Ескалираат тензиите меѓу Грција и Турција околу неколку мали острови во Егејско Море

Турција поради војната во Украина стана стратегиски уште поважна од претходно. Анкара тоа сега го користи. Во спорот околу островите во Егејското Море Турција настапува сè поагресивно кон Грција, пишува Дојче веле.

EPA-EFE

Целата работа е всушност апсурдна. Турција и Грција се членки на НАТО, пакт кој е формиран да се брани против заеднички непријател. Па сепак двете соседни земји често се наоѓаат на раб на оружен конфликт. Колку Грците се чувствуваат загрозени може да се види по нивното трошење за одбрана: 3,8 отсто од БДП, што е најмногу од сите членки на НАТО.

Станува збор за спротивни интереси на двете земји околу островите во источниот Медитеран, за границата на морето и правото на експлоатација на нафтата или гасот. Во 1996 година Турција и Грција за влакно избегнаа војна поради еден мал, ненаселен остров по име Имија. Во 2020 ескалираше конфликтот околу грчките и турските барања за контрола на тие области. Следната недела еден турски брод во спорниот регион треба да почне да трага по природен гас, а Грците тоа веројатно ќе го сфатат како нова провокација.

И секогаш Соединетите Американски Држави, како водечка сила во НАТО, често со помош на генералниот секретар на воениот пакт, успева да спречи отворена војна меѓу сојузниците. Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел во 2020 со поддршка од Европската Унија имаше голема заслуга во процесот на помирување на двете страни.

Суверенитетот под прашалник

Конфликтот сега повторно се интензивира. Анкара го става под прашалник грчкиот суверенитет над цела низа острови во источното Егејско Море, како Родос, Лезбос, Самос и Кос, затоа што Грција, како што тврдат Турците, со стационирањето воени сили на нив ги прекршила меѓународните договори. Со редовни прелетувања на турските борбени авиони над грчките острови Анкара речиси секојдневно ги демонстрира своите барања.

Турција се повикува на договорот од Лозана од 1923 година со кој е дефинирана денешната граница и со кој на Грција по грчко-турската војна ѝ припаднале островите Лезбос, Киос, Самос и Икарија, односно договорот од Париз од 1947 со кој Италија по Втората светска војна во корист на Грција се откажа од групата острови Додеканес. Со договорите е дефинирани дека тие острови мора да бидат демилитаризирани.

Атина присуството на своите единици на островите го правда со чувството на загрозеност поради зачестените маневри на турските воени бродови на западниот турски брег, односно со правото на секоја држава на одбрана.

„Влажни соништа на екстремистите?“

Иако станува збор за конфронтација со долга традиција, овој пат вербалните инциденти се особено жестоки. Девлет Бахчели, шефот на националистичката партија МХП и коалициски партнер на претседателот Реџеп Таип Ердоган и неговата партија АКП, се фотографираше со географска карта на која се гледаат сите острови во источен Егеј, кои се прикажани како турска територија, вклучувајќи го и најголемиот грчки остров Крит.

„Влажни соништа на екстремистите или официјална турска политика?“, праша грчкиот премиер Киријакос Мицотакис и побара официјално објаснување од Анкара.

Внатрешнополитичките причини дополнително ги „мотивираат“ турските политичари. Следната година во Турција се одржуваат претседателски и парламентарни избори. Ердоган и АКП стравуваат од значително губење на поддршката на гласачите, меѓу другото и поради високата стапка на инфлација и лошата економска ситуација. Надворешнополитички кавги, како што се смета, може да го одвратат вниманието од домашните проблеми.

И од грчка страна се тропа со оружје, но тоа не го прават членови на владата. Така пензионираниот вицеадмирал Јанис Еголфопулос на телевизија зборуваше дека на Турција би требало да ѝ се одржи лекција: „Ако тие (Турција) го направат првиот потег, тогаш ќе доживеат нешто што досега не го доживеале“.

Симпатиите на Вашингтон

И Ердоган и Мицотакис пред сè се борат за поддршка од Вашингтон. Се чинеше претходно дека Мицотакис е во подобра позиција. Кон средината на мај одржа говор пред двата дома на Конгресот на САД, зборуваше за тоа дека НАТО, по Украина, не смее да си дозволи „дополнителен извор на нестабилност“ на своето југоисточно крило. Грчкиот премиер од Вашингтон бараше да не ја поддржи модернизацијата и проширувањето на турското воено воздухопловство со авиони Ф-16. За Ердоган таа посета беше болна, бидејќи Мицотакис успеа да добие од САД авиони Ф-35 за Грција, истите кои Вашингтон одби да им ги продаде на Турците.

Но само неколку дена подоцна, американскиот претседател Џо Бајден на маргините на самитот на НАТО во Мадрид вети дека „целосно ќе ја поддржи“ модернизацијата на турската авијација со авиони Ф-16. Со тоа Бајден му понуди нешто конкретно за поддршката на Турција на влегувањето на Шведска и Финска во воениот пакт.

Влијанието на војната во Украина

Иако конечната одлука за авионите Ф-16 сè уште не е донесена, оваа приказна јасно покажува колку Турција стратегиски профитира од војната во Украина, затоа што позицијата на Анкара сега е уште поважна од претходно.

Турција, пред војната во Украина, купи руски противвоздушни ракетни системи и така ги разгневи Американците. И таа зделка беше реализирана бидејќи НАТО не смееше да си дозволи раскол со Турција, а тоа особено не може да си го дозволи сега, во екот на војната со Русија.

И да се вратиме повторно на Грција: на крајот на јули Ердоган ги повика партнерите од НАТО на воена вежба во Измир на брегот на Егејското Море. Практично околу грчките острови. Стануваше збор за морнаричка инвазија со цел освојување на фиктивен остров. Во вежбата учествуваа американски, француски и италијански трупи. Но не и грчки. Атина жестоко протестираше. Но тој протест се изгуби некаде во ходниците на седиштето на НАТО во Брисел.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Нов фронт за работа на градежните фирми на веќе изградените згради (и куќи) треба да биде топлинската изолација.

повеќе

Во Македонија не постои никаква забрана за конверзиона терапија, а лиценцираните психолози што може да се јават како спроведувачи или наведувачи на ваква „терапија“, за жал, не сносат никакви последици.

повеќе

Доколку чувствуваме дека нашиот труд ќе биде награден со успех, ќе ѝ приоѓаме на околината со апетит, доверба и храброст.

повеќе