Која е Џорџа Мелони

Хобитите и екстремната десница: како фантазијата ја инспирира новата лидерка на Италија

За Џорџа Мелони, националистичката наредна премиерка на Италија, и за нејзината дружина милитанти, „Господарот на прстените“ не е само серија романи, туку и лична библија.

Фото: ЕПА

Десничарската партија Браќа од Италија победи на синоќешните вонредни парламентарни избори. Италија сега првпат во својата историја ќе има жена премиер, а тоа е екстремната десничарка Џорџа Мелони. За разлика од многу десничари, Мелони ја осуди руската инвазија на Украина, а има и необична опсесија со делата на Толкин, особено со книгата „Хобит“, што станало јасно додека таа сè уште била младинска активистка.

За што се залага Мелони?

Таа бара повеќе семејни бенефиции, помалку европска бирократија, ниски даноци и запирање на имиграцијата. Има цел да ги затвори италијанските пристаништа за мигрантите што пристигнуваат од Либија.

Сака повторно да преговара за договорите на ЕУ и за членството на Италија во валутната заедница на еврото. Исто така, нејзината партија го отфрла правото на абортус и истополовите бракови.

Браќа од Италија ја поддржува политиката за справување со нискиот наталитет во земјата, предлагајќи отворање бесплатни градинки и воведување семеен додаток од 400 евра месечно.

Партијата не се залага за напуштање на Италија од блокот на ЕУ, па дури ни од еврозоната, велејќи дека претпочита „Европа на нациите“. Мелони можеби смета дека оваа позиција полесно може да се поддржи сега кога Италија има корист од речиси 200 милијарди евра од фондовите на ЕУ за закрепнување од коронавирусот.

Мелони е блиска со националистичкиот премиер на Унгарија Виктор Орбан, како и со францускиот Национален собир и со шпанскиот Вокс. Има врски и со американската крајна десница.

Таа покажа силна поддршка за Украина и за атлантскиот сојуз по руската инвазија, спротивно на ставовите на поранешните лидери Матео Салвини и Силвио Берлускони, кои претходно беа поврзувани со Путин.

„Носталгичарка по фашизмот“

Левичарите ја нарекуваат „носталгичарка по фашистичките времиња“, но ни таа самата не бега од своето минато ниту јасно се дистанцира од него. Во младоста Мелони била дел од младинското крило на неофашистичката партија Италијанско социјално движење. Тогаш имала само 15 години, но фактот што подоцна го водеше студентскиот разгранок на екстремно десничарската „Национална алијанса“ покажува дека со години верувала во слични ставови.

Мелони во својата биографија пишува дека е свесна дека се наоѓа на политичко минско поле.

„Ние сме деца на нашата историја. На целата наша историја. Како што е случајот со сите други народи, патот што го поминавме е сложен, многу покомплициран отколку што многумина сакаат да обзнанат“, рече таа.

Опседнатоста со „Хобит“

Како активистка во постфашистичкото Италијанско социјално движење, таа и нејзината дружина милитанти, со прекари како Фродо и Хобит, изградиле култ кон „Господарот на прстените“ и другите дела на британскиот писател Џ.Р.Р. Толкин. Посетувале училишта облечени како ликови од романите. Се собирале на „звукот на Боромировиот рог“ на културолошки муабети. Таа присуствувала и на фестивалот „Камп Хобит“ и пеела заедно со екстремистичката фолк-група Компања дел'Анело, што во превод значи „Дружината на прстенот“.

„Идејата да го наречеме Камп Хобит дојде од вистинска стратегија“, вели Умберто Кропи, бивш член на Италијанското социјално движење и еден од основачите на фестивалот. Поентата била да се дистанцираат од старите симболи и да ја капитализираат изолацијата на партијата, нејзината ситност и виктимизацијата од насилните левичарски непријатели за да го направат нивниот херој „не воинот Арагорн, туку малиот хобит - сакавме да излеземе од таа милитаристичка, херојска идеја“, пренесува Њујорк тајмс.

Сето ова може да изгледа како младешки занес за дела поврзани со фантазијата и високобуџетните епови, а не со политичката милитантност. Сепак, во Италија, „Господарот на прстените“ половина век беше централниот столб врз кој потомците на постфашизмот го реконструираа идентитетот на тврдокорната десница, во традиционалистичката митска ера барајќи си ги симболите, хероите и митовите.

„Мислам дека Толкин може подобро од нас да каже во што веруваат конзервативците. Повеќе од само нејзина омилена книга, „Господарот на прстените“ беше и нејзина библија. „Јас не го сметам ‘Господарот на прстените’ за фантазија“, рече еднаш Мелони.

Аграрниот универзум на Толкин, полн со доблесни добри момци што ги бранат своите идилични, шумовити кралства од ордите мрачни и насилни орки, со децении поттикнува научни и конгресни центри, дебата за расните и идеолошките предрасуди на авторот, за неговиот поглед кон модерноста и глобализацијата. Во поново време, неговите дела, исто така, станаа плодна почва за националистите што себеси се гледаат во неговите херојски архетипови.

Но, во Италија, авантурите на Билбо Багинс и мапите на Мордор оформија генерации од постфашистичката младина, меѓу кои е и госпоѓата Мелони, која од вчерашните избори излезе како прва жена премиер на Италија – и првата што потекнува од постфашистички корени.

Во своите рани дваесетти се појавувала во онлајн-собите за муабетење под прекарот Кхи-ри, нарекувајќи се себеси „малиот змеј на италијанската мрежа“. Таа неодамна ја нарече својата политичка конференција Атреја, италијански превод на името на херојот на „Бескрајна приказна“, култен филм од 1980-тите, кој прикажуваше летечки аниматронски лик што изгледаше како половина змеј, половина лабрадор ретривер.

Вели дека од џуџињата, вилениците и хобитите ја научила „вредноста на специфичноста“ и дека „секој од нив е неопходен за фактот да се биде посебен“. Тоа го извлекла тоа како лекција за заштита на суверените нации и уникатните идентитети на Европа.

„Сакавме да кажеме дека глобализацијата, вие мора да ја управувате“, рече таа. „Ако разгледате наоколу, не сме згрешиле, нели?“.

Овој месец, на митинг во Сардинија, Давиде Анеда (21), водач на локалното младинско крило на Браќа од Италија, носеше маица на која пишуваше „Хобит“.

„Ако не сте од нашиот свет, тоа е многу тешко да се разбере“, рече Анеда, објаснувајќи дека „Хобит“ е постфашистичка крајно десничарска рок-група и дека Толкин напишал „фундаментален дел од нашата историја“.

А за Италија, можеби дел од нејзината иднина.

Мелони, која се чини дека е спремна да го зграпчи сопствениот месинген прстен по децении во политичките ровови, рече дека нејзиното разбирање за моќта и за нејзината способност да корумпира и да изолира една личност е „тесно поврзано со читањето на Толкин“.

„Јас ја сметам моќта за многу опасна“, рече таа. „Ја сметам за непријател, а не за пријател“.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Самата идеја на странските директни инвестиции е да донесе нови вработувања со повисоки плати кои треба да ги исплаќа странскиот инвеститор.

повеќе

Треба да се размисли за тоа дека сите предлози и промени кои доаѓаат од Брисел, не можат ефикасно да се применат и во Македонија и да се дејствува во правец на благосостојба на граѓаните, а не само на профитите.

повеќе

Предложеното законско решение се фокусира на аудиовизуелниот/радиодифузниот сектор, игнорирајќи ги последниве две децении на развој на дигиталниот домен и на интернет, со сите негови позитивни и негативни страни.

повеќе