Коронавирус

Франс прес за епидемијата на Балканот: Ситуацијата личи на војна

Недоволниот број легла и лекари и масовното зголемување на бројот на заразени од коронавирусот ги доведоа болниците на Балканот на работ на колапс, а хаотичните сцени некои здравствени работници ги потсетуваат на војните во 90-тите години, пишува француската новинска агенција Франс прес.

Фото: Роберт Атанасовски

Откако скоро една година коронавирусот горе-долу се држеше под контрола, се оствари црното сценарио од кое Балканот се плашеше уште од почетокот на пандемијата. Во тешко погодената Босна и Херцеговина, еден лекар за АФП изјави дека мора да „жонглира“ меѓу неколку пациенти чии животи висат на конец.

„Ситуацијата ме потсетува на војна и се плашам дека само ќе се влоши во текот на зимата“, рече лекарот, кој сакаше да остане анонимен. „Секој од нас може да работи за тројца луѓе, но не и за петмина“, додаде докторот.

Западен Балкан, едно од најсиромашните катчиња на Европа, со недели се бори со експлозијата на коронавирусот. Бројот на починати двојно се зголеми во изминатиот месец, на скоро 10.000.

Кризата ги открива дупките во здравствените системи, кои се загрозени поради лошото финансирање и одливот на персонал. Перспективните млади лекари и медицински сестри заминуваат во странство во потрага по подобри плати и образование.

Пред пандемијата, Балканот имаше најмал број лекари по жител во Европа, покажуваат податоците на Светската здравствена организација. Болниците сега се соочуваат со уште помал персонал, бидејќи и тие стануваат жртви на респираторното заболување.

Во Србија околу 2.000 здравствени работници се во самоизолација, додека истовремено голем број пациенти ги полнат болничките кревети во главниот град Белград.

„Не сум доживеал такво нешто во мојата професионална кариера“, со растреперен глас рече Раде Паниќ, претседател на српскиот синдикат на лекари, за Н1. „Немав соба за пациенти што медицински ги сметаме за млади. А немав ни каде да ги испратам“, додаде анестезиологот што работи во„ црвената зона“ на болницата и ги лекува најтешките случаи на ковид-19.

 

Недостиг од кревети

БиХ, Македонија и Црна Гора се во првите десет европски земји со најголема стапка на смртност по жител. Но владите во регионот не сакаа да ги вратат драстичните карантини од почетокот на пандемијата. Наместо тоа, тие се одлучија за мали ограничувања, како што се пократко работно време на рестораните.

Додека Србија брза да изгради две нови болници, Косово размислува да ги адаптира старите хотели во импровизирани одделенија, вклучувајќи го и Гранд хотелот во Приштина. Преполните болници во Приштина значат дека некои пациенти, како што е 33-годишниот Веприм Морина, не можат да добијат кревет во болница.

„Лекарот ми рече да земам терапија дома бидејќи болниците се полни“, рече овој фитнес-тренер.

Морина успеал да „изнајми“ медицинска сестра да се грижи за него дома, што е опција за оние што имаат пари за тоа. „Сега се потребни врски за да се добие болнички кревет“, рече Морина. „Мора да имате среќа за да најдете место“, рече тој.

Во соседна Македонија, владата се врти кон приватните клиники што можат да примаат и ковид-пациенти, бидејќи сите јавни болници се полни.

„Обезбедуваме нови кревети, но станува сè потешко и потешко“, рече министерот за здравство Венко Филипче.

Во болниците надвор од Скопје храна, а понекогаш и лекови на пациентите им носат семејствата и пријателите, пишува АФП.

„Катастрофа. Неорганизирано. Никој со часови не одговара на телефон“, рече човек што се обидуваше да добие информации за својот болен роднина. „Тие (медицинскиот персонал) се борат, даваат сѐ од себе, но едноставно не можат да сторат сè“.

 

Бавна реакција

Хрватските лекари исто така предупредуваат на недостиг од персонал и опрема. Во моментов повеќе од 2.200 пациенти се хоспитализирани во Хрватска, а 3.000 пациенти ќе го втурнат здравствениот систем во „колапс“, велат лекарите.

Експертите велат дека политичарите се обидуваат да одржат рамнотежа помеѓу контролирањето на вирусот и заштитата на кревката економија. „Ние сме премногу сиромашни за сите рестриктивни мерки да се повторат двапати“, изјави хрватскиот економист Љубо Јурчиќ за АФП.

Во Босна продавниците, рестораните и спортските сали остануваат отворени, додека Србија го скрати работното време за компаниите.

Иако напредокот во развојот на вакцината им дава надеж на лекарите, тие се плашат од хаосот што може да се појави во меѓувреме. „Не разбирам зошто властите не воведуваат построги мерки“, рече Јасмина Смајиќ, лекарка од Тузла. „Нешто мора да се направи ако сакаме да спречиме катастрофални последици“, додаде таа.

Легенда под Главна слика

Фото: Роберт Атанасовски

МОН најавува реформи во образовниот систем. Се разбира, реформите ги чекаме со нетрпение, но во насока на суштински измени, а не избрзани одлуки, копирање туѓи идеи и нивно вадење од контекст неприменлив во нашата средина, како и повторно експериментирање со децата.

повеќе

Ве молам потрошете малку време и погледајте кои закони не може да се донесат, ако за нив не даде амин Али Ахмети.

повеќе

Структурното насилство кон трансродовите и родово небинарните луѓе е препрека во нивното реализирање како полноправни членови на општеството.

повеќе