ИСИС, секташки конфликти и хаос: Ирак 10 години по смртта на Садам Хусеин (ВИДЕО)

Десет години по убиството на ирачкиот диктатор Садам Хусеин, неговиот дух и понатаму го прогонува Вашингтон, потсетувајќи на неговите пропаднати амбиции да донесе мир и демократија на Блискиот Исток.

Кога Хусеин беше обесен во Багдад на денешен ден во 2006 година, тогашниот претседател на САД Џорџ В. Буш веќе знаеше дека инвазијата во Ирак, за време на која настрадаа 30.000 американски војници, не му го донесе на Вашингтон посакуваниот напредок, пишува Франс прес.

„Нѐ чекаат многу тешки избори и нови жртви. Сепак, безбедноста на американскиот народ бара од нас да не сопреме во обезбедувањето младата ирачка демократија да продолжи да напредува“, кажа тогаш Буш Помладиот.

Демократскиот Ирак од визијата на Буш остана, како што се покажа, негова пуста желба, бидејќи Американците не успеаја да ја сопрат погубната спирала на секташко насилство во земјата.

Сунитското малцинство, кое некогаш владееше со Ирак, беше сѐ поогорчено на главно шиитската владата, а тој гнев го поттикна подемот на ултрарадикалната Исламска држава во чии редови се и поранешните воени функционери на Садам.

Над 5.000 американски војници и понатаму се во Ирак и ѝ даваат клучна поддршка на ирачката војска која сѐ уште не може самата да се избори против исламистите.

Во меѓувреме американската јавност, која во 2003 даде силна поддршка за инвазијата во Ирак на чело со САД, и понатаму заздравува од воените трауми.

Неуспехот во Ирак, оценува Франс прес, имаше големо влијание врз одлуката на претседателот на САД Барак Обама да не нареди воена интервенција против сирискиот претседател Башар Ал Асад во крвавата граѓанска војна која наскоро ќе влезе во шестата година.

Во меѓувреме, наследникот на Обама Доналд Трамп својата претседателска кампања ја градеше делумно врз ветувањето дека САД никогаш повеќе нема да се мешаат во „промени на режими“ или „изградба на национални држави“.

Покрај тоа, Трамп повеќе пати истакна дека тој, за разлика од својата демократска противничка Хилари Клинтон, бил против војната во Ирак, иако во интервју од 2002 година за Хауард Стерн кажа дека ја поддржува инвазијата.

Десет години подоцна, дел од американските државници и понатаму се обидуваат да ги сфатат причините за неуспехот во Ирак.

Џон Никсон, првиот аналитичар на ЦИА кој го испрашувал Садам Хусеин по фаќањето во декември 2003 година, во својата нова книга тврди дека разузнавачките служби на САД и функционерите на Белата куќа имале погрешни сфаќања за ирачкиот лидер.

Тој пишува дека Садам Хусеин бил далеку од семоќен диктатор, особено во последните години од власта кога „изгледа немал поим што се случува во Ирак“. Меѓутоа, објаснува Никсон, високи функционери на САД цврсто верувале дека уривањето на режимот на Хусеин ќе донесе мир во Ирак.

Тој тврди дека Буш ја обвинувал ЦИА за сѐ што не им одело од рака на САД во Ирак и дека нејзините анализи ги нарекувал „нагаѓања“, а во исто време го слушал само она што сакал да го слушне.

Поранешниот аналитичар на ЦИА во книгата дава посложена слика за Садам како брутален диктатор кој преку убиствата, заканите и заплашувањата успевал да воспостави рамнотежа во етнички шарениот Ирак.

„Тешко дека група како Исламска држава би можела да постигне ваков успех под неговиот репресивен режим“, заклучува Никсон.

Изминатите неколку дена Централната разузнавачка агенција на САД (ЦИА) објави неколку милиони документи во врска со нивната работа, меѓу кои илјадници документи се однесуваат на СФРЈ и Македонија. 

повеќе

Искрено, сметам дека Трамп нема многу да се посвети на Македонија и на Балканот, како што некои мислат.

повеќе

Социјалните медиуми се алатка која овозможува двонасочна комуникација. Тоа е нивната предност,

повеќе