„Патот до војната“

Инсајдерски извештај: САД со месеци знаеле дека доаѓа војна, Зеленски не верувал во тоа

Едно утро минатиот октомври, највисоките американски разузнавачки, воени и дипломатски водачи влегле во Овалната соба на итен состанок со претседателот Џо Бајден. Тие дошле со доверлива разузнавачка анализа, составена од неодамнешни сателитски снимки, пресретнати комуникации и други извори, кои зборувале за плановите на рускиот претседател Владимир Путин да ја нападне Украина.

Фото: ЕПА

Администрацијата на Бајден со месеци будно следела како Путин собира десетици илјади војници и испраќа тенкови и проектили долж украинската граница, пишува Вашингтон пост во голем текст во кој ја дава хронологијата на настаните што се случувале зад затворени врати во пресрет на руската инвазија на Украина.

Како што одминувало летото, Џејк Саливан, советникот на Бајден за национална безбедност, се фокусирал на сѐ повеќебројните разузнавачки информации за Русија и Украина. Средбата во Овалната соба ја договорил откако се уверил дека руската инвазија на Украина е извесна.

Тоа било еден од неколкуте состаноци таа есен. Бајден и потпретседателката Харис седнале во фотелјите пред каминот, додека државниот секретар Ентони Блинкен, секретарот за одбрана Лојд Остин и генералот Марк А. Мили им се придружиле на директорите на разузнавачките служби и на ЦИА на софите околу масичката.

Влегување на САД во нов конфликт по катастрофата во Авганистан

Тогаш на Бајден му било кажано дека разузнавачките информации за оперативните планови на Путин покажуваат дека сѐ е подготвено за масовен напад врз Украина. Американската разузнавачка заедница имала свои извори во политичкото раководство, шпионскиот апарат и војската на Русија, од највисоките нивоа до најниските функционери, според американски официјални лица.

Многу порадикални од анексијата на Крим од Москва во 2014 година и поттикнувањето на сепаратистичкото движење во источна Украина, воените планови на Путин предвидувале заземање поголем дел од територијата на Украина.

Бајден, кој ја презеде функцијата ветувајќи дека ќе ја држи земјата подалеку од нови војни, бил категоричен дека Путин треба или да го одвратат или да се соочат со него, и дека САД не смеат да дејствуваат сами. Меѓутоа, НАТО не беше обединето во односот кон Москва, а кредибилитетот на САД беше слаб. По катастрофалната окупација на Ирак, хаосот што следеше по повлекувањето на САД од Авганистан и четиригодишните напори на Доналд Трамп да ја поткопа НАТО алијансата, Бајден не можел да биде сигурен дека може ефективно да ја предводи западната реакција на експанзионистичка Русија.

Украина беше проблематична поранешна советска република со историја на корупција, а одговорот на САД и сојузниците на претходната руска агресија беше несигурен и поделен. Кога ќе се случи инвазија, на Украинците ќе им требаат значителни количества ново оружје за одбрана. Премалку оружје можело да значи дека Русија ќе победи. Но премногу оружје можело да предизвика директен конфликт на НАТО со нуклеарно вооружената Русија.

Извештајот, со досега необјавени детали, фрла нова светлина врз борбата на САД за враќање на кредибилитетот, обидот да се балансира тајноста на разузнавачките податоци со потребата да се убедат сојузниците во нивната вистинитост и предизвикот да се одреди како најмоќната воена алијанса во светот ќе ѝ помогне на една не баш совршена демократија на руската граница без НАТО да испука ниту еден куршум.

„Напад на Киев од две страни, отстранување на Зеленски“

Вашингтон пост пишува дека текстот е напишан по разговорите со повеќе од триесет високи функционери на САД, Украина, Европа и НАТО. Некои зборувале под услов да останат анонимни. Го контактирале и Кремљ, но не добиле одговор.

„Проценуваме дека тие планираат да извршат голем стратегиски напад врз Украина од неколку правци истовремено“, рекол Мили на средбата. Нападот требало да биде брз и да ги фати украинските сили неспремни.

Според разузнавачите, Русите би дошле од север, од двете страни на Киев. Дел од војската би се движел низ украинскиот град Чернихив, додека другото крило би го нападнало Киев на запад, напредувајќи кон југ од Белорусија, преку природниот коридор помеѓу „зоната на исклучување“ околу нуклеарната централа Чернобил и околното мочуришно тло.

Одделно, руските сили ќе дојдат од исток и ќе минуваат низ централна Украина до реката Дњепар, додека војниците од Крим ќе го преземат југоисточниот брег. Овие акции би можеле да траат неколку недели, предвидувале руските планови.

По паузата за да се прегрупираат и повторно да се вооружат, руските сили би тргнале кон запад, по линијата север-југ што се протега од Молдавија до западна Белорусија, оставајќи распарчена украинска држава на запад - област што, според процените на Путин, била населена со непоправливи неонацистички русофоби.

Руското распоредување војници и трупање залихи

САД добија „вонредни детали“ за тајните планови на Кремљ, додека Русија продолжуваше да негира дека има намера да почне војна, објасни подоцна директорката на Националната разузнавачка служба Аврил Хејнс.

Плановите ги содржеле не само позиционирањето на војниците и оружјето и оперативната стратегија, туку и суптилностите како што е Путиновото „невообичаено и нагло зголемување на финансирањето воени операции за итни случаи и за зголемување на резервните сили, дури и кога другите итни потреби, како што е одговорот на пандемијата, беа недоволно обезбедени“, рече таа.

Ова не било само вежба за заплашување, за разлика од големото распоредување на Русија во април, кога силите на Путин беа закана на границите на Украина, но никогаш не нападнаа. На некои во Белата куќа им било тешко да ги замислат размерите на амбициите на рускиот лидер.

„Не се чинеше како нешто што би го презела една разумна земја“, рекол подоцна еден од присутните на состанокот за планираната окупација на Украина. Делови од Украина беа длабоко антируски настроени, што го крена сеништето на бунтот дури и ако Путин ја собори владата во Киев. Па сепак, разузнавачките податоци покажувале дека сѐ повеќе и повеќе војници пристигнуваат и се подготвуваат за целосен напад. Муниција, храна и клучни залихи пристигнувале во руските бази.

Бајден ги прашал своите советници дали навистина мислат дека Путин овој пат ќе нападне. Да, потврдиле тие. Ова е реално. Иако администрацијата во следните неколку месеци јавно ќе инсистира дека не верува дека Путин ја донел конечната одлука, единственото нешто што неговиот тим не можел да му го каже на претседателот тој ден било кога точно рускиот претседател ќе го нареди нападот.

На Путин му истекуваше времето за напад, Европа беше зафатена со себе

Директорот на ЦИА Вилијам Џеј Барнс, кој беше американски амбасадор во Москва и имаше подиректен контакт со Путин од кој било во администрацијата на Бајден, на состанокот рекол дека Путин е фиксиран на Украина. Контролата над земјата била синоним за Путиновиот концепт за руски идентитет и авторитет. Тој верувал дека прецизноста на военото планирање, заедно со верувањето на Путин дека Русија треба повторно да ја припои Украина, не остава сомнеж дека Путин е подготвен да изврши инвазија.

„Верував дека е доста сериозен“, рече Барнс неколку месеци подоцна, потсетувајќи се на брифингот.

До крајот на летото, додека ги составувале разузнавачките информации од границата и од Москва, аналитичарите што кариерата ја поминале проучувајќи го Путин биле сè поубедени дека рускиот лидер, и самиот поранешен разузнавач, гледа дека просторот за инвазија се намалува.

Во својата процена, аналитичарите заклучиле дека Путин, кој требаше да наполни 69 години, сфатил дека му истекува времето да го зацементира своето наследство како еден од големите руски лидери, оној што ја вратил руската надмоќ на евроазискиот континент.

Аналитичарите тврделе дека Путин пресметал дека секој одговор на Западот на обидот насилно да се заземе Украина ќе предизвика голем гнев, но дека последиците ќе бидат ограничени. Рускиот лидер, тврделе тие, верува дека администрацијата на Бајден е понижена од катастрофалното повлекување на САД од Авганистан и дека сака да избегне уште војни.

Соединетите Држави и Европа сè уште се бореа со пандемијата на коронавирусот. Германската канцеларка Ангела Меркел, фактичкиот европски лидер, ја напушташе функцијата и му ја предаваше власта на непроверен наследник. Францускиот претседател Емануел Макрон беше соочен со нови избори и борба против зајакнатата десница, а Британија страдаше од економска криза по брегзитот.

Големи делови од континентот зависеа од руската нафта и природен гас, за кои Путин мислеше дека може да ги искористи како клин за расцепување на западната алијанса. Тој подготви стотици милијарди долари во готовински резерви и беше уверен дека руската економија може да ги надмине неизбежните санкции, како што правеше претходно.

Четири важни правила

Откако му ги претставиле новите разузнавачки информации и анализи на брифингот во октомври, Бајден „во основа имаше две реакции“, рече Саливан. Прво, требаше да се обидат да го одвратат на Путин. „Требаше да испратат некого во Москва да седне со Русите на повисоко ниво и да им каже: ‘Ако го направите тоа, ова ќе бидат последиците’“.

Второ, требало да ги информираат сојузниците за американските разузнавачки податоци и да ги вклучат во единствениот и решителен став дека на Русија треба да ѝ се заканат со остри санкции, да се зајакне и прошири одбраната на НАТО и да ѝ се даде помош на Украина. Брнс бил испратен во Москва, а Хејнс во седиштето на НАТО во Брисел.

Постоеја четири важни правила.

1. Не смее да има оружен конфликт меѓу американската војска и НАТО со Русија.

2. Војната мора да остане во географските граници на Украина.

3. Единството на НАТО треба да се зајакне и одржува.

4. Украина треба да се зајакне и да ѝ се дадат средства за борба.

Администрацијата на Бајден, исто така, беше сериозно загрижена за младиот претседател на Украина, поранешен ТВ-комичар, кој дојде на функцијата со голем бран јавна поддршка и желба за големи промени, но го загуби јавниот углед бидејќи не го исполни ветувањето дека ќе обезбеди мир со Русија. Се чинеше дека Зеленски не му е дораснат на Путин.

Средба помеѓу Блинкен и Зеленски

Математиката не ѝ била наклонета на Украина. Русија имаше повеќе војници, повеќе тенкови, повеќе артилерија, повеќе борбени авиони и наведувани проектили, а во претходните конфликти ја покажа својата подготвеност да ги покори послабите противници, без оглед на загубата на цивилни животи. Можеби Киев нема да падне толку брзо како што очекуваа Русите, заклучиле Американците, но ќе падне.

Блинкен се сретна со Зеленски во Глазгов, Шкотска, на маргините на меѓународниот самит за климатски промени. Зборувал за разузнавачките информации и го најавил рускиот напад.

„Бевме само ние двајца, на два метри еден од друг“, се сеќава Блинкен. Тоа беше тежок разговор, вели тој.

Блинкен и претходно се среќавал со украинскиот претседател и мислел дека го познава доволно добро за да има искрен разговор, иако се чинело нереално „да му кажете некому дека верувате дека неговата земја ќе биде нападната“.

Зеленски му изгледал како „сериозен, решителен, стоички“, делумно убеден во она што го слуша, делумно со неверица. Тој рекол дека ќе ги информира своите советници. Но Украинците во минатото имаа видено многу руски измами, а Зеленски очигледно беше загрижен за економски колапс доколку неговата земја ја фати паника, рече Блинкен.

Презентацијата на Блинкен и скептицизмот на Зеленски го поставија моделот што ќе се повторува во текот на следните неколку месеци. Украинците не можеа да си дозволат целосно да ги отфрлат информациите на американските разузнавачки служби. Но, од нивна перспектива, информациите беа шпекулативни.

Зеленски ги слушнал американските предупредувања, се присетуваше подоцна, но рече дека Американците не го понудиле оружјето што ѝ е потребно на Украина за да се одбрани.

„Можете да кажете милион пати: ‘Слушајте, може да има инвазија’. Добро, може да има инвазија - дали ќе ни дадете авиони? Ќе ни дадете ли противвоздушна одбрана? 'Па, вие не сте членка на НАТО'. О, добро, па што зборуваме тогаш?“, рече Зеленски.

„Почнете да копате ровови, се спрема напад од големи размери“

Американците понудиле малку конкретни разузнавачки информации за да ги поткрепат своите предупредувања „сѐ до последните четири или пет дена пред инвазијата“, рече Дмитро Кулеба, министер за надворешни работи на Украина.

Неполни две недели по средбата во Глазгов, кога Кулеба и Андриј Јермак, шефот на кабинетот на Зеленски, го посетија Стејт департментот во Вашингтон, висок американски функционер ги пречекал со шолја кафе и насмевка. „Момци, копајте ровови!“, почнал службеникот.

„Кога ние возвративме со насмевка“, се сеќава Кулеба, „службеникот рече: ‘Сериозен сум. Почнете да копате ровови.’ Побаравме детали, ги немаше“.

Ако Американците станале фрустрирани од украинскиот скептицизам за руските планови, Украинците не биле ништо помалку збунети од сѐ погласните американски предупредувања дека доаѓа инвазија.

„Моравме да најдеме рамнотежа помеѓу реалната проценка на ризикот и подготовката на земјата за најлошото... и одржувањето на земјата економски и финансиски“, рече Кулеба. „Секој коментар што доаѓаше од САД за неизбежноста на војна веднаш се одразуваше на курсот на украинската валута“.

Официјалните упатства им забрануваа на американските разузнавачки агенции да споделуваат тактички информации што Украина може да ги искористи за да изврши офанзивни напади врз локациите на руските трупи на Крим или против сепаратистите поддржани од Кремљ на исток.

Сопствениот разузнавачки апарат на Украина исто така бил преполн со руски кртови, а американските власти биле загрижени дека чувствителните информации би можеле да завршат во рацете на Москва. По почетокот на војната, администрацијата на Бајден ја промени својата политика и почна да споделува информации за движењата на руските трупи низ Украина, врз основа на кои сега ја брани земјата од инвазијата.

Русија ја почна инвазијата, Зеленски му се јави на Бајден

Рано во вечерните часови на 23 февруари, Белата куќа добила итна разузнавачка информација. Имало „голема веројатност“ дека инвазија почнала. Војниците биле во движење, а Русите истрелувале проектили кон цели во Украина.

Саливан разговарал со Јермак, шефот на кабинетот на Зеленски. Имаше „исклучително високо ниво на вознемиреност“ во Киев, рекло за Вашингтон пост лице запознаено со повикот. „Ништо не беше надвор од контрола. Беше крајно емотивно, но на начин што би го очекувале“.

Јермак му рекол на Саливан да почека - сакал да го доведе Зеленски на телефон за да разговара директно со Бајден. Саливан го споил американскиот претседател на телефон.

Зеленски побарал од Бајден веднаш да контактира со што е можно повеќе светски лидери и дипломати. Треба да им каже јавно и директно да му се јават на Путин и да му кажат „прекини го ова“.

„Зеленски беше вознемирен“, се сеќава лицето. Тој побарал од Бајден сега Украина да ги добие сите разузнавачки информации што може. „Ќе се бориме, ќе се браниме, можеме да издржиме, но ни треба вашата помош“, му рекол Зеленски на Бајден.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

На 6 октомври 1946 година почна носењето на моштите на Гоце Делчев од Софија во Скопје, столицата на слободна Македонија.

повеќе

Постои нужна потреба од прилагодување на студиските програми, соодветните силабуси и наставниот курикулум на реалната потреба на пазарот на труд во државата.

повеќе

Во текот на оваа и претходната година, инфлацијата ја задуши македонската економија. 

повеќе