Израел прв го врати општиот карантин, граѓаните се гневни: Почнува нов циклус на хоророт

Израел е меѓу земјите со најголем број заразени со коронавирусот. Владата затоа воведе нов карантин. Одлуката наиде на отпор кај населението, пишува Дојче веле.

EPA-EFE

Земјата беше во карантин и за време на Пасха, еврејскиот празник во април, кога немаше никакво славење. Израелската влада сега вторпат донесе одлука за забрана за движење – само неколку часа пред почетокот на еврејската Нова година.

„Мајката од 90 години морам да ја оставам сама. Нема да можеме да одиме кај неа за да ја прославиме Нова година. Покрај неа ќе биде нејзината негувателка, а ние ќе останеме дома“, вели Јаел Тургеман. Рош хашана, еврејската Нова година, е празник кога се собираат семејствата и пријателите. „Сето тоа е разочарувачко. Сѐ е исто како првиот пат. И сѐ е неизвесно. Тешко е да се верува дека на крајот нешто ќе помогне“.

Одлуката за повторно воведување на забрана за движење ја подели нацијата. Според новите правила, Израелците смеат да се оддалечуваат од своите домови максимално еден километар. Во четвртокот беше објавена долга листа со ограничувања и исклучоци.

„Ситуацијата е апсурдна. Нема доверба во одлуката за нов карантин“, вели Анат Дреамер. На еден пазар во Ерусалим тој го завршува последното купување. „Многумина се гневни и истовремено збунети. Тоа не беше добро подготвено. Ни минатиот пат немаше јасна стратегија за излегувањето од карантинот. А сега почнува нов циклус на хоророт“.

Анат Дреамер е глумица и од почетокот на карантинот нема работа. „Не знам кога повторно ќе можеме нормално да работиме и дали некој ќе се погрижи за нас. Имам впечаток дека многу нешта се прават само поради политичкиот и верскиот притисок“.

Израелската економија сѐ уште не се опорави од првиот карантин кој беше во март и април. Премиерот Бенјамин Нетанјаху тогаш од сите страни беше фален поради начинот на кој ја решаваше кризата и работеше на сузбивањето на пандемијата.

Но, од тогаш се сѐ погласни критиките на сметка на владата: со месеци граѓаните секоја недела протестираат пред резиденцијата на премиерот во Ерусалим. Причината е неговата корупциска афера, но и начинот на кој владата се справува со коронакризата.

„Борбата против коронавирусот изгледа како обесхрабрувачки неуспех“, пишува новинарот на весникот Хаарец Амос Харел. „Тоа е смртоносна комбинација од лош менаџмент, хаос, ароганција, лошиот пример кој го даваат водечките луѓе во земјата и недоволната соработка на граѓаните“.

Израел е сега меѓу земјите со најголем број заразени. Но додека бројот на новите случаи во изминатите недели продолжуваше да расте, политичарите, здравствените работници и ултра-ортодоксните носачи на одлуките решија само регионално да се ограничат ноќните излегувања во градовите и градските квартови.

Владината нејасна насока и попустливоста кон разните интересни групи разгневија многу граѓани. Претседателот Реувен Ривлин призна дека израелскиот врв ги разочарал граѓаните. „Го разбирам чувството на збунетост, несигурност и страв кај многу граѓани. Го разбирам и пред сѐ сакам да се извинам за тоа“, кажа Ривлин.

Досега во Израел се регистрирани 187.000 заразени, во претходните денови имаше и по 5.000 новозаразени дневно. Умреа 1.256 лица. Во споредба со бројките од другите земји, тоа можеби изгледа малку, но Израел има само девет милиони жители.

Најмалку две болници беа приморани да испраќаат пациенти во други медицински центри за да се избегне пренатрупаност на болниците.

Болницата Шамир медикал центар се наоѓа во близина на Тел Авив и е една од најголемите во земјата. Од почетокот на кризата лекарите и медицинските сестри немаат одмор. „Ситуацијата е сериозна. Во моментов секој ден имаме сѐ повеќе пациенти. Нашиот оддел за корона е полн. Можеби имаме место за уште еден пациент, потоа би морале да отвориме уште еден оддел, а за тоа ни фалат луѓе“, истакна лекарот Гал Пахис.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Во Македонија само 1% од младите професионално се занимаваат со спорт, 7% спортуваат аматерски, додека 42% спортуваат рекреативно или практикуваат физичка активност во вид на хоби и рекреација.

повеќе

Нашето законодавство дава поголема важност на едно парче хартија отколку на вистинската состојба на терен.

повеќе

Еве што знаат мнозинството Македонци и Бугари родени до 1980 година.

повеќе