска со граѓанската војна во Украина и обвинувањата за руско мешање во претседателските избори во САД во 2016 година, ние не смееме да дозволиме неоконзервативците и воено-индустрискиот комплекс кому тие му служат да го одвратат Бајден од спроведувањето витална дипломатија со Русија за да нè оддалечи од самоубиствениот пат кон нуклеарна војна.

Нуланд и неоконзервативците, меѓутоа, остануваат посветени на дури уште поисцрпувачка и поопасна студена војна со Русија и Кина за да си ја оправдаат милитаристичката надворешна политика и рекордните буџети на Пентагон. Во јули 2020 година Нуланд напиша статија „Приковување на Путин“ во која апсурдно тврдеше дека Русија претставува поголема опасност за „либералниот свет“ отколку Советскиот Сојуз за време на Студената војна.

Наративот на Нуланд почива на крајно митскиот и неисториски наратив за руската агресија и американската добронамерност. Таа се преправа дека рускиот воен буџет, кој е една десеттина од американскиот, е доказ за „руска конфронтација и милитаризација“ и ги повикува САД и нивните сојузници да ѝ се спротивстават на Русија со „одржување огромен буџет за одбрана, продолжување на модернизацијата на американските и сојузничките нуклеарни оружени системи и распоредување нови конвенционални ракети и ракетна одбрана за заштита од новите оружени системи на Русија“.

Нуланд исто така сака судир меѓу Русија и едно агресивно НАТО. Како американски амбасадор во НАТО за време на вториот мандат на претседателот Џорџ В. Буш, таа го поддржуваше ширењето на НАТО сѐ до руската граница. Таа се залагаше за отворање „постојани бази долж источната граница на НАТО“. Ние многу внимателно ја разгледавме мапата на Европа, но не успеавме да најдеме земја наречена НАТО со некакви граници. Посветеноста на Русија кон сопствената одбрана по последователните западни инвазии во 20 век Нуланд ја смета за неподнослива пречка за експанзионистичките амбиции на НАТО.

Нуландиниот милитаристички поглед на светот ја претставува истата онаа будалаштина што САД ја следат од 90-тите години под влијание на неоконзервативците и „либералните интервенционисти“, што резултираше со систематско неинвестирање во американскиот народ, додека се зголемуваат тензиите со Русија, Кина, Иран и други земји.

Како што Обама предоцна откри, погрешната личност на погрешно место во погрешно време може, турната во погрешна насока, да предизвика долгогодишно нерешливо насилство, хаос и меѓународен раздор. Викторија Нуланд би била темпирана бомба во Бајденовиот Стејт департмент, чекајќи момент да ги саботира неговите чесни намери, исто како што ја разори дипломатијата во вториот мандат на Обама.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Во САД и некои други земји, припадниците на загрозените расни и етнички малцинства имаат пократок животен век од просечниот, и поради тоа не се доволно застапени меѓу оние за кои најмногу се очекува дека ќе починат од ковид-19.

повеќе

Предвидувањата за тоа дека ќе дојде денот кога Бугарија ќе ги искористи пасошите кои Софија така лесно им ги даваше на македонските државјани почнуваат да се остваруваат.

повеќе

Реакцијата на семејството и блиските во однос на пандемијата е пресуден фактор кој влијае на емотивната состојба, размислувањата и однесувањето на младите.

повеќе