„Луди беа тие луѓе“

Форин полиси: Војната во Украина е како Првата, а не како Втората светска војна

Западот користи погрешна аналогија за руската инвазија - и го влошува исходот.

Честопати се чини дека воинствените елементи на американскиот естаблишмент чуле само за една војна: Втората светска војна во Европа. Ова е затоа што, што и да заборават или да згрешат за таа војна, не грешат кога велат дека била испланирана и почната од една многу злобна и мегаломанска сила, која претставувала закана за целиот свет, која морала да биде целосно поразена и со која не бил можен морално прифатлив компромис, пишува Анатол Ливен за Форин полиси.

Постојаните и ексклузивни референции за таа војна им овозможуваат на американските „јастреби“ да го претстават секој конфликт во кој сакаат да ја вклучат Америка како егзистенцијална борба против злото, која, ако таа не се вклучи, ќе доведе до катастрофални последици за Америка и за светот. Ова важи за нивниот пристап кон Виетнам, Ирак и војната во Украина денес, со катастрофални резултати за Америка и светот.

Меѓутоа, токму тоа ја прави Втората светска војна исклучителна. Потеклото на огромното мнозинство војни во модерната историја, па и во американската историја, било морално многу покомплексно и тие завршиле не со целосна победа на една страна, туку со некаков вид валкан компромис. Повеќето војни (вклучувајќи ја и Втората светска војна) исто така го илустрираат законот за несакани последици. Конечните резултати често не се оние што ги предвидувале или ги посакувале дури ни наводните „победници“.

Од оваа гледна точка, Првата светска војна е далеку подобра историска аналогија од Втората за актуелната војна во Украина. Во периодот од 1914 до 1918 година загинале повеќе од 20 милиони луѓе, од кои речиси половина биле цивили. Дури и победничките француска и британска нација завршиле во урнатини. Последиците од Првата светска војна, вклучително и комунистичката револуција во Русија и распадот на австро-унгарската монархија, го отвориле патот за Втората.

Од разните водечки личности, може да се каже дека само Владимир Ленин, кој предвидел дека војната ќе доведе до револуција, дал точна анализа пред војната. Ничии други предвидувања не се остварија. Ако владите од 1914 година можеа да ја видат иднината, никој немаше да смета дека војната е исплатлива. Или како што еден француски фармер во близина на Вердан половина век подоцна му рекол на Алистер Хорн, британскиот историчар на битката кај Вердан, „Ils etaient fous, ces gens-la“: Луди беа тие луѓе.

Фото: ЕПА

Денес, ниту еден сериозен историчар, или генерално образован човек, нема да каже дека тој конфликт бил неопходен и во вистински интерес на некој од учесниците, ниту дека продолжувањето на војната за да се постигне целосна победа било неопходно или мудро, ниту дека Версајскиот договор со кој заврши војната бил добар за победниците, а особено не за победените. Денес, еден век подоцна, се чини очигледно дека, усвојувајќи ги политиките што довеле до војната и истрајувајќи во нејзиното продолжување, сите владејачки елити во Европа фундаментално и катастрофално погрешно ги процениле вистинските интереси на своите држави.

Кога станува збор за моралната вина за војната, дури и во Германија, повеќето историчари денес би прифатиле дека таа е првенствено кај германската влада. Германското охрабрување на австриската влада да ја нападне Србија како одговор на атентатот на нивниот престолонаследник било одлука на самиот Берлин. Германија е уште повеќе виновна за нејзината правно и морално неодбранлива инвазија на Белгија, која ја внела Британската империја во војната.

Меѓутоа, во исто време, многу малку историчари денес би ја префрлиле вината за војната исклучиво на Германија. Посебно, би ја истакнувале криминалната непромисленост на руската империјална влада во формирањето сојуз со Србија, што ги охрабрило српските националисти да ги развиваат своите иредентистички претензии кон Босна управувана од Австрија и ја охрабрило српската тајна служба тајно да ја поддржи терористичката кампања против Австрија, што довело до атентатот на надвојводата Франц Фердинанд и ја дало искрата што ја запали војната.

Руската поддршка за Србија била рамнодушна не само кон фанатичниот и непромислен карактер на српскиот национализам, туку и кон фактот дека националистичките претензии на различни словенски народи против Австро-Унгарија се заканувале да ја уништат таа империја што се распаѓала и на тој начин се заканувале со уништување на целата германска геополитичка и етничка положба во Централна Европа. На секој разумен руски функционер требаше да му биде очигледно дека тоа е прашањето поради кое Германија како последно средство ќе се впушти во војна што се закануваше да ја уништи Русија. Навистина, некои Руси го истакнувале ова, но нивните совети биле игнорирани од руското раководство посветено на геополитичките амбиции што далеку ги надминувале реалните сили и вистинските интереси на Русија.

Во Втората светска војна, аспектите на германската политика беа уникатно зли, во согласност со уникатно злобната расистичка идеологија наведена во книгата „Мојата борба“ (Mein Kampf) на Адолф Хитлер. Во Првата светска војна работите изгледаат далеку помалку јасни. Сојузничката пропаганда за оваа војна како судир на демократиите против автократиите е смешна поради фактот што сѐ до нејзиниот колапс во 1917 година, Руската империја беше клучен сојузник против Германија. Ниту пак, се разбира, британската и француската колонијална империја беа демократии.

Во однос на воените злосторства, германската стратегија на незауздано војување со подморници, чија цел беше изгладнувајќи ги да ги принуди Британците да се предадат, во Велика Британија и Америка беше третирана како монструозно и очигледно воено злосторство. Германците тврдеа, не без причина, дека ова е одговор на британската стратегија изгладнувајќи ги да ги принуди Германците да се предадат преку блокадата на германската поморска трговија од страна на Кралската морнарица. Германската подморничка стратегија беше крајно глупава, бидејќи на крај ја внесе Америка во војната против Германија и на тој начин го осигури поразот на Германците. Но глупавоста, колку и да е екстремна, не е воено злосторство.

Германците, исто така, истакнуваа дека британската тактика (патем, целосно во согласност со традиционалните закони на војната) на маскирање на британските воени бродови во невооружени трговски бродови („бродовите Кју“), кои ги потопуваа германските подморници што ќе се обидеа да ги проверат, предизвика да се торпедираат сите бродови без предупредување. Повторно, цел век подоцна, можеме да жалиме за сите предизвикани страдања, и да им оддадеме почит на храбрите луѓе што загинаа од двете страни, без заземање високоморален став на овој или оној начин.

Фото: ЕПА

Денес, сите можеме да се согласиме дека главната одговорност за војната во Украина е кај руската влада, која ја нападна Украина. Но дали историчарите во иднина ќе ѝ ја припишат единствената одговорност на Русија и ќе ги ослободат од секаква вина владите на Соединетите Американски Држави и членките на НАТО затоа што се обидоа да ја интегрираат Украина во Западот, загрозувајќи го она што и Русите и долга редица западни експерти (вклучувајќи го и актуелниот шеф на ЦИА Вилијам Барнс) предупредија дека Москва го смета за свој витален руски интерес?

Што се однесува на воените злосторства, руската инвазија на Украина и насилната анексија на украинска територија се очигледно многу сериозни злосторства според меѓународното право, за кои се надевам дека претседателот Владимир Путин еден ден ќе одговара. Руските војници извршија многу злосторства врз украинските цивили, за кои украинските власти имаат право да ги изведат пред суд. Руската висока команда во најмала рака покажа рамнодушност кон цивилните жртви во своите воздушни напади врз Украина. Сепак, треба да бидеме многу внимателни да не ги претставиме овие злосторства како некако културолошки специфични за Русите, или како „геноцид“, ако не од друга причина барем од очигледната причина што самите западни сили постојано спроведуваат слични дејства. Користењето на етикетата „геноцид“ на овој начин би ги ставило американските и британските команданти и воздухопловни екипажи во Втората светска војна, Кореја, Виетнам и Сирија на исто ниво како Хитлеровата СС-дивизија и Хуту-милициите на Руанда, морално и историски гротескен предлог.

Извештајот на Амнести интернешнел што ги критикува и руските и украинските дејствија во војната со право е нападнат, но од погрешна причина. Точните обвиненија против извештајот се правна неписменост и практична наивност. Фактот дека војната е нелегална не ги прави сите постапки на агресорот воено злосторство. Според законите на војната, не е кривично дело украинските сили да ги поставуваат позициите во населени места, бидејќи во спротивно тие воопшто не би можеле да ја бранат својата земја. Но не е криминал ниту руските сили да ги бомбардираат тие позиции. Сето тоа е јасно наведено во меѓународните договори и конвенции за законите на војната. Пред сè, не треба да дозволиме оправданиот морален бес да се претвори во лицемерна морална хистерија – како во Првата светска војна – бидејќи тоа многу лесно може да стане пречка во барањето мировен договор што може да биде во најдобар интерес и за нас и за жртвите на војната.

Фото: ЕПА

Истото важи и за преговорите за територија. Ако денес изгледа лудо, речиси неверојатно дека милиони германски, француски и британски војници требаше да загинат во војна што почна поради тоа дали со Сараево треба да владеат Австријците или Србите, земете го предвид современиот пример на Севастопол, руската поморска база на Крим. Сегашната американска администрација и поголем дел од американскиот естаблишмент веруваат дека мировните преговори се прашање само на украинската влада. А украинската влада постојано вели дека нејзината цел е да ја истера Русија од целата територија што ја окупираше во Украина, вклучувајќи го и Крим. Неодамнешните победи на украинската војска покажуваат дека таквата целосна украинска победа сега изгледа барем можна.

Пред 30 години, огромно мнозинство Американци едноставно ќе претпоставеа дека Крим е дел од Русија, како што и беше, сѐ додека советската влада во 1954 година со декрет не ѝ го префрли на Украина. Пред рускиот поход во 1783 година, со овој полуостров управувале Татарите, пред тоа Византијците, пред тоа Скитите, а пред тоа, кои и да биле, сигурно не биле Украинци.

Сите официјални руски претставници со кои разговарав, и повеќето обични Руси, рекоа дека за да го одбрани Крим, Русија треба како последно средство да употреби нуклеарно оружје, како што направија САД за да ги одбранат Хаваите и Перл Харбор. Ова многу веројатно ќе доведе до ескалација што ќе води кон уништување на Америка, Русија и на самата цивилизација во нуклеарна војна.

Не треба да чекаме да помине еден век за историчарите (ако ги има) да ни кажат дека ова не е исходот што е во интерес на ниедна земја, вклучително и Украина, и дека ризиците далеку ги надминуваат сите можни придобивки за САД. Со одбивањето на руската инвазија, со помош на Западот, Украина веќе извојува голема победа и ја обезбеди својата независност и слобода да се обиде да му се придружи на Западот. Ако администрацијата на Бајден отиде подалеку од ова и почне да се стреми кон целосна победа за Украина, тоа ќе личи на неоправдана надменост од страна на Вашингтон. А не би ни требале историчари од иднината, ниту лекции од Првата светска војна, за да ни кажат дека надменоста неизбежно води во пропаст.

Објавено

Недела, Октомври 30, 2022 - 21:32

Почнавме со спротивставени мислења околу Законот за работни односи, со кој недела се прогласува за неработен ден. Завршивме на Уставен суд.

повеќе

Да ги споменеме и другите големи глобални предизвици: големите опасности од еколошка катастрофа; зголемувањето на нееднаквоста во нашите општества; и напливот на нови технологии кои можат да го нарушат светот доколку истите не бидат соодветно користени и контролирани.

повеќе

Им благодарам на Русите како креатори, но посебно на бугарските послушни  извршители за пропагандата што ја водат против Македонија. Што направија?

повеќе