Фактот што Ле Пен до неодамна отворено се залагаше за излегување на Франција од Европската Унија и дека Меланшон никогаш не го криел својот евроскептицизам, оправдано доведува до прашањето дали младите Французи ја изгубиле довербата во европскиот проект.
Податоците од првиот круг на претседателските избори покажуваат дека Макрон би имал 40 отсто од гласовите ако се сметаат само постарите од 64 години, но само 21 отсто доколку се бројат само гласовите на младите.
Од друга страна, Меланшон од гласачите на возраст меѓу 18 и 24 години добил 36 отсто од гласовите, 15 отсто повеќе од Макрон, но во левицата не веруваат постарите од 64 години, кои му дале само 12 отсто од гласовите.
Кога станува збор за Ле Пен, таа лесно би ги победила и Макрон и Меланшон, кога би гласале само гласачи стари меѓу 25 и 64 години.
Врз основа на тие податоци би се очекувало трката во првиот круг да биде понеизвесна, а единствената причина зошто не беше така е исклучително големата апстиненција на младите гласачи, бидејќи на изборите не излегоа 42 отсто од постарите од 18 до 25 и дури 46 отсто од постарите од 25 до 34 години.
Токму поради тоа анкетите предвидуваат дека Макрон во вториот круг ќе успее да обезбеди нов претседателски мандат, но аналитичарите предупредуваат дека трката воопшто не е одлучена.
За да ги зголеми шансите да влезе во Елисејската палата Ле Пен до 24 април мора да се обиде да ги анимира младите гласачи да гласаат, но и да го направи она што сега изгледа невозможно – да привлече барем дел од оние кои гласаа за Меланшон.
Последните истражувања на јавното мислење покажуваат дека Макрон во вториот круг би требало да освои меѓу 52 и 53 отсто од гласовите, со тоа што во финишот на кампањата тоа може да се смени, а најмногу влијание на оние кои не се сигурни кому ќе му го дадат гласот традиционално има телевизискиот дуел на двајцата кандидати, кој е закажан за 20 април.