„Рамо до рамо“

Антиизраелскиот фронт на Иран: Техеран ги јакне врските со Хамас и Хезболах

Плакатот не може а да не се види – огромен постер на Касем Сулејмани, некогашниот командант на иранската бригада Ал кудс, стои на ѕид на една куќа во Газа. Тоа е неподносливо, сигурно помислил Мајди ал Магриби, жител на палестинскиот Западен брег, кога го тргнал плакатот од ѕидот, пишува Дочје веле.

EPA-EFE

Набрзо потоа го уапсија безбедносните сили, јави саудиската новинска агенција Ал Арабија на крајот на декември 2020.

Хамас, кој владее во Појасот Газа, на крајот на годината излепи цел куп плакати кои потсетуваа на убиството на иранскиот офицер во нападот со американски беспилотни летала во јануари 2020. На еден од нив е цитиран дел од говорот кој шефот на Хамас Ислаил Хенијех го одржа на погребот на Сулејмани: „Маченикот, командантот Сулејмани, целиот живот го поддржуваше нашиот отпор. Тој е маченик за Ерусалим“.

Хамас и Хезболах рамо до рамо

Како и акцијата на лепење на плакатите, и средбата на двајцата лидери на Хезболах и Хамас, Хасан Насралах и Исмаил Ханиех минатиот септември, беше сигнал дека Иран и Хамас се држат рамо до рамо. Шиитската паравоена организација Хезболах е продолжена рака на Иран во Либан и заколнат непријател на Израел.

Уште самата средба беше необична. Како што јави турската новинска агенција Анадолу, предмет на разговорот биле „опасностите кои го загрозуваат палестинското прашање“. Пред сè станува збор за планот за Блискиот Исток на американскиот претседател Доналд Трамп, кој тој на почетокот на 2020 го претстави како таканаречен договор на векот. Но, тука се и проектите за нормализација на односите меѓу арапските земји и Израел.

Се разговарало и за „силните врски“ меѓу Хезболах и Хамас, се наведува во извештајот на Анадолу. Тие почиваат на „верата, братството, џихадот и заедничката судбина“. Но, тема на разговорот биле и „механизмите за кооперација и координација“.

Традиционалната иранска поддршка на Хамас

Врските на Хамас со Иран не се одржуваат само преку Хезболах. На почетокот на 2000-те донациите од Иран сочинуваа околу четврт од буџетот на Хамас. На крајот на ноември минатата година, некогашниот претставник на Хамас за надворешни работи Махмуд ал Захар, ѝ се извини на арапската медиумска мрежа Ал алам за неговото патување во Иран во 2006 година, каде на Сулејмани му зборувал за лошата финансиска состојба на Хамас. Тој повеќе не можел да ги плаќа вработените. „Сулејмани веднаш реагираше“, кажа Ал Захар. „Уште следниот ден добив 22 милиони долари во готово спакувани во куфери, од кои секој беше тежок околу 40 килограми. А бидејќи ние бевме само девет, не можевме ни да ги кренеме сите куфери“.

Покрај тоа, Иран испраќа и техничка помош од која можат да се направат помали ракети кои можат да дофрлат до Израел. Паралелно, Хезболах врши воена обука на борците на Хамас.

Приближувањето на Хамас на режимот на Асад

Додека Иран ги јакне врските со антиизраелски ориентираните организации Хамас и Хезболах, тој истовремено го поддржува и зближувањето на Хамас со режимот на Башар ал Асад во Сирија. Тие врски се влошија во 2011 година кога палестинската организација, како и многу други арапски држави, се дистанцираше од Асад поради бруталниот одговор на протестите на критичарите на режимот.

„Напорите да се оживеат врските меѓу Хамас и Сирија одат во добра насока и наскоро ќе резултираат со успех“, цитираше деновите неименуван член на иранскиот парламент сајтот Ал монитор. Сириската влада, како и другите партнери на Иран, по убиствата на Сулејмани и атомскиот физичар Мохсен Фикризадех во ноември минатата година препознале „колкава опасност му се заканува на регионот“.

Хезболах нема да седи со скрстени раце

Фактот дека Иран во овој момент толку решително ја промовира таканаречената шиитска „оска на отпорот“ против Израел и САД, вклучувајќи го сунитскиот Хамас, од една страна укажува на тоа колку Техеран сериозно ги сфаќа конфликтите со САД и Саудиска Арабија во регионот. Кон средината на минатата недела Иран почна со поморски вежби во Персискиот и Оманскиот Залив. Според информациите на иранската државна телевизија ИРИБ, на вежбите е претставен и нов ракетен брод. Ако дојде до судир во Заливот, очигледна е пресметката на Техеран: напади врз сојузниците, па и против Израел, би придонеле кон олеснување на ситуацијата. Насралах истакнува дека Хезболах не би гледал напади врз Иран со скрстени раце.

Јакнењето на врските на Хезболах и Хамас укажува на тоа дека Техеран не очекува можно зближување со САД, без оглед на тоа што во Белата куќа влегува Џозеф Бајден. Во иранската престолнина загриженост предизвикува и тоа што американскиот министер за надворешни работи во заминување Мајк Помпео сака јеменските бунтовници Хути да ги стави на американската листа на терористи.

Од друга страна, зближувањето на Саудиска Арабија и Катар укажува дека, кога постои политичка волја, можат да се решат и односите кои се влезени во ќорсокак. Од Иран до заливските земји веќе стигна понуда за разговори. Понатамошното попуштање на тензиите, а со тоа и во односите на Иран и неговите шиитски сојузници, би можело да зависи од сигналите од Вашингтон.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Реакцијата на семејството и блиските во однос на пандемијата е пресуден фактор кој влијае на емотивната состојба, размислувањата и однесувањето на младите.

повеќе

Можеби по нас ќе дојдат некои нови клинци што прегрнати ќе го слушаат мртвиот Џоле и ќе го разберат подобро отколку што го разбравме ние на кои со години жив на глуви уши ни пееше за љубовта.

повеќе

За државата Македонија, Македонците се посебен народ со повеќевековна традиција, кои зборуваат, творат, се радуваат и тагуваат на македонски јазик, веќе со векови, во и надвор од територијата на нашата држава.

повеќе