Конзервативното мнозинство

Американскиот Врховен суд го урива ѕидот меѓу црквата и државата

Врховниот суд на САД, во кој мнозинството е конзервативно, во серија нови пресуди го урна ѕидот што ги дели црквата и државата, еродирајќи ги американските правни традиции наменети да ги спречат владините службеници да промовираат одредена вера, вели Ројтерс.

Фото: ЕПА

Во три одлуки во изминатите осум недели судот пресуди против владини функционери што презеле политики и активности за да се избегне прекршување на забраната од Првиот амандман на Уставот на САД за владино прифаќање религија - позната како „естаблишмент-клаузула“, односно забрана за државна религија.

Судот во понеделникот го поддржа фудбалскиот тренер во државното средно училиште во државата Вашингтон што беше суспендиран од локалната училишна област затоа што одбил да престане да врши христијански молитви со играчите на теренот по натпреварите.

На 21 јуни судот поддржа парите на даночните обврзници да се плаќаат за учениците да посетуваат верски училишта во рамките на програмата за помош за школарина во Мејн во руралните области на кои им недостасуваат блиски јавни средни училишта.

На 2 мај судот пресуди во корист на христијанска група што се обиде да вее знаме со крст во градското собрание во Бостон, во рамките на програмата насочена кон промовирање на различноста и толеранцијата меѓу различните заедници во градот.

Конзервативните судии на судот, кои имаат мнозинство од 6-3, во петокот донесоа одлука што беше поздравена од верските конзервативци - со која беше поништена пресудата Ро против Вејд од 1973 година, со која се легализираше абортусот на национално ниво - иако тој случај не ја содржеше клаузулата за забрана на државна религија.

Професорот на Правниот факултет во Корнел, Мајкл Дорф, рече дека мнозинството на судот изгледа скептично во однос на владините одлуки засновани на секуларизмот.

„Тие го сметаат самиот секуларизам, кој со векови беше сфаќање на либералниот свет за тоа што значи да се биде неутрален, како облик на дискриминација против религијата“, рече Дорф за конзервативните судии.

Во пресудата од понеделникот, конзервативниот судија Нил Горсуч напиша дека целта на судот е да ги спречи јавните службеници да бидат непријателски настроени кон религијата додека се придржуваат кон клаузулата за забрана на државна религија. Горсуч рече дека „во ниту еден свет загриженоста на владиниот ентитет за фантомски прекршувања не може да ги оправда вистинските прекршувања на правата на поединецот од Првиот амандман“.

„ЅИД НА РАЗДЕЛУВАЊЕТО“

Токму претседателот Томас Џеферсон беше тој што во писмото од 1802 година славно рече дека забраната на државна религија треба да претставува „ѕид на одвојување“ меѓу црквата и државата. Одредбата ја спречува владата да воспостави државна религија и ѝ забранува да фаворизира една вера над друга.

Во трите неодамнешни пресуди судот одлучи дека владините активности наменети за одржување на одвојувањето на црквата од државата, наместо тоа, ги прекршиле одделните права на слобода на говор или слободното практикување на религијата, исто така заштитени со Првиот амандман.

Но како што напиша либералната судијка Соња Сотомајор во случајот Мејн, таквиот пристап „нè води до место каде што поделбата на црквата и државата станува уставна повреда“.

Мислењата варираат во однос на тоа колкава флексибилност имаат владините службеници во дозволувањето религиозно изразување, без разлика дали од страна на вработените во јавниот сектор, на јавното земјиште или од луѓе за време на официјална процедура. Оние што се залагаат за строга поделба на црквата и државата се загрижени дека историските преседани на Врховниот суд, вклучително и пресудата од 1962 година со која се забранува молитвата во државните училишта, може да бидат загрозени.

„Тоа е сосема нова врата што (судот) ја отвори за она што наставниците, тренерите и владините службеници можат да го направат кога станува збор за преобраќање на децата“, рече Ник Литл, правен директор за Центарот за истрага, група што ги промовира секуларизмот и науката.

Лори Виндам, адвокатка од правната група за верски слободи Бекет, рече дека одлуките на судот ќе овозможат поголемо религиозно изразување на поединци без да се поткопува клаузулата за забрана на државна религија.

„Одвојувањето на црквата од државата продолжува на начин што ги штити црквата и државата. Тоа ја спречува владата да се меша во црквите, но исто така го штити разновидното религиозно изразување“, додаде Виндам.

Повеќето од пресудите за верските права во последниве години вклучуваа христијански тужители. Но судот, исто така, поддржа и следбеници на други религии, вклучително и една муслиманка во 2015 година, на која ѝ беше одбиена работа во малопродажба бидејќи носеше шамија од религиозни причини, и на будистички осуденик на смрт во 2019 година, кој сакаше духовен советник да присуствува на неговата егзекуција во Тексас.

Судот, исто така, застана на страната на христијанските и на еврејските верници во постапките засновани на верските права, за владините ограничувања како што се ограничувањата на јавните собири воведени заради јавна безбедност за време на пандемијата на ковид-19.

Никол Стел Гарнет, професорка на Правниот факултет Нотр Дам, која се приклучи во документот поднесен до судиите што го поддржуваа фудбалскиот тренер, рече дека судот само јасно кажува дека владите мора да ги третираат религиозните луѓе исто како и сите други.

По пресудата од понеделникот, многу прашања во врска со верското однесување во училиштата може повторно да бидат оспорувани според образложението на судот дека однесувањето мора да биде „присилно“ за да предизвика загриженост во однос на забраната за државна религија.

„Секоја училница“, рече Гарнет, „е судница“.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Неколку години при здрав разум сакаат да ни наметнат и да нѐ убедат дека со соседна Бугарија сме имале заедничка историја. 

повеќе

Деновиве во Комората пристигна нацрт-концептот за даночни реформи, кој треба да претставува основа за јавна расправа во наредниот период.

повеќе

Концептот е насочен кон креирање на оптимален даночен систем, кој ќе го поддржи економскиот раст, а со тоа и животниот стандард на нашите граѓани.

 

повеќе