Турција не се откажува од две држави, ЕУ и САД се против

Ердогановите „решенија“ за Кипар

Инсистирањето на Реџеп Таип Ердоган на решение со две држави за Кипар како единствениот пат кон мирот, и најавите за поголемо присуство на Турција во северен Кипар ја намали надежта за обединување на етнички поделениот остров, пишуваат агенциите.

EPA-EFE

Единствениот пат кон траен мир на етнички поделениот Кипар е преку прифаќање на две одвоени држави на истокот на Медитеранот, изјави на 19 јули турскиот претседател Ердоган, пишува Асошиејтед прес.

„Меѓународната заедница порано или подоцна ќе ја прифати таа реалност“, кажа Ердоган пред парламентарците на кипарските Турци на отцепениот северен Кипар пред прославата на 47-годишнината од турската инвазија која го подели островот по етничка линија.

Турската инвазија во 1974 следеше по државниот удар кој го поддржа грчката хунта, а кој, потсетува АП, беше насочен на унија со Грција. Само Турција ја признава независноста на кипарските Турција и таму држи 35.000 војници. Во резолуцијата од 1983, Советот за безбедност на Обединетите нации го осуди сецесионистичкиот потег на кипарските Турција како правно неважечки и повика на негово повлекување.

Европската Унија исто така ја отфрли можноста за решение со две држави, додека претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на почетокот на јули во Никозија изјави дека 27 членки на ЕУ, на кој Кипар ѝ се придружи во 2004 „никогаш, никогаш“ не би прифатиле таков аранжман.

Меѓутоа, истакнува Асошиејтед прес, Турција и кипарските Турци велат дека решението со две држави е единствениот пат кон мирот затоа што повеќедецениските преговори не успеаја, обвинувајќи ја неспремноста на кипарските Грци да ја „прифатат реалноста“. Кипарскиот претседател Никос Анастасијадес кажа дека изјавите на Ердоган се „очекувано повторување на неприфатливите ставови на Турција“.

Кипарскиот мир во криза

Поддржувајќи ги плановите за решение со две држави според кое северот, каде се зборува турски јазик, би поднел барање за меѓународно признавање, турскиот претседател Ердоган го „искина“ кипарскиот мировен процес уништувајќи ги последните надежи за повторно обединување на островот, оценува лондонски Тајмс.

Престојувајќи во дводневна посета на северен Кипар по повод 47-годишнината од истоварувањето на турската војска на медитеранскиот остров, турскиот лидер во низа говори ги нападна ЕУ и САД и вети дека Турција „нема да чека уште 50 години“, алудирајќи на повеќегодишните преговори со поддршка од ОН кои се предодредени на федерален аранжман.

Во последните години Ердоган сè повеќе ги покажува своите политички мускули во таа земја, додека целта на последната посета, според Тајмс, била да го поддржи Ерсин Татар, националистичкиот претседател на северен Кипар кој беше избран во октомври со поддршка од Анкара и кој се противи на повторно обединување со југот каде се зборува грчки јазик.

Повеќедеценискиот спор околу правата на подводниот гас околу островот, во кој кипарските Турци не можат да учествуваат, се наоѓа во срцето на Ердогановата воинственост со ЕУ – вклучувајќи ги Грција и Кипар – и Соединетите Држави. Осман Ертуг, советник на Татар, кажа дека независноста е единствениот пат кој им остана на кипарските Турци, додавајќи дека другата страна се покажа неспремна да ги дели моќта и богатството“, и дека кипарските Грци го користат мировниот процес како димна завеса за задржување на статусот кво.

Сепак, оценува Тајмс, Ердогановата посета изгледаше како да е насочена на неговите гласачите колку и на кипарските Турци, бидејќи во Турција се бори со пад на рејтингот поттикнат од економската криза и мора да најде начин да ја заживее својата база пред изборите во 2023 година. Кипар, популарна цел на турските националисти, се вклопува во тие обиди, заклучува весникот.

Отворање на „градот на духови“

За време на посетата на Ердоган на Кипар властите на кипарските Турци најавија повторно отворање на дел од напуштениот град Вароша за потенцијално преселување, предизвикувајќи противење на Западот, но и силен прекор од кипарските Грци кои тврдат дека станува збор за организирано грабање на земјиштето, пишува Ројтерс.

Вароша, морничава колекција на запуштени луксузни хотели и резиденции во воената зона во која никој не смееше да влезе, е пуста од војната во 1974 година. Властите на кипарските Турција отворија мал дел за еднодневни посети во ноември 2020, најавувајќи дека дел од тој простор ќе биде преуреден за цивилна употреба со воспоставен механизам за луѓето да можат да ги вратат своите имоти.

„Во Мараш почнува нова ера која ќе им биде од корист на сите“, кажа турскиот претседател Ердоган, користејќи го турското име за Вароша. Кипарските Грци стравуваат дека промената на статусот на таа област ја покажува јасната намера на Турција да го присвои, а потегот го осудија и ЕУ, Британија и САД.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен најавата ја нарече „провокативна“ и „неприфатлива“, а загриженост изрази и шефот на надворешната политика на ЕУ Жосеп Борел. „Едностраната одлука која ја објавија претседателот Ердоган и (лидерот на кипарските Турци Ерсин) Татар ризикува кревање на тензиите на островот компромитирајќи го враќањето на разговорите за сеопфатно решение на кипарското прашање“, напиша Борел на Твитер.

Резолуциите на ОН бараат Вароша да се предаде на управа на Обединетите нации и да им се овозможи на луѓето да се вратат во своите домови. Иако досегашните мировни напори во повеќе наврати пропаднаа, за Вароша се очекува дека ќе биде вратена на администрацијата на кипарските Грци кои го претставуваат Кипар на меѓународно ниво. Постапката на кипарските Турци ја прави таа постапка неизвесна, пишува Ројтерс.

„Провокации за нова доба“

Со провокациите за нова доба – инсистирање на решение со две држави, најавите за отворање на дел од Вароша како и изградбата на нов владин комплекс, Ердоган ја намали надежта за повторно обединување на Кипар, поделен по етничка линија речиси пет децении, напиша Политико.

„Анкара всушност сака да прекине застојот околу Кипар и да се примораат преговарачките партнери на компромис кои би подразбирал признавање на решението на две држави како можна опција“, вели експертот од Евроазиската група Емре Пекер истакнувајќи дека тоа не само што нема да успее туку дополнително ќе ги намали шансите за „уште една рунда разговори за повторно обединување, кои Турција ги гледа како губење време“.

Освен најавата за укинување на воениот статус на градот Вароша и негово повторно отворање – спротивно на резолуцијата на ОН која забранува населување во таа област на сите освен на неговите првични жители – Ердоган, во рамки на проширувањето на присуството на Турција на северен Кипар, соопшти дека планира изградба на нов владин комплекс кој би вклучувал претседателска резиденција и зграда на парламентот.

Турција одвоено гради нова воздухопловна база за напаѓачки дронови на напуштениот аеродром на северен Кипар. Ердоган кажа дека ја гледа базата како средство за проектирање на турската моќ низ источниот Медитеран. Меѓутоа, додава Политико, тој се воздржа од инаугурација на базата при посетата, иако многумина тоа го очекуваа.

„Турскиот претседател главно се обиде да освои некои поени дома“, вели Волфганго Пиколи, коосновач на компанијата за анализа на ризиците Тенео. „Шансите за повторно придвижување на преговорите беа блиску до нула и остануваат на нула и по посетата“.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Можеби поради еуфоријата што ја донесе туризмот - и желбата на самите жители на Грција да уживаат во одморите - пошироката јавност беше подготвена да ги толерира дневните бројки на новозаразени (во просек помеѓу 2.000 и 3.000 случаи во текот на летото). 

повеќе

Насловот асоцира и на резултатите од изборите, кои, кога ќе излезе оваа колумна, ќе бидат познати, иако најретко споменуван збор во кампањата беше зборот ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА, кој е единствен начин за остварување на сите „големи“ ветувања што ги слушнавме изминативе две недели.

повеќе

Опонентите на академик Блаже Ристовски во Македонија го квалификуваа како националист, во белградскитe кругови  го именуваа како „бугарофил“, а во Бугарија го нарекуваа „Југословен“ и „србокомунист“. А тој си остана ист, исправен пред нападите и секогаш подготвен да им одговори на критичарите.

повеќе