Сегашниов момент е опасен

Чистката на освестените

Исфрлањето на Доналд Трамп од Твитер е застрашувачки знак на тиранијата што доаѓа.

Фото: ЕПА

Не постои култура на протерување, велат тие. А, сепак, со притискање на прекинувачот капиталистите милијардери за кои не гласал баш никој го замолкнаа човекот што сè уште е демократски избран претседател на Соединетите Држави. Со стискање едно копче во нивните огромни храмови на технологијата, новите капиталистички олигарси од Силиконската долина спречија еден човек што пред само два месеци го освои вториот најголем број на гласови во историјата на американската република (74 милиони гласа) да комуницира со своите приврзаници (и критичари) на новиот јавен плоштад во интернет-ерата.

Културата на протерување не само што постои – туку е и средството преку кое моќните олигархии од интернет-ерата, кои не одговараат за ништо, и нивните неупатени навивачи во либералните елити се мешаат во демократскиот процес и ги чистат гласовите што не ги одобруваат. Тоа е она што го потврдува Твитеровата трајна суспензија на Доналд Трамп.

Новото капиталистичко протерување на демократски избраниот претседател на Соединетите Држави е мошне значајна пресвртница во политиката и културата на западниот свет. Ние на наш ризик го потценуваме значењето на овој чин на еднострана чистка. Тој покажува дека најголемата закана за слободата и демократијата доаѓа не од мороните и екстремнодесните кловнови што неделава упаднаа во Капитол, туку од технократските елити што во провалувањето на Капитол видоа можност да ја зацврстат својата културна моќ и својата политичка доминација.

Твитеровата забрана за Трамп од многу причини е невообичаена. Прво, во неа има ароганција. Бидете сигурни: ова се шефовите наспроти демократијата; корпорациите наспроти народот; исклучително богатите и далечни елити што одредуваат кои избрани политичари можат да се вклучат во онлајн-дискусија, каде што во 21 век се одржуваат повеќето политички и јавни дебати. На оние што не можат да видат колку е загрижувачко и злокобно тоа што неколку технолошки џинови имаат обезбедено виртуелен монопол над социјалната страна на интернетот и сега ја користат својата монополска моќ да диктираат какви политички мислења е прифатливо да се појавуваат и да се изразуваат на овие форуми, итно им треба повик за будење.

Второ, Твитер дава длабоко вознемирувачко оправдување зошто го суспендирал Трамп. Вели дека профилот на Трамп носи „ризик“ од „поттикнување насилство“. А сепак, во двата негови твита што мрежата ги цитира нема ништо такво. Во едниот, Трамп ги опишува своите гласачи како „големи американски патриоти“ и инсистира дека во иднина ќе имаат „ЏИНОВСКИ ГЛАС“. Во другиот потврдува дека нема да присуствува на инаугурацијата на Џо Бајден. Тоа е тоа. Во кој искривено-морален универзум ваквите стандардни, фалбаџиски изјави на Трамп може да се толкуваат како повици за насилство?

Во искривено-моралниот универзум на превентивна цензура како мерка на претпазливост, кој го градат нашите технолошки господари, ете таму. Зачудувачки, Твитер вели дека неговата цензура врз претседателот се заснова на тоа како другите луѓе можат да ги читаат и толкуваат неговите зборови. Вели дека неговиот цензорски мотив е „конкретно“ прашањето „како (Трамповите твитови) се примаат и се толкуваат на и надвор од Твитер“. Коментарите на Трамп „мора да се прочитаат“ во поширокиот контекст на тоа како одредени изјави „може да поттикнат различни публики на акција“, укажува Твитер. Значи, зборовите на Трамп, стриктно гледано, не се проблем; проблем е можноста, ризикот, некој некаде да ги интерпретира на одреден начин.

Ова претставува застрашувачки преседан за интернет-ерата. Тоа го легитимизира новиот режим на онлајн-цензура, кој не само што го казнува воспалителниот говор - што би било доволно лошо - туку го казнува и нормалниот, легитимен политички говор врз основа на тоа како други, неименувани луѓе или групи може да реагираат на него.

Нема да му има крај на она што може да биде цензурирано. Трансскептичните феминистки, веќе жртви на освестените чистки на Силиконската долина, ќе бидат целосно збришани врз основа на тоа што некој идиот би можел да ги протолкува нивните интелектуални, нефанатични критики на родопроменливоста како инструкција да удри некоја транс-личност. Христијаните скептични кон хомосексуалните бракови, активистите гневни на абортусот, радикалните левичари што велат „разбиј го системот“ - сите потенцијално би можеле да станат жртва на овој нов диктат што вели дека ние не сме одговорни само за она што самите го мислиме и го зборуваме, туку и за мноштвото различни толкувања кај сите други, од човекот на улица до мрднатиот секташ, на тоа што ние го мислиме и го зборуваме.

Врз основа на тоа, треба да биде забранет и White album, бидејќи неговите песни „Helter Skelter“ и „Piggies“ „поттикнаа различни публики на акција“ со страшни цели - убиствата извршени од Семејството на Чарлс Менсон. Cather in the Rye? Цензурирај го. Сте заборавиле ли како го поттикна Марк Дејвид Чепмен „на акција“ да го убие Џон Ленон? Што се однесува на Библијата, Куранот и кои било политички текстови и химни - ризиците што тие ги претставуваат за „поттикнување на акција“ очигледно се премногу големи, па затоа, за да се осигуриме, ајде да ги исчистиме и нив.

Не е само Твитер. Марк Закерберг (нула гласови) веќе на неопределено го суспендираше Трамп (74 милиони гласови) од Фејсбук. Редит си ја избриша дискусијата за Доналд Трамп. Суспендирани се сите профили на социјалните медиуми што ја промовираат лудата теорија на заговор Кјуанон (лажна екстремнодесничарска теорија дека канибалистички педофили што го обожаваат сатаната раководат глобален синџир на трговија со деца и заговараат против американскиот претседател Доналд Трамп, кој се бори против култот). Мајк Флин и Сидни Пауел се протерани од Твитер. Јутјуб сега забранува какво било видео и профил што велат дека изборите во Америка биле измама. Ова покажува колку идеолошки станале олигарсите во Силиконската долина. Цели четири години главните членови на медиумските и културните елити во САД и во Британија велеа дека американските претседателски избори и референдумот за ЕУ од 2016 година биле измама. Дека во нив се мешале други, дека се нелегитимни, дека треба да се поништат. Ќе најдете десетици илјади видеа на Јутјуб во кои се појавуваат луѓе што велат дека гласањето за брегзит било наместено од Русите или дека едно „советодавно“ гласање измамнички било претворено во обврзувачко. Тие нема да бидат отстранети. Бидејќи нашите технолошки господари се впуштени во акти на отворена политичка цензура.

Потоа, тука е Парлер, либертаријанската алтернатива на Твитер. Гугл неделава ја отстрани апликацијата Парлер од својата продавница врз основа на тоа дека не го контролира доволно строго воспалителниот говор на своите корисници. Епл се заканува дека ќе го стори истото. Сите оние што рекоа „Само вие направете си своја социјалномедиумска платформа“ очигледно ја потценија тиранската определба на освестените елити да го избришат „навредливиот говор“ од секое ќоше на интернетот. Ова е комплетна чистка на секој глас што е значително спротивен на светогледот на антипопулистичките елити.

Тоа што левицата навива за ова е кретенизам од најзначаен вид. Тие го одобруваат најтемелниот напад врз слободата на говорот што капиталистичките елити некогаш го извршиле. Тие дозволуваат контрола на говорот од страна на милијардерите. Тие слават додека корпоративните олигархии директно се мешаат во демократскиот процес. Тие прават фетиш од правата на приватна сопственост, инсистирајќи дека корпоративните права на виртуелните монополи како Твитер и Фејсбук, во случајов нивното право да исфрлаат луѓе од своите платформи, го надминуваат социјалното, демократско добро на слободна јавна дебата.

Знам дека ова е малку веројатно во скоро време - со оглед на целокупниот булшит и псевдо „левичарското“ однесување на елитите во Силиконската долина - но замислете ако во одреден момент во иднина технолошките господари одлучат дека Берни Сандерс или некој подбуцнувачки организатор на протести надвор од штабот на Гугл може да ја „поттикне публиката на акција“ да направи нешто лошо и да одлучи да ги забрани? Што ќе каже левицата? Ништо, веројатно. Или ништо што треба да се сфати сериозно, со оглед на тоа што тие ќе имаат помогнато да се создаде оваа мрежа на тиранија. Тие го заборавиле крикот на вистинскиот радикал Томас Пејн: „Оној што ќе ја осигури својата сопствена слобода мора да го чува дури и својот непријател од угнетување; зашто ако ја прекрши оваа должност воспоставува преседан што на крај ќе стигне и до самиот него.“

Постои опасност во сегашниов момент. Таа не доаѓа од идиотите со роговски шлемови и расистичките ѓубриња што еден час парадираа низ зградата на Капитол, туку од оние што сакаат тој гнасен инцидент да го претворат во основачки мит за една нова ера на освестен авторитаризам. Деловните и политичките елити, решени да го уништат популистичкиот експеримент од последниве години, енергично ќе покренуваат војни против „домашниот тероризам“, ќе го задушуваат воспалителниот говор, ќе го чистат од интернетот и од работните места секој што има „неправилни“ мисли и ќе ги ставаат на црната листа оние што веруваат дека популизмот е подобар од технократијата. Тие веќе го прават тоа. Администрацијата на Бајден уште не е ни дојдена на власт, а тоа веќе се случува. Замислете колку ќе се охрабрат новите олигархии и нивните освестени толпи откако ќе завладеат Бајден и компанија. Подгответе се; чистката е само почеток.

Брендан О'Нил

Спајкд

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Да бидеме реални: регионот на многу начини сè уште е претежно (погрешно) разбран и (погрешно) третиран и меѓународно се нарекува „бурето барут на Европа“.

повеќе

Јане бил свесен дека деновите му се одброени и отворено говорел за тоа. Знаел дека многумина имаат причина да го ликвидираат, дека им пречи во остварувањето на нивните „повисоки цели“.

повеќе

Во македонскиот интернет простор постојано се појавуваат и гаснат портали, со што засекогаш исчезнуваат и објавените содржини.

повеќе