Поради војната во Украина

Грузијците неволно ги прифаќаат сѐ поголемиот број руски доселеници

Рускиот емигрант Валентин Семјонов го користи колбасот како мразокршач кога се среќава со своите грузиски соседи. „Ова има вкус исто како старите добри советски работи!“, вели сувиот, испиен 38-годишник додека ги подава стапчињата салама, од кои се чини дека донел бескрајни залихи од својата татковина.

Речиси и нема сосед во неговата станбена зграда во предградието на Тбилиси што не го добил овој подарок откако Семјонов се доселил во Грузија по руската инвазија на Украина. Речиси секогаш облечен во зелена тренерка и светли бели патики, веселиот и енергичен Русин тропнал на секоја врата во зградата, запознавајќи се и собирајќи информации за најдобрите опции за купување, разгледување и вежбање во градот.

Но оваа кампања на запознавање и поздравување има и друга агенда: да го процени расположението кон Русите во својот нов дом. „Генерално се трудам да се запознаам со сите каде и да одам, но, да, признавам дека тука се трудам од петни жили бидејќи ми беше кажано дека сите овде ги мразат Русите поради Украина“, изјави тој за Еуразианет.

Грузија стана место за бегство за десетици илјади Руси што ги напуштија своите домови поради казнениот ефект на меѓународните санкции и засилената репресија врз политичките противници. Семјонов пристигнал во март, еден од над 43.000-те Руси што дошле во Грузија тој месец – рекорден број месечни доселувања - привлечен од небарањето виза и лесниот пристап по копно.

Семјонов се довозел од својот дом во Ростов на Дон и ги донел сопругата, двете ќерки и својот мал бизнис за развој на софтвери - во суштина операција што стана неостварлива откако меѓународните санкции ги прекинаа банкарските трансфери во Русија.

Многу Руси имаат стереотип за Грузија дека таа е место на сонце, забава и хачапури – славната грузиска пита со сирење и симбол на нејзиното познато гостопримство.

Но наместо тоа, Семјоновци наишле на леден пречек во секоја смисла. Тбилиси доцна пролетта било покриено со снег, а насекаде имало антируски пораки.

Фото: ЕПА

На влезот во нивната станбена зграда бил закачен знак „Русија е окупатор“, украсен со боите на украинското и грузиското знаме. На една истражувачката прошетка низ соседството, тие виделе графити што ги советуваат Русите да си одат дома или, ако не, на онаа конкретна дестинација на која украинските граничари славно го испратија рускиот воен брод кај Змискиот Остров.

На пат кон дома Семјонов влегол во една продавничка и побарал сапун и други продукти за бањање, зборувајќи на руски. Средовечната жена зад пултот почнала да фрла ножеви кон него и му одговорила дека нема ништо што може да ја измие крвта од неговите раце.

Бран на гнев

Додека сликите на страдањата и пустошењата во Украина се емитуваа низ светот, тие предизвикуваа особен бес кај Грузијците, на кои им се чинеше како дежа ву од руската инвазија на нивната земја во 2008 година. Долгата листа критики против рускиот империјализам, кои долго време зовревале, избувнаа во огромен бран на бескомпромисен гнев кон рускиот народ, дури и кон руските иселеници што отворено ѝ се спротивставија на војната.

Рускиот видеоблогер Сергеј Хволински го поминал првиот ден од војната стуткан во својот дом во Тбилиси, потресен од настаните во Украина.

И тој се нашол фатен во вкрстен оган. Од една страна, морал да одговори на плотунот од критики и приговори што се сроил на неговиот канал на Јутјуб и страницата на Инстаграм. Од друга, се расправал со татко си во Русија, кој ја поддржал инвазијата. „Татко ми верува во сè што му кажува руската телевизија“, изјави Хволински за Еуразианет.

Роден во руската Еврејска автономна област, реликвија на советскиот експеримент за создавање еврејска татковина на рускиот далечен исток, Хволински скитал низ различни градови и известувал за своите искуства. Фрлил сидро во Грузија во ноември 2021 година.

Во својата прва објава од Тбилиси им се восхитува на атмосферските дворишта и старите градски куќи спремни за Инстаграм во историскиот дел на градот и се жали на хаотичниот сообраќај и негрижата за личниот простор. „Случајни минувачи доаѓаат и го галат моето куче без да ме прашаат дали смеат“, рече тој.

Кога конечно се охрабрил да излезе надвор по почетокот на војната, видел дека Тбилиси се променило. Практично целиот град бил обвиен во украински знамиња. Имало масовни проукраински демонстрации и хуманитарна помош се собирала на секој агол. Имало и видно антируско расположение.

Фото: ЕПА

Во следното видео тој многу јасно ставил до знаење кој му е ставот во однос на Украина. „Русија е единственото место каде што можете да живеете денес без да го доживеете колективното чувство на срам што целиот свет очекува да го почувствуваат Русите“, рече тој.

Но тоа не успеало да ги смири критичарите. „Само слушнете го овој човек, наместо да се врати во Русија и да ѝ се спротивстави на својата влада, тој ја става опашката меѓу нозе и се притајува во друга земја, која исто така е окупирана од војската на неговата земја!“, напиша една Грузијка на Фејсбук, споделувајќи го видеото на Хволински. Во коментарите под нејзината објава, десетици нејзини пријатели на Фејсбук се согласија со неа.

„Јас не сум херој“, вели Хволински за Евроазианет. „Сите сакаат Русите да се вратат назад и да се борат, но јас повеќе би сакал да помогнам на начинот на кој можам“. Ова вклучува собирање помош за Украинците и обид за промена на перспективата на неговите сограѓани што не гледаат подалеку од официјалната пропаганда.

Во раните денови на војната, Хволински бил загрижен за својата безбедност додека се движел низ гневните толпи демонстранти, но вели дека никогаш лично не го нападнале.

Вероника Заводнова ја немала таа среќа.

Прво, таа го нашла својот автомобил покриен со антируски налепници. Предаден од руските регистарски таблички, автомобилот подоцна бил изгребан со клуч од двете страни. Заводнова на крај ставила грузиски таблички.

По потекло од Хабаровск, Заводнова веќе три години живее во Тбилиси и тука води цвеќарница. Косопственикот на продавницата е Украинец, а кај нив работат уште неколку Украинци.

„Но никој не беше заинтересиран да дознае повеќе за нас, тие едноставно навлекоа гнев на нашата страница на Инстаграм“, рече таа. „Луѓето, вклучително и мојот сосед, бараа отворено да го кажеме нашиот став на нашата бизнис-страница за целата оваа ситуација, но јас искрено не знаев што да правам“.

Заводнова се расплакува кога се сеќава дека разговарала со своите украински пријатели по почетокот на војната. „Плачев и им велев дека ми е жал, а тие ме тешеа, иако се криеја во метростаници и бункери“, вели таа.

Но Тбилиси не верува во солзи. Многу Грузијци тврдеа дека времето за воздржаност или молк е минато и дека Русите треба јасно да кажат што мислат за политиката на Кремљ, дури и да го стават тоа во писмена форма. Една од најголемите грузиски банки дури ги тераше руските граѓани што сакаа да отворат сметка да потпишат документ со кој се осудува руската окупација на Украина и Грузија.

„Многумина не можат да потпишат таков документ, не затоа што не се согласуваат, туку затоа што не можат да бидат сигурни дека тој нема да стане јавен и дека ФСБ (руската Федерална служба за безбедност) нема да се појави на вратите на нивните родители во Русија“, рече Заводнова.

Многумина од руските иселеници сè уште сметаат дека гневот е разбирлив со оглед на проблематичната историја на грузиско-руските односи, но тие тврдат дека е неправедно сите Руси да се вбројат во единствен агресорски и окупаторски ентитет.

Грузијците возвраќаат дека нема големи разлики меѓу Русите.

Фото: ЕПА

Нови правила

Голем дел од Грузија првично жестоко се спротивстави на ненадејниот прилив на Руси, а многумина сè уште го прават тоа. Некои ги сметаа за безбедносна закана: со распоредени руски трупи во отцепените Абхазија и Јужна Осетија, на стрелачко растојание од грузиските градови, а сега со зголемено присуство на руски цивили, Грузијците се почувствуваа прегазено и приклештено.

Други сметаа дека примањето на избеганите Русите и нивните бизниси е нож во грб за Украинците, бидејќи ги поткопува меѓународните напори да се изгладни Москва за да му се стави крај на нејзиниот напад врз Украина. Вкупно 1.200 бизниси управувани од Руси се основани во Грузија во последните месеци, објави Транспаренси интернешнл.

Во сегашни услови, Русите можат да останат во Грузија една година без визи, додека на Грузијците им треба виза за влез во Русија. Но со напливот на Руси, многу Грузијци ја повикаа својата влада да воведе визен режим за да им даде предност на дисидентите и активистите.

Грузиските власти всушност го правеа спротивното. Очигледно плашејќи се од одмазда од Москва, властите не им дозволија влез на многу познати критичари на Кремљ – како неодамна на Олга Борисова, членка на протестната група Пуси рајот - иако многу други успеаја да влезат.

Некои обични Грузијци ги презедоа работите во свои раце. Некои одбија да им изнајмуваат станови на Руси, други се погрижија новодојдените да го дознаат расположението во Грузија. Некои од најпознатите барови и ресторани во Тбилиси поставија табли на кои пишува дека се отворени за руски клиенти само доколку се противат на политиката на Кремљ кон Украина и Грузија. Многу од овие места сега се преполни со Руси, иако повремено има поплаки на интернет дека таблите се русофобични.

Кога еден руски брачен пар се вселил во стан наспроти станот на Михаил Девшурашвили во Тбилиси, тој ставил знак на лифтот со анатомски експлицитен епитет за Владимир Путин што сега универзално го користат Украинците и Грузијците. Се чини дека на соседите не им пречело тоа. Девшурашвили на крајот одлучил дека има проблем со грузиската влада, а не со Русите.

„Треба да постои брз механизам за одобрување на вистинските неистомисленици и активисти, а сите други треба да застанат во редица и да им се проверува потеклото“, рече Девшурашвили.

Во меѓувреме, Семјонов, експертот за колбаси, се едуцирал за тоа што сѐ ги иритира Грузијците, вклучувајќи го и арогантното очекување дека сите зборуваат руски. Со својата шармантна кампања низ маалото, тој се обидел да се хуманизира во очите на своите соседи - „за да не мислат дека сите Руси се убијците од Буча“, рече тој, мислејќи на едно од местата на руските злосторства во Украина - и си изградил голем социјален круг како безбедносна мрежа. Колбасот одиграл клучна улога во неговата маалска дипломатија.

Грузијците не мора да ја делат фасцинацијата на Русите со колбасот, но соседите го прифатиле маслиновото гранче, а некои возвратиле со послужавници со овошје. Земјата, исто така, на крај неволно го прифаќа растечкото руско присуство.

Летото донесе во Грузија бран руски туристи, покрај дисидентите и економските мигранти. Клубовите и кафулињата сега се преполни со руски хипстери, додека приградските паркови се преполни со руски родители што врескаат по своите Надји, Андрјушовци и Катји да бидат мирни.

Грузијците и Русите немале олку близок контакт, и тоа во олкав обем, уште од распадот на Советскиот Сојуз.

Има многу болни точки - многу Грузијци се згрозуваат кога ќе екне некоја гласна руска пијана забава. Но поголемата интеракција им помага на двете страни да размислат за стереотипите од минатото, а Грузијците ги забележуваат и другите Руси, кои се однесуваат со почит и се трудат да научат како да кажат „благодарам“ на грузиски.

„Во почетокот имаше само неселективен гнев“, рече Хволински. „Но сега разговараме“.

Објавено

Вторник, Јули 5, 2022 - 09:42

Работите во Македонија забегаа до тој степен што за нив мора да се пишува отворено, „револуционерно“.

повеќе

Минатата недела во јавноста се актуелизираше дискусијата за концептот на даночната реформа.

повеќе

Војната во Украина ја разоткри вистината за Русија, но и вистината за Европа. 

повеќе