Груевски е потребен за „менаџирање на бегалската криза“

Германски Шпигл: Со Западниот Балкан владеат авторитарни политичари кои му се потребни на Брисел

„Во сите земји од Западниот Балкан владеат авторитарни политичари и корумпирани елити кои сѐ повеќе им го вртат грбот на демократијата и владеењето на правото. На Европската Унија тие ѝ се сепак потребни – како стабилни партнери поважни од принципите“, пишува угледниот германски неделник Шпигл.

Дописникот од Будимпешта Кено Версек, добар познавач на ситуацијата на Балканот, понатаму се посветува на одделни примери:

„Шефот на српската влада Александар Вучиќ се претставува како жесток обожавател на Европската Унија и нејзините вредности. Периодично ја опсипува германската канцеларка со вистински изјави на љубов во кои го фали нејзиното хуманистичко и демократско држење. Поранешниот министер за пропаганда на диктаторот Слободан Милошевич со жар настапува како апостол на помирувањето во регионот на Западниот Балкан“.

Но, Вучиќ знае и поинаку, пишува Шпигл, наведувајќи ги тесните односи и воените вежби со Русија и „честите маркантно егоманијакални забелешки на адреса на политичарите во опозиција, неистомислениците и независните медиуми кои се полни со латентни, но сосема сериозни закани. И нормално дека во неговите очи нарекувањето на масакрот во Сребреница геноцид е всушност антисрпска пропаганда“.

Вучиќ, кој со постјугословенската Србија владее со толку моќ како само Милошевиќ пред него, е само параден пример за авторитарно-популистички-националистички лидер во еден регион кој, во новите услови на европската и светската политика сѐ повеќе скршнува од патот на демократијата и владеењето на правото“.

Во анализата се цитира и босанско-австрискиот политиколог Ведран Џихиќ кој вели: „Процесот на демократизација во регионот е целосно под прашалник. Тамошните политички елити повеќе не ја сфаќаат сериозно ЕУ и играат двојна игра со Брисел. За Западниот Балкан не постои линеарен, нормативен пат кон ЕУ. Повторно е сѐ отворено, голем број сценарија се можни“.

На опасноста предупредува и германскиот пратеник Јосип Јуратовиќ (СДП): „Недостигот од интеграција на регионот на Западниот Балкан во Европа може да биде многу опасен, како што ни покажа распадот на Југославија. Не е доволно да се одржи од време на време некој самит на кој пригодно се објавуваат добрите намери“.

Версек понатаму заклучува дека „во клима на замор на ЕУ од проширување“ во меѓувреме се етаблирало премолченото мото: Реалполитика наместо владеење на правото. „На Европската Унија ѝ се потребни регионалните моќници како политички партнери и гаранти на стабилноста“.

Кога станува збор за Србија, се очекува нормализација на односите со Косово која треба да ја истуркаат Вучиќ и Хашим Тачи. Таа нормализација „се одвива речиси целосно нејасно, а притоа и понатаму не е истражено учеството на едниот од актерите – Тачи – во воените злосторства“.

Македонскиот долгогодишен премиер Никола Груевски е потребен за „менаџмент на бегалската криза“ бидејќи на Македонија ѝ е доделена улогата на „бедем“ кон Грција. Црногорскиот владетел Мило Ѓукановиќ ја води земјата кон НАТО и се смета за гарант на стабилноста, „иако земјата ја води како приватна компанија со семејната и партнерска банда“.

Последните 11 години Македонија е окована во аграрен, ксенофобичен и социо-економски популизам, кој не се однесува на интересите и потребите на граѓаните, туку на оние кои се повинуваат на волјата на елитата.

повеќе

Политичарите изразуваат „загриженост“ за аерозагадувањето на начин што нѐ оддалечува од наоѓањето решенија, наместо да не доближува.

повеќе

Многу македонски „интелектуалци“, новинари и политичари се повеќе загрижени од можноста да се направи т.н. македонска платформа, отколку од последиците за земјата од прифаќањето на т.н. албанска платформа.

повеќе