Макрон го загуби апсолутното мнозинство во парламентот

Франција влегува во период на политичка неизвесност

Претседателот Емануел Макрон го загуби апсолутното мнозинство во Националното собрание и контролата врз неговата реформска агенда, откако првите проекции на четири истражувачки агенции покажаа дека нема убедлив победник по вчерашните парламентарни избори.

Фото: ЕПА

Центристичката алијанса на Макрон „Заедно!“, според излезните анкети, освои најмногу пратенички места, а на второ место е Новиот народен еколошки и социјален сојуз (Нупес), предводен од левичарскиот ветеран Жан-Лук Меланшон.

Според проекциите на агенциите Ифоп, Опинион веј, Елабе и Ипсос, алијансата „Заедно!“ освоила меѓу 200 и 260 пратенички места, додека Нупес ќе има меѓу 149 и 200 пратеници. Прагот за апсолутно мнозинство е 289 места во долниот дом на парламентот.

Таквиот состав на парламент, во кој ниту една политичка опција нема апсолутно мнозинство, отвора период на политичка несигурност и ќе бара одреден степен на поделба на власта меѓу партиите, што не е видено во Франција во последните децении, или во спротивно ќе доведе до политичка парализа, па дури и до повторување на изборите.

Доколку овој исход се потврди, способноста на Макрон да спроведе понатамошни реформи во втората по големина економија во еврозоната ќе зависи од неговата способност да добие поддршка за неговата законодавна агенда од умерените во редовите на десницата и левицата.

 

Макрон (44) во април стана првиот француски претседател во две децении што освоил втор мандат, но претседава со длабоко разочарана и поделена земја со зголемена поддршка за популистичките партии од екстремната десница и левица.

Тој апелираше до граѓаните да му дадат силен мандат за време на кампањата што се одвиваше во време кога во Источна Европа беснее војна, која доведе до пораст на инфлацијата и цените на енергијата и храната, што влијаеше на буџетот на домаќинствата.

„Ништо не би било полошо од тоа на светскиот неред да му се додаде француски неред“, рече Макрон пред вчерашниот втор круг гласање.

За време на кампањата, Меланшоновиот Нупес се залагаше за замрзнување на цените на основните намирници и намалување на старосната граница за пензионирање. Меланшон повикува и на непослушност кон Европската Унија.

Меланшон синоќа рече дека „резултатот е сосема неочекувана и незабележана“ ситуација, додавајќи дека тоа првенствено е пораз на Макрон.

Политичките сојузници на Макрон го нарекуваат Меланшон „опасен агитатор“ што ќе ја уништи Франција. Кристоф Кастање, еден од највлијателните пратеници на владејачката партија, ја отфрли неговата економска програма како „полна со клишеа од советската ера“.

„За мене е незамисливо да гласам за апсурдните предлози на Меланшон – прогонство од Европа или други слични глупости. Тоа би било невозможно да се финансира“, изјави вчера за Ројтерс пензионерот Жојс Вилемур.

Лидерката на десничарскиот национален собир Марин Ле Пен синоќа изјави дека ќе работи на обединување на „патриотите“ од двете страни, и левата и десната. „Ќе имаме силна опозиција“, рече Ле Пен. Според проекциите, нејзината партија би можела да освои дури 100 пратенички места, што би било најмногу досега.

Џордан Бардела, исто така еден од лидерите на десничарскиот Национален собир, рече дека проекциите на изборните резултати покажуваат дека Французите гласале Макрон да биде во малцинство. „Емануел Макрон е поразен. Тој е ставен во малцинство“, изјави Бардела за ТВ ТФ1.

Габриел Атал, актуелниот министер за буџет, рече дека исходот е „послаб отколку што се надевале“. „Французите не ни дадоа апсолутно мнозинство. Ова е ситуација без преседан, што ќе бара од нас да ги надминеме нашите поделби“.

Ројтерс посочува дека левичарскиот Нупес е далеку од владејачко мнозинство, но ќе биде најголемиот опозициски блок во Собранието.

Овој исход е невообичаен во Франција, каде што нема институционални правила за формирање коалиции, како што е случајот во Белгија и Холандија.

Макрон ќе мора да се сврти кон други партии, веројатно централно-десничарските републиканци, за да формира коалиција, што значи дека за возврат за политичката поддршка најверојатно ќе понуди влијателни позиции во кабинетот и ќе го приспособи политичкиот манифест.

Тој, исто така, може да се обиде да привлече поединечни пратеници нудејќи бенефиции за да ги охрабри да раскинат со нивните партии.

Ако не го стори тоа, Макрон би можел да биде принуден да преговара за еден по еден закон, обидувајќи се да обезбеди поддршка за десниот центар за економски реформи, додека за социјалните реформи ќе се обиде да ги придобие пратениците од левиот центар.

Ова би го забавило темпото на реформите и би можело да доведе до политички ќор-сокак во земја каде што градењето консензус и коалицирањето не се вкоренети во политичката култура.

Предноста на Макрон е што како претседател може во секое време да свика нови предвремени избори или да се повика на членот 49.3 од Уставот, кој се заканува со нови избори доколку некој закон не е одобрен.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Доколку чувствуваме дека нашиот труд ќе биде награден со успех, ќе ѝ приоѓаме на околината со апетит, доверба и храброст.

повеќе

Од општи формулации кон конкретни разговори.

повеќе

„Вчерашниот ден измина, утрешниот допрва доаѓа, го имаме само денес - да започнеме“.

повеќе