Ковид-19

Готвачите против научниците: битката за рестораните

„Чез Франсоа“ е дискретен ресторан во близина на францускиот парламент, кој може да се пофали дека меѓу гостите му биле лидери како Никола Саркози и Франсоа Оланд. Меѓу опциите за јадење дури има и „парламентарно мени“ - оброк од три јадења, кој вклучува месо од дива свиња и телешко.

Фото: ЕПА

Кон крајот на септември, кога вториот бран на коронавирусот ја погоди Франција, научниците што ја советуваа владата побараа да се затворат баровите, рестораните и кафулињата. Плашејќи се дека неговата работа ќе страда, Паскал Мусет, кој е сопственик на ресторанот „Чез Франсоа“ и на уште четири ресторани во француската престолнина, решил да побара помош од стар познаник. „За име божје, не го затворајте Париз“, напиша Мусет во пораката до Ален Грисет, помошник-министер за финансии и економија.

Во интервју за Ројтерс, Мусет вели дека Грисет бил редовен гостин во неговиот ресторан сѐ додека не влегол во владата во јули. Тој вели дека го познава Грисет со години, но дека нивните контакти околу ковид-19 биле дел од вообичаената размена на ставови меѓу претставниците на владата и компаниите.

Напорите на Мусет всушност ја илустрираат пошироката кампања на сопствениците на фирми во Франција и низ целиот свет за укинување на ограничувањата што ги бараат научниците за забавување на пандемијата. Во Париз, нивната кампања дури беше и успешна бидејќи рестораните и кафулињата беа отворени дополнителни неколку недели.

Тоа е битка што се одвиваше на различни начини низ целиот свет. Во Франција, земјата што ја измисли луксузната кујна, каде што голем број од гласачите сметаат дека рестораните и баровите се неопходни за живот - угостителите ја водеа битката на највисоко политичко ниво.

Славни готвачи се појавуваа на телевизиските емисии, сопствениците на ресторани протестираа на улиците, а кампањата вклучуваше десетици состаноци зад затворени врати.

Во интервју за Ројтерс, научниците рекоа дека борбата била нерамноправна и дека тие често морале да ги приспособуваат советите на она што е политички и општествено прифатливо.

За Јаздан Јазданпан, член на Научниот совет, независно тело во владата, ова искуство покажало дека научната заедница треба да работи повеќе за да се слушне нејзиниот глас.

„Треба да научиме како да комуницираме со јавноста, како подобро да ја едуцираме. „Требаше подобро да ги објасниме работите, да бидеме поприсутни“, рече тој за Ројтерс.

Сепак, Министерството за здравство тврди дека тие секогаш го ставале јавното здравство пред сè друго и дека сите консултации за претставниците на индустриските групи биле транспарентни.

Во август, Французите уживаа во летото. Првиот карантин заврши во мај, бројот на случаи падна, а скоро 200.000-те ресторани и кафулиња во земјата беа преполни. Сепак, до крајот на тој месец, бројот на заразени лица почна да расте, а Научниот совет ги предупреди официјалните лица да очекуваат зголемување на бројот на заразени.

Американскиот центар за контрола на болести на 11 септември објави студија што покажа дека возрасното лице има двојно поголема веројатност да се зарази со ковид-19 ако оди во ресторан. Француските научници рекоа дека американското истражување ги потврдило нивните сомневања: веднаш по приватните домови, угостителството е вознемирувачки вектор за инфекција.

Истиот ден кога беше објавена американската студија, претседателот Емануел Макрон претседаваше на состанок на својот кризен тим. Министерот за здравство Оливие Веран побара затворање на кафулињата, рестораните и баровите во Марсеј и Бордо, изјавија упатени извори за Ројтерс.

Макрон одби, велејќи му на Веран да се фокусира на поголем број тестирања. Тој беше загрижен за економијата и поради реакцијата на Французите на тие мерки, рече еден извор. На 22 септември, Научниот совет препорача затворање на баровите и рестораните доколку не можат да се придржуваат до строгите мерки. Владата нареди затворање на кафулињата и рестораните во Марсеј, но оние во Бордо останаа отворени.

Угостителите во Париз помислија дека тие се следните. „Си рековме: Мораме да сториме нешто“, рече Стефан Маниголд, сопственик на четири ресторани во Париз, вклучувајќи го и оној каде што се прави јадењето за кое пишуваше списанието „Вог“.

Угостителите почнаа да го користат своето влијание.

Беа организирани вечери и состаноци преку Зум со цел реномираните угостители да подготват акциски план. Истакнати готвачи се приклучија во лоби-групите, а во Марсеј и Париз беа организирани протести под транспарентот „Остануваме отворени“. Тие дури пронајдоа неколку научници што објавија две отворени писма во кои се тврди дека приказната за вториот бран е претерана.

Фото: ЕПА

Зад сцената, Маниголд му праќаше приватни пораки на Бруно ле Мер, министерот за финансии и економија и негов стар познаник. Тој му рече дека државната помош за вработените во рестораните не е толку великодушна како што се зборува. Министерот му рече да продолжи да му испраќа „корисни информации“, изјави Маниголд за Ројтерс.

„Сите одат во ресторани“, рече Маниголд. „Лекарите и политичарите сакаат да уживаат. Заменикот на Ле Мер, Грисет, во периодот помеѓу 24 јули и 15 ноември одржа 16 состаноци со претставници на угостителскиот сектор. Тоа е повеќе отколку со претставниците на кој било друг економски сектор. Тој за Ројтерс тврди дека тоа било сосема разумно затоа што тоа било една од најтешко погодените области и дека јавното здравство никогаш не страдало поради економските интереси.

Вклучен беше и Макрон. Во тој период, тој отиде во ресторанот во Париз каде што често вечераше пред изборите, изјави извор за Ројтерс. Тој разговараше со вработените и со сопственикот на ресторанот.

Три дена откако сопственикот на ресторанот „Чез Франсоа“ испрати порака до Грисет, на 29 септември, дневниот број на заразени во Франција беше над 8.000. Шефот на Грисет, Ле Мер, и премиерот Жан Кастекс ги слушнаа барањата на угостителите и организираа итен состанок. Темата беше можното затворање на сите ресторани, барови и кафулиња низ Франција, изјави извор за Ројтерс. Претставниците на угостителите имаа предлог. Ако ветат дека ќе ги почитуваат строгите правила за рестораните, може ли да останат отворени? Официјалните лица решија да размислат за тоа.

Нивниот предлог беше прифатен, а една недела подоцна, кога беа воведени нови мерки, рестораните останаа отворени.

Четири недели по тој состанок, на 27 октомври, експлодира бројот на заразени во Франција и беа евидентирани 523 смртни случаи.

Следниот ден, Макрон објави национална блокада, вклучително и затворање на сите ресторани и кафулиња. Ќе останат затворени за време на Божиќ и Нова година, а отворањето е можно најрано на 20 јануари. Во трката со француската угостителска индустрија научниците заостануваа, тврди Јазданпан од Научниот совет. „Ние никогаш не би протестирале на улица.“

Според Организацијата за европска безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), Французите поминуваат повеќе време во јадење и пиење од другите народи. Значителен дел од тоа време е во кафулиња и ресторани. За многу француски вработени, ручекот со колегите и клиентите е кулминација на денот, пишува Ројтерс.

„Ова е вирус што му нанесува огромна штета на францускиот начин на живот - храна, чаша вино, разговор“, рече Жилиен Боровик, лекарка и член на парламентот, која претседава со комисија што ги испитува владините активности за време на пандемијата. Покрај тоа, регионот Париз има најголема концентрација на работа во угостителството во цела Европа, покажаа податоците на Еуростат.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Пред неколку недели се наврши една година од почетокот на пандемијата. Ковид-19 ги разоткри системските проблеми во здравствениот систем и другите институционални гранки на Косово.

повеќе

Ако не се претвориме во систем на вакцинални касти („Тргни ги твоите Астразенека-шепи од мојот Фајзер-дедо“), може да застраниме кон вакцинални пасоши со сомнителна валидност („Врвката на оваа пропусница не е во нијанса одобрена од СЗО!“).

повеќе

Освен неколку изолирани обиди, повеќето луѓе не реагираат кај институциите и не бараат одговорност. 

повеќе