Искусниот вирусолог од времето на СФРЈ

Глигиќ: Има само два вистински начини за победа над короната - вакцина или масовно заразување

Додека балканските земји секојдневно регистрираат голем број нови случаи на коронавирусот, епидемиолозите во Србија предупредуваат на можно нагло влошување на епидемиолошката состојба и повикуваат на почитување на мерките - носење маска и држење дистанца. Искусниот вирусолог Ана Глигиќ за Нова.рс проценува дека треба да се почитуваат мерките, но дека „од оваа лоша ситуација“ има само два вистински излези - вакцина или масовно заразување.

Фото: Роберт Атанасовски

Д-р Глигиќ, која беше раководителка на Националната референтна лабораторија за вариола во времето на епидемијата на големи сипаници во Југославија, вели дека појавата на третиот бран на коронавирусот воопшто не е изненадувачка, со оглед на она што го дознавме досега за неговото пренесување.

„Се пренесува и преку воздухот и преку контакт и преку аеросолите. Пред некој ден прочитав дека може да се пренесува и преку парите. Останува уште само некој да направи истражување дека може да се пренесува и преку храната, па ќе бидат застапени сите познати начини на пренесување“, вели Глигиќ.

Таа додава дека според логиката на нештата, не е исклучено ниту пренесувањето преку храна, но дека тоа не може да се тврди само врз основа на логиката.

„Одам во самопослуга, го имам вирусот, па кашлам и разговарам со некого, капките паѓаат на јаболкото, потоа некој што ќе го купи јаболкото нема да го измие убаво и го внесува вирусот. Може да падне и врз месото, а потоа да не се обработи доволно термички или се допира со рацете за време на подготовката“, објаснува Глигиќ како тоа може да изгледа хипотетички.

Таа тврди дека поради таквата лесна преносливост, мерките како што се носењето маски и одржувањето физичка дистанца не можат да ја потиснат епидемијата.

Таа исто така смета дека воведувањето построги мерки не би било корисно.

„Мислам дека училиштата и универзитетите не треба да се затвораат, ќе добиеме полоши последици од тоа врз културата отколку што ќе направи короната“, вели вирусологот.

Таа предлага секако да носиме маски, затоа што „тоа не ни е тешко“.

„Иако вирусот може да помине низ маските, капките не можат, што е многу важно“, посочува таа и им сугерира на оние за кои купувањето маски е преголема буџетска ставка:

„Јас да речеме, во маската ставам и хартиено марамче и потоа го менувам марамчето, а ја користам истата маска. Особено сега, може и да ви тече носот.“

 

Нема лек за коронавирусот

Глигиќ за Нова.рс објаснува и дека смртноста од коронавирусот не е преголема, но дека тоа не значи дека не постои страв за заболените, затоа што нема лек за овој вирус.

Таа забележува дека не е во ред да се рекламира ремдесивир, или кој било друг лек, како нешто што ги лекува заразените.

„Не е докажано дека лекот што го користи Трамп ги лечи заболените од корона. Докажано е само дека е корисен, но не се знае зошто – можеби го јакне клеточниот систем, предизвикува ензимски реакции“, објаснува таа и додава:

„Нема лек за вирусите. Има само вакцина. Ни таа не е гаранција дека нема да се разболите, но може да имате поблага болест, нема да има смртност“.

Ана Глигиќ

 

Решение - вакцина или масовно заразување

Глигиќ тврди дека „од оваа лоша состојба постојат само два вистински начини за излез - вакцина или масовно заразување“.

Таа потсетува дека српскиот епидемиолог Предраг Кон неодамна изјави дека досега се заразиле од 15 до 20 проценти од граѓаните на Србија.

„Треба да истуркаме до 60 за да ѝ се стави крај на епидемијата во Србија, а на државата не ѝ оди во прилог масовно да се заразуваме затоа што на многу голем број пациенти им е потребна болница“, вели таа.

Затоа, вакцинацијата на населението ќе биде далеку подобар начин за колективен имунитет.

 

Јас се вакцинирав многу пати „па еве ме сега во 87. година“

Таа смета дека она што го прават Русите во однос на развојот на вакцината против ковид 19 е добар пристап.

„Во Русија почна вакцинација на населението, но нема доволно од таа вакцина и бројот на заболени расте. Ние нема да се вакцинираме барем до средината на следната година“, проценува вирусологот.

Таа посочува дека не ја промовира руската вакцина, ниту задолжителната вакцинација.

„Јас сум против задолжителна вакцинација, таа мора да биде доброволна, секој има право да одлучи“, вели таа, одговарајќи на обвинувањата против неа, за кои вели дека доаѓаат од антиваксери.

Таа нагласува дека против вариола се вакцинирала дури четири пати во една година, со коментар „па еве ме сега на 87-годишна возраст“.

„Знаете што ме лути мене? Цел куп лекови ќе испиеме и нема да се запрашаме какви се последиците. А кога станува збор за вакцина, штом ќе кажете нешто, веднаш ве обвинуваат дека сте земале пари. Немам лична корист од ова што го зборувам, само ми е жал да не го кажам она што го знам, да не го споделам искуството“, вели Глигиќ и порачува:

„Не ја промовирам ниту руската вакцина, јас ќе се вакцинирам со вакцината што ќе ја одобри државата.“

Легенда под Главна слика

Фото: Роберт Атанасовски

Релевантните институции покажуваат неподготвеност да го спроведат долгоочекуваниот попис.

повеќе

Економската стратегија има за цел да се реализираат можностите на дигиталната трансформација, да се зајакне соработката во областа на климатските промени, енергетскиот сектор, човечкиот развој и безбедноста на храната.

повеќе

Во време кога турската лира е во историски пад, Турција мора да надмине бројни предизвици за целосно да закрепне од кризата.

повеќе