Крај на владеењето на Меркел

Дојче веле: Нова влада на Германија, нов надворешнополитички курс?

Крајот на владеењето на Ангела Меркел многу веројатно ќе донесе и одредени промени во надворешната политика на Германија. Но, што доаѓа по Меркел? Дојче веле дава поглед на целите во надворешната и безбедносната политика на германските партии.

EPA-EFE

Русија

Надворешнополитичката тема број еден, која би можела да ѝ задава главоболки на идната германска влада е политиката кон Русија. Ангела Меркел се држеше до двојна стратегија: притисок плус дијалог. Исто така би продолжил и кандидатот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) Армин Лашет. И нему, а и на Социјалдемократската партија (СПД), тешко би им паднало на памет да го доведат во прашање завршувањето на изградбата на контроверзниот гасовод Северен тек 2 во Балтичкото Море.

Меркел на Минхенската конференција за безбедност изјави: „Врз основа на молекулите гас не можете да видите дали е транспортиран по копно или море. Во таа смисла во ред е да продолжи проектот“.

Зелените меѓутоа сметаат дека изградбата на тој гасовод е политичка грешка која ќе овозможи јакнење на Путин, а ослабување на ЕУ. Тој став не го сменија ни по договорот на германската влада со САД.

Либералната партија ФДП бара да се направи пауза во изградбата и затоа ќе биде интересно да се гледа како ќе се однесуваат скептиците ако евентуално станат дел од новата сојузна влада, а гасоводот веќе биде завршен.

Сè на сè: најмек курс кон Москва имаат Алтернатива за Германија (АфД) и Левица, а најтврд Зелените.

Не е исклучено и дека во изборната кампања уште еднаш ќе се ископаат старите твитови на кандидатот на ЦДУ за канцелар Лашет. Тој по анексијата на Крим од страна на Русија во 2014 зборуваше за „општ анти-путиновски популизам“ во Германија. И тоа не беше единствената изјава на Лашет која му донесе имиџ на човек кој „има разбирање за Путин“.

Кина

И во случајот на Кина се повторува истата шема, како и кај Русија. Заострување на курсот бараат пред сè Зелените, и тоа поради кршењето на човековите права. ЦДУ и СПД се за тоа да се продолжи по досегашните принципи.

Во односот кон Кина, која истовремено е и конкурент и партнер, најверојатно ќе се продолжи со балансирањето. Вашингтон бара од Берлин поостар однос кон Пекинг. Истовремено, тежнеењето да ѝ се попушта на таа земја е најизразена кај АфД и Левица, иако ни кај едната ни кај другата партија ставот всушност не е баш јасен.

Европската Унија

Шефот на АфД Јерг Мојтен и почесниот претседател на таа партија Александер Гауланд изјавија: За АфД целта на изборната програма е „дегзит“, односно излегување на Германија од Европската Унија. Сите други партии силна Германија гледаат само во рамки на ЕУ.

Демохристијаните, СПД, Зелените и ФДП сакаат ЕУ да ја направат поспособна за функционирање.

НАТО

Веднаш да се распушти НАТО – тоа одамна го бара Левица. Таа партија бара НАТО веднаш да се трансформира во, како што стои во нивниот изборен манифест, „колективен систем за безбедност со учество на Русија“. Но за такво нешто тешко дека можат да најдат партнери на германската политичка сцена, бидејќи ниедна друга партија не го доведува во прашање воениот пакт.

Но, кога станува збор за парите, тука мислењата се разликуваат. Демохристијаните и ФДП се категорично за тоа целта да биде за одбраната да се издвојуваат два отсто од бруто домашниот производ. Зелените го одбиваат тоа. СДП е поделена по тоа прашање, но интересно е што во оваа кампања тие не го осудуваат тоа, како што беше пред изборите во 2017.

Бундесвер

Дури и ако Бундесверот, откако заврши интервенцијата во Авганистан, се врати на „корените“, односно одбраната на земјата и сојузниците во НАТО, испраќањето на војниците во мисии во странство ќе продолжи, за жал на Левица, која би ставила крај на сите мисии. АфД не е толку категорична по тоа прашање, иако смета дека мисијата во Мали била грешка.

Сите други партии сметаат дека интервенциите во странство се неопходни. Особено е интересно тоа што Зелените во својата изборна програма го ублажија својот долгогодишен став околу прашањето за употреба на вооружени беспилотни летала. Тие во одредени ситуации би можеле подобро да ги заштитат војниците, се наведува во нивната програма. Некои тоа го сфаќаат како сигнал кој Зелените го испраќаат до ЦДУ, односно дека коалицијата на тие две партии не би требало да биде толку спорна кога станува збор за одбраната. Но, на внатрешен план, идејата за таква коалиција би предизвикала бурни расправи.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Размислуваме како можеме да ја заштедиме и заштитиме водата, но само додека немаме вода!

повеќе

Во последните 30 години сите политички партии, независно од тоа колку демократски се претставуваат во своите програми, на државата гледаат како на инструмент, што е пак првиот сигнал, чекор кон авторитарност.

повеќе

Ако денес направиме една историска книжевна паралела, драмското дело на Стефановски ќе го квалификуваме како антологиски бисер, кого и сегашните и идните генерации ќе го чуваат како неодминлив столб на целокупната македонска драмска литература.

повеќе