Германските медиуми за новиот косовски премиер

Авдулах Хоти: слуга на господарите, контролиран од Тачи, кој сака да го легитимизира тајниот договор со Вучиќ

Новата влада на Косово едвај е составена од повеќе партии, нејзините конци ги влечат различни актери и малку е веројатно дека долго ќе остане на власт - германскиот печат не пишува ништо добро за владата на Авдулах Хоти.

Фото: ЕПА

„Новоинсталираната влада на Хоти треба да ги исполни многубројните желби на оние што ги влечат конците од заднината. Ова е практично невозможно, затоа што всушност никој не соработува со никого“, напиша новинарот Томас Борхерт од Копенхаген за Франкфуртер рундшау.

„На Хоти, искусен министер за финансии, скоро никој не му предвидува шанси за подолг рок. Сепак, Хоти е полн со ентузијазам за својата, за многумина безнадежна мисија. Приоритет на неговата влада е економското закрепнување“, рече Хоти, кој важи за лојален следбеник на лидерот на неговата партија, Иса Мустафа. Договорот со Србија, кој треба да обезбеди стабилизација на Косово, е од витално значење: „Ние ќе промовираме дијалог во соработка со ЕУ и САД и нема да дозволиме промена на границите“, го цитира Франкфуртер рундшау новиот премиер.

Реџеп Селими, пак, водачот на парламентарната група на сега опозициското Самоопределување, вели: „Владата на Хоти не беше избрана од народот. Таа е контролирана од претседателот Хашим Тачи, кој со ова сакаше да го легитимира својот таен договор со српскиот претседател Александар Вучиќ за поделба на Косово. Оваа влада само треба да обезбеди уште еден мандат за Тачи како претседател“.

За самиот премиер германскиот весник пишува: „Хоти, кој студирал во Велика Британија, се смета за безбоен, но чесен технократ, кој стои цврсто зад својата партија. За разлика од некои негови министри, во биографијата на Хоти нема никакви корупциски скандали, ниту воено минато“.

„Освен што нема мнозинска влада, Хоти, како слуга на многу господари, наскоро ќе има проблеми во борбата и со нивните спротивставени барања. Блиц-договорот со Србија, за кој американскиот специјален пратеник Ричард Гренел го предвидуваше како муниција за Доналд Трамп за време на изборната кампања, тешко дека ќе се постигне толку брзо“.

„А продолжувањето на мандатот на претседателот Тачи, како и размената на територии со Србија што тој ја промовира, наидоа на отпор дури и во партијата на Хоти. И курсот на Тачи на судир со ЕУ може да се покаже како пречка за Хоти: Брисел никако не сака водењето на косовскиот дијалог да им го препушти на САД. Затоа, Хоти мудро не се потпира само на Трамп: по изборите во САД, интересот на Вашингтон за Косово веројатно значително ќе се намали“, заклучува Франкфуртер рундшау.

 

Тагесцајтунг: ЕУ ја нарушува својата претходна позиција

Новинарот Ерих Ратфелдер од Сплит за берлински Тагесцајтунг меѓу другото напиша: „Авдулах Хоти е еден од водечките членови на конзервативниот дел на Демократската лига и ќе ја спроведува веќе од заднината зацртаната политика. Преговорите со Србија, кои ги поддржува и администрацијата на Трамп, се очекуваат наскоро“.

Германскиот новинар пишува дека Американците сакаат размена на територии меѓу Србија и Косово и оти Ангела Меркел е против тоа.

Таа „постојано предупредуваше за отворање на Пандорината кутија, бидејќи размената на територии по етничка основа може да доведе до конфликти во Црна Гора, Босна и Херцеговина, но и во Северна Македонија, каде што албанското малцинство може да бара припојување кон Косово“.

„Но очигледно не сите во Брисел ги имаат овие стравови. Така, шефот за надворешна политика на ЕУ, Жосеп Борел, и комесарот на ЕУ за соседска политика, Оливер Вархели, побараа продолжување на дијалогот со Србија. Сега сакаме да видиме напредок на Косово на патот кон ЕУ, се вели во едно соопштение. Тоа покажува знаци на избегнување конфликт со Соединетите Држави, но може да ја поткопа претходната позиција на Европската Унија“, заклучува текстот на Тагесцајтунг.

 

Франкфуртер алгемајне цајтунг: Проблемот со Гренел

Новинарот Михаел Мартенс од Виена за Франкфуртер алгемајне цајтунг пишува: „Формирањето на владата на најмладата држава во Европа беше невообичаено и сомнително. На тоа му претходеше повеќемесечна борба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и Европската Унија, односно најважните европски престолнини како што е Берлин. Се работеше за идниот развој на Косово. И барем засега, може да се каже дека Европа ја загуби првата рунда од таа борба за моќ“.

„Главниот протагонист на американската страна беше Ричард Гренел, до пред неколку дена американски амбасадор во Берлин и верен следбеник на Трамп. Минатата година претседателот го назначи тој недипломатски дипломат за свој специјален пратеник за 'мировните преговори' меѓу Србија и Косово. Некои беа изненадени од тоа што Трамп сака надворешнополитички да се ангажира баш на Балканот. На крајот на краиштата, за разлика од 90-тите, тој регион повеќе не е центар на судир од глобална политичка големина“.

„Во Белград, а особено во Приштина, постоеше, и сè уште се слуша, претпоставката дека Трамп, откако не успеа во надворешната политика не само во Северна Кореја, сега сака да се докаже како талентиран дилмејкер во Југоисточна Европа. Целта, значи, беше да се постигне историско помирување меѓу Србија и Косово, а истовремено да се повреди и Европската Унија, која повеќе од една деценија не успеваше да го стори тоа“.

Покрај тоа, франкфуртскиот весник пишува: „Трамп тогаш ќе може да ја затвори американската воена база Бондстил, која постои од 1999 година, и да ѝ покаже на својата домашна публика дека, за разлика од своите претходници, војниците од Косово ги донел дома. Се разбира, ова се само претпоставки“.

„Она што може да се докаже е дека ангажманот на Гренел на Балканот се разви во американско-европска борба за моќ каква што регионот никогаш досега нема видено. Сепак, прашање е дали Гренел - ако игра важна улога во претстојната изборна кампања на Трамп - воопшто уште ќе се занимава со споредната бина, Косово. Некои европски дипломати се надеваат дека проблемот со Гренел за Косово со време ќе се реши сам од себе. Покрај тоа, повеќето посматрачи сметаат дека хетерогената повеќепартиска коалиција на Хоти нема да може долго да остане на власт“, заклучува Франкфуртер алгемајне цајтунг.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Дали е аксиом дека со членството во НАТО е гарантирана безбедноста на Македонија? Дали почеток на преговори значи и отворен пат за членство во ЕУ?

повеќе

Што е со оние граѓани кои не се вклопуваат во нашиот (би)етнички дискурс?

повеќе

Постојат различни фактори кои влијаат на нивото на ризик кога станува збор за перење пари. Тоа може да биде од клиенти, региони, производи или ризик од финансиски инструменти. Разбирањето на овие ризици, како и факторите што придонесуваат, им овозможува на надлежните органи многу поефикасно да се заштитат од перење пари поврзано со корупција.

повеќе