Дојче веле: Како кралот Чарлс III од војводството направил машина за штанцување пари

Новиот британски крал, Чарлс III, како принц од своето војводство создал машина за штанцување пари, а неговото влијание често било во сивата зона. Сега ќе има уште поголемо лично богатство, пишува Дојче веле.

Фото: ЕПА

Со децении кралот Чарлс III беше принц од Велс, играше поло, се ракуваше на пригодни свечености и држеше говори. Но цело време тој градеше империја тешка над милијарда фунти, која сè уште расте.

Не е лесно да се разликува што точно му припаѓа на Чарлс (73), а што на државата. Познато е дека голем дел од раскошот што ги привлекува погледите ѝ припаѓа на Велика Британија, а не на кралското семејство: скапоцените камења на круната, замокот Виндзор и Бакингемската палата.

Но и приватното портфолио на новиот крал, чиј лик ќе се појави на монетите низ Комонвелтот, е прилично „дебело“. Неговите деловни интереси беа обележани со затајување високи даноци, зделки во секторот за недвижнини и офшор-компании, пишува ДВ.

Ги донесе менаџерите

Додека беше принц, Чарлс најголем дел од своето богатство стекна од Војводството Корнвол. Организирано е како приватна компанија што поседува над педесет илјади хектари земјиште во повеќе од дваесет окрузи во Англија и Велс.

Има 260 земјоделски фарми, има шуми, станбени и стопански објекти. Дури и делови од брегот му припаѓаат на Војводството. Чарлс има и многубројни банкарски сметки.

Војводството е основано во 1337 година со идеја на наследникот на престолот да му се обезбеди материјална основа. Тој не смее да го продава имотот, но ги собира приходите од него.

Уште во 1969 година, кога наполнил 21 година, Чарлс го добил целосниот приход од Војводството. Од 1980-тите, тој покажа сè посилна деловна вештина и воведе иновации во ова големо претпријатие, кое дотогаш функционираше речиси на автопилот.

„Чарлс се вклучи во професионализацијата на бизнисот“, вели Лора Кленси од Универзитетот Ланкастер, авторка на книга за бизнисите на кралското семејство. „На пример, Војводството ангажираше менаџер и други професионалци што го диверзифицираа портфолиото.“

Менаџерскиот тим сега има 180 луѓе во седиштето во Лондон и во другите канцеларии. Главниот фокус сè уште е управувањето со недвижностите и изнајмувањето.

Како рудник за злато

Но во 2017 година, новинарската истрага позната како „Рајски документи“ покажа дека парите завршиле во офшор-компании. Тоа беше срамно за Чарлс, но портпаролот тогаш изјави дека принцот нема поим и дека други ги носат таквите одлуки.

Иако договорите за закуп на земјиште често се прастари, многумина што закупуваат земјиште се жалат на практиките на Војводството. Минатата година беше откриено дека Чарлс го искористил своето влијание за да спречи британските закони да дозволуваат откуп на земјиште. Војводството било неговиот рудник за злато.

Приходите вртоглаво се зголемиле во последните години. Пред две децении Чарлс во фискалната година инкасирал десет милиони фунти, а во последната година дури 23 милиони. Во тој период вредноста на Војводството се зголемила од 400 милиони на 1,05 милијарди фунти.

Војводството е ослободено од данок на доход. Сепак, од 1993 година, Чарлс доброволно плаќа даноци во име на Војводството, но на износот што останува по официјалните трошоци.

Уште поголема компанија

Со оглед на наследувањето на престолот, Војводството Корнвол премина во рацете на принцот Вилијам. Кралот Чарлс ќе добива приход од Војводството Ланкастер, Кралскиот имот (Crown Estate), а има и удел во наследството на личниот имот на покојната кралица Елизабета.

Војводството Ланкастер има 18.000 хектари земја, како и луксузни недвижности во Лондон. Минатата година донело 24 милиони фунти и вреди 652 милиони фунти.

Кралскиот имот е империја на недвижен имот што ѝ припаѓа на круната, но не е управувана од кралското семејство. Таа, меѓу другото, поседува и поголем дел од морското дно околу островот. Минатата година профитот бил 313 милиони фунти, од кои 86 милиони фунти ѝ биле исплатени на кралицата за трошоците, послугата, патувањата и одржувањето на палатата. Остатокот од парите отишле во државниот буџет.

Заедно со ова доаѓа и наследството на кралицата Елизабета, која го поседуваше замокот Балморал во Шкотска, имотот Сандрингам, тркачки коњи, готовина, инвестиции, уникатна колекција на скапоцени камења, уметнички дела и мебел, собирани со генерации.

Минатата година Форбс личното богатство на кралицата го процени на околу 410 милиони евра.

Пребогат за народот?

Колку што е познато, кралицата не се плеткала во бизнисите со инвестиции. Дали Чарлс Трети како крал ќе продолжи да биде агилен бизнисмен?

Толкавото богатство, како потсетување на некогашната семоќ на кралевите, денес им пречи на многу луѓе во Велика Британија. Меѓу другото и поради договорот стар неколку децении според кој Чарлс е ослободен од вообичаениот данок на наследство од 40 проценти.

Други, пак, велат дека таквото раскошно кралско семејство е магнет за туристите и одлична реклама за Обединетото Кралство.

Лора Кленси го означува кралското семејство како фирма. Но таа е убедена дека богатството, скриените бизниси и нееднаквоста - а монархијата подразбира нееднаквост - никогаш нема да го загрозат кралското семејство.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Ех какво време дојде, да се стремиме кон нула. Уште повеќе, да постигнеме нула.

повеќе

Како да ги зачуваме националните и креативни наследства со помош на вештачката интелигенција?

повеќе

Ќутејќи - банализирамо. Банализирајќи - нормализирамо. Нормализирајќи - дозвољуемо пред очи да ни се повампируа фашизмот и нацизмот.

повеќе