Енергетската војна на Русија и Западот влезе во драматична фаза

Енергетската битка меѓу Русија и Западот драматично ескалираше на крајот на минатата недела. Министрите за финансии на земјите членки на Г7 едногласно донесоа одлука за ограничување на цените на руските нафта и гас. Русија одговори со затворање на Северен тек 1, а цените на гасот „отидоа во небо“, пишува Политико.

EPA-EFE

Министрите за финансии на Г7 повикаа на смислување систем кој би дозволил продажба на руската нафта само по цени под пазарните. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен исто така повика на ограничување на цените на рускиот гас. Целта е на Русија да ѝ се ограничи приходот од продажбата на фосилните горива со кој, меѓу другото, се финансира инвазијата на Украина.

„Ограничувањето на цените е посебно смислено да се намалат руските приходи и способноста на Русија да ја финансира својата агресорска војна, додека истовремено го ограничува влијанието на руската војна на глобалните цени на енергијата“, кажаа министрите на Г7 по виртуелната средба.

Москва возврати во рок од неколку часа. Газпром најави затворање на Северен тек 1 на неодредено време, откако тој, за Европа клучен гасовод, привремено беше надвор од функција за одржување, пишува Политико.

Русија заработува од повисоките цени

Овие потези од двете страни покажуваат колку сега влоговите се големи. Западните влади се борат со енергетската криза која предизвикува инфлација, додека во исто време се трудат да извршат максимален притисок врз Москва преку извозот на руските фосилни горива.

И покрај напорите на западните земји да го попречат извозот на енергенси од Русија, што е најголемиот столб на буџетот на таа земја, комбинацијата од големата зависност на Западот од руските енергенси и силната побарувачка од други земји како Кина и Индија, не го сопре приливот на пари во касата на Кремљ.

Газпром не пати, бидејќи цените на гасот се околу 10 пати поголеми отколку пред една година, а во првата половина од годината оствари рекордни 41,3 милијарди долари добивка.

Што е планот на Г7?

Шестиот пакет санкции на ЕУ бара целосна забрана на увозот на руска сирова нафта до 5 декември и рафинирани производи до 5 февруари следната година со исклучок на земјите кои не излегуваат на море.

Планот на Г7 ги повикува западните земји да одредат цена на руската нафта под пазарната вредност – клучот е да се најде нивото на кое Русија ќе продолжи да пумпа, но кое е доволно ниско да не ѝ носи огромен профит.

Планот би зависел од одбивањето на пристап на Русија на виталниот лондонски пазар на осигурување, кој покрива 95 отсто од глобалната индустрија за транспорт на нафта, ако не го почитува ограничувањето на цените. Голем дел од руската сирова нафта се транспортира со танкери на земји како Грција, а таквата трговија би можела да биде отежната со ограничувања на осигурувањето.

„Танкерите за нафта се централен дел на сè. Ако сакате да примените ембарго или сакате да ја смените горната граница на цените, мора тоа да го направите со танкерите. Инаку не е веродостојно“, вели Робин Брукс, главниот економист на ИИФ, глобалното здружение на индустријата на финансиски услуги.

Сопственоста над нафтените танкери е далеку од едноставна, но според анализата на Брукс, 55 отсто од капацитетите на танкерите кои испловиле од Русија меѓу март и август имале грчки сопственици во споредба со 35 отсто во истиот период во 2020 и 2021.

Бидејќи санкциите сè уште не се на сила, нема ништо противзаконско во таквите активности, иако украинскиот претседател Володимир Зеленски ја критикуваше улогата на Грција во испораката на руската нафта. Целта на Г7 е таквите испораки да ѝ носат многу помалку пари на Русија, оценува Политико.

Москва е гневна

Министрите за енергетика на ЕУ ќе одржат итен самит за да се позанимаваат со ова прашање, а сè погласни се повиците да се ограничи руската заработка од природниот гас. Исто така сакаат да ги заштитат Европејците од сè потешката ситуација кога станува збор за цената на електричната енергија.

Првичните идеи вклучуваат механизам кој ги раздвојува цените на електричната енергија од големопродажните цени на природниот гас и понудата на итни кредити за енергетските компании кои се во опасност од пропаѓање.

Москва е гневна на идејата за разграничување на цените, а портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков предупреди дека Русија ќе го прекине извозот во земјите кои се придружуваат на напорите да постават такви ограничувања на цените.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Предложеното законско решение се фокусира на аудиовизуелниот/радиодифузниот сектор, игнорирајќи ги последниве две децении на развој на дигиталниот домен и на интернет, со сите негови позитивни и негативни страни.

повеќе

Според последното истражување на организацијата ПИНА, базирано врз анкети направени со 103 новинарки, 24,1% од новинарките добиле закани за физичко насилство, а 19,5% и закани по животот.

повеќе