Ова се резултатите од истражувањето на Демостат „Надворешнополитичките ориентации на граѓаните на Србија“, кои беа објавени вчера.
Се наведува дека 58 отсто од анкетираните сметаат дека Србија не треба да ја усогласи својата надворешна политика со политиката на ЕУ, а 33 отсто сметаат дека треба тоа да го направи.
На претставувањето на резултатите беше истакнато дека 81 отсто од анкетираните сметаат дека Србија по секоја цена треба да ја зачува својата неутралност, додека 80 отсто сметаат дека Србија не треба да ѝ воведе санкции на Русија.
На прашањето за одговорноста за актуелната состојба во Украина, дури 54 отсто одговориле дека сметаат дека за воената ситуација е виновен исклучиво НАТО пактот. Само три отсто сметаат дека виновникот е Русија, а 17 отсто сметаат дека НАТО има поголема одговорност од Русија.
За српските политичари, 46 отсто најмногу доверба имаат во претседателот Александар Вучиќ. Шест отсто од граѓаните на Србија им веруваат на Здравко Понош и Ивица Дачиќ, а 27 отсто немаат доверба во ниеден политичар.
Од светските лидери, анкетираните имаат најдобро мислење за рускиот претседател Владимир Путин, дури 45 отсто. Втор е претседателот на Кина Си Џинпинг за кого 12 отсто од анкетираните имаат добро мислење, а трет е францускиот претседател Емануел Макрон со 11 отсто.