Генералот Мили смета дека, без оглед на големиот успех во Херсон, „целосна победа над Русите и понатаму не е возможна“. Во ситуација кога постои можност да сее преговара и да се заврши војната, односно да се постигне мир, „треба да се искористат шансата и моментот“, смета Мили.
Некои други извори тврдат дека Украина сега, по Херсон, е во подобра преговарачка позиција и дека тоа треба да го искористи. Токму затоа Москва смета дека не треба да брза со преговори, ако тие не се „по руски услови“. А Мили верува дека Русите сега би биле спремни за преговори.
Меѓутоа, како што пренесува Си-ен-ен, тој предлог на генералот Мили не го поддржала и одобрила Белата куќа. На дипломатското решение кое го предложи војникот се спротивставиле „дипломатите“ – државниот секретар Ентони Блинкен и Џек Саливен, советникот за национална безбедност на американскиот претседател Џо Бајден. Саливен дури смета, пренесува Си-ен-ен, дека сè уште не е време за преговори за Украина.
Блинкен и Саливен сметаат дека сега кога Русија претрпела пораз кај Херсон, а има и нервоза и незадоволство во Кремљ и руската јавност, примирје би било добро за руската војска и политика, односно би им се дала шанса за стабилизација на ситуацијата и на боиштето и на политичката сцена. А Бајден пред неколку дена кажа дека одлуката за преговори е на Украинците. „Ништо за Украина без Украина“, кажа американскиот претседател, а Саливен истакна дека Вашингтон не го притиска Киев да преговара.
Волстрит џурнал објави информација дека токму Саливен водел тајни преговори со руски функционери – секретарот на Советот за безбедност на Русија Николај Патрушев и Путиновиот помошник за меѓународни односи Јуриј Ушаков – за можни украинско-руски мировни преговори. Русите тоа го демантираа, а Саливен кажа дека имало разговори, но за спречување руска употреба на нуклеарно оружје.
Белата куќа, меѓутоа, не го коментираше јавно предлогот на Мили, а портпаролот на Државниот секретаријат Нед Прајс кратко кажа дека и самите Украинци се уверени дека крајот на војната ќе биде одлучен на преговарачка маса.
Меѓутоа, Њујорк тајмс, повикувајќи се на свои извори во Белата куќа, тврди дека во овој момент изгледа дека „ниедна од завојуваните страни не е спремна да преговара“ и дека „секоја пауза би им дала на руските сили прилика да се прегрупираат“.
Пред неколку дена рускиот политиколог Валериј Соловеј кажа дека Западот на Путин му понудил предлог за мировен договор, кој би му овозможил, и покрај поразот, нешто да добие и да ја сочува власта. Според овој прелог, Путин би го „спасил“ Крим, но би морал да го демилитаризира. Меѓутоа, овој предлог тешко ќе помине, бидејќи би значел крај на политиката на Путин поради признавање срамен пораз, а од Киев порачуваат дека војната ќе заврши дури кога целата територија на Украина, вклучувајќи го Крим, ќе биде ословодена.