Исламска држава крева глава

Членовите на терористичката група Исламска држава претрпеа тешки порази во Ирак и Сирија, но и понатаму претставуваат закана за мирот и безбедноста не само на Блискиот Исток, туку и во Африка и Европа, каде што многу џихадисти се вратија и најдоа привремено прибежиште.

Фото: ЕПА

На тоа предупредуваат во Анкара, која е прва на удар на терористите, кои во последно време привремено се притаија.

„ИСИС, како и Курдистанската работничка партија и нејзиниот сириски разгранок Единиците за заштита на народот, продолжуваат да бидат голема закана не само за Турција, туку и за земјите од поширокиот регион, а особено за Сирија. Сѐ додека не ја спречиме соработката меѓу овие групи, невозможно е да се постигне траен мир и стабилност“, ги предупреди министерот за надворешни работи Мевлут Чавушоглу земјите-членки на меѓународната коалиција на неодамнешниот состанок во Рим.

Во Анкара ги критикуваат сојузниците, пред сѐ Америка, поради поддршката што ѝ ја даваат на опозициската група Сириски демократски сили, со која, како што тврди Турција, соработуваат и курдските терористи и џихадистите.

„Борбата против една терористичка група не може да се добие со поддршка на друга терористичка организација, бидејќи тие финансиски и логистички меѓусебно се поддржуваат“, посочуваат во Анкара.

Пентагон од самиот почеток ја вооружува оваа група од сириски Курди, која се истакна во борбата против џихадистите. Ова е еден од проблемите за кои сојузниците на НАТО, Турција и САД со години не можат да најдат заеднички јазик.

„Турција е единствената земја што во последно време се бори против ИСИС на теренот. Ние ја оневозможивме нејзината финансиска структура и досега елиминиравме 4.500 милитанти во Анадолија, Сирија и Ирак“, тврди турската влада.

Во заживувањето на активностите на припадниците на Исламска држава неодамна придонесоа и надворешни околности. Прво, многу земји се посветија себеси поради пандемијата на коронавирусот, и второ, на ИСИС ѝ одговараат судирите меѓу Америка и Иран по убиството на генералот Касим Сулејмани, кој беше познат како „еден од најголемите непријатели на ИСИС“.

Кога во март 2011 година во Сирија пристигна „арапската пролет“, Западот и Турција првично им прогледуваа низ прсти на џихадистите што нагрнаа во Сирија од целиот свет за да ѝ помогнат на тамошната опозиција да го собори режимот на Башар ал-Асад. Тие без никакви проблеми доаѓаа до Блискиот Исток, претежно преку Анадолија, бидејќи во почетокот наивно се веруваше дека на Ал Асад, како и на Хосни Мубарак и Муамер Гадафи, му се изброени деновите и дека екстремистите ќе се повлечат по неговиот пад. Кога ги консолидираа своите позиции во регионот, тие прогласија калифат (верска држава) на територијата на Сирија и Ирак и почнаа масовни прогони и вршеа терористички акции на Блискиот Исток, во Турција, Западна Европа и Африка. Повеќе од 300 цивили и припадници на безбедносните сили беа убиени во бомбашките акции во Анадолија.

По поразите во Ирак и Сирија, а особено по убиството на терористичкиот водач Абу Бакр ал-Багдади на крајот на 2019 година, погрешно се веруваше дека тоа е крајот на Исламска држава. Сепак, терористите сега се приспособуваат на новите околности. Некои во помали групи се притаија во Сирија и Ирак, чекајќи подобри денови, други се обидоа преку Анадолија со бегалците да стигнат до европските и африканските земји, од каде што и дошле пред десет години, а трети се приклонија кон Ал каеда и другите екстремистички групи, чекајќи подобри времиња. Некои земји, како Велика Британија и Холандија, не сакаат да ги примат своите муслимански државјани, иако Турција има договор со нив за екстрадиција на криминалци. Во меѓувреме им беа одземени пасошите. Но Исламска држава не исчезна. Таа е во дефанзива. Се притаи и се приспособува на новите околности на борбата. Нешто слично се случи пред две децении со Ал каеда по убиството на Осама бин Ладен во Авганистан. Голема загатка е новиот водач на Исламска држава, Ибрахим ел Хашими, чие име или потекло сè уште се непознати. Џихадистите од неодамна повторно креваат глава, не само во Ирак, Сирија и Турција, туку и во Конго, Буркина Фасо и Нигерија, каде што неодамна извршија неколку бомбашки операции.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Радован Павловски (1935, Ниш, Србија) е водечко име на третатта генерација македонски писатели, која во нашата литература се појави во шеесеттите години на минатото столетие и внесе нов творечки дух со препознатлив национален белег.

повеќе

Во јавните високообразовни институции, научноистражувачката дејност е целосно маргинализирана под неопходниот минимум.

 

повеќе

Го потсетувам претседателот на државата дека уставниот рок за создавање на парламентарно мнозинство е 20 дена, а веќе 30 дена Владата нема парламентарно мнозинство.

повеќе