ОБЈАВЕНИ ДЕТАЛИ НЕПОЗНАТИ ЗА ЈАВНОСТА

Американски дипломат: Тито го предвидел распадот на Југославија

Поранешен службеник на американската амбасада во Белград изнел низа сеќавања за Јосип Броз, дел од кои не ѝ биле познати на јавноста, пишува српска Политика.

„Тој е еден од најфасцинантните ликови на 20 век“, кажал за Јосип Броз Тито американскиот дипломат и писател Волтер Робертс, посветувајќи му обемен есеј во февруарското издание на Американ дипломаси, публикација посветена на надворешнополитички теми.

Работејќи од 1960 до 1966 во американската амбасада во Белград, Робертс имал можност одблиску да ги следи случувањата во социјалистичка Југославија и повеќе пати да се сретне со Тито, за што изнел детали што не се познати надвор од дипломатските кругови.

Така на пример, тој се сеќава дека во 1965 година Југославија ја посетил Аверел Хариман, специјален претставник на американскиот претседател Линдон Џонсон, со задача да го замоли Броз да посредува во завршувањето на Виетнамската војна. Тито не бил баш воодушевен од идејата, но со Хариман нашол заеднички јазик, па во текот на следните години се сретнале уште неколку пати. Робертс пишува дека вдовицата на Хариман, Памела Черчил (во првиот брак била венчана за синот на Винстон Черчил), му се доверила дека го посетиле Тито во 1979, една година пред неговата смрт, и дека тој им рекол дека по неговата смрт Југославија ќе се распадне. Пренесувајќи го нејзиното тврдење, Робертс не навлегува во понатамошно анализирање на можните значења на изјавата на Тито.


За личните размислувања за Тито, како што е и насловен есејот, Робертс дава интересен увид во функционирањето на високата дипломатија. Сеќавајќи се на најголемата криза во американско-југословенските односи, тој пишува дека таа била испровоцирана од говорот на Тито на Првата конференција на Движењето на неврзаните во Белград 1961.

Тогашниот американски амбасадор во Белград, Џорџ Кенан, добил инструкции од државниот секретар Дин Раст да им пренесе на југословенските власти дека САД очекуваат во Титовиот говор на отворањето на конференцијата да нема делови што на кој било начин би можело да се интерпретираат како антиамерикански. Робертс тврди дека добиле уверувања дека немаат причина за грижа и дека лично го прочитал говорот на Тито, кој бил однапред напишан, и дека во него немало „спорни“ пасуси.

Американските дипломати биле вџашени кога слушајќи го настапот на Тито на отворањето на конференцијата на неврзаните слушнале дека Југославија „разбира зошто“ Советите го прекршиле договорот за забрана за нуклеарни тестирања.

„Кенан не беше расположен за простување и со месеци избегнуваше средба со Тито, а кога евентуалната средба ќе изгледаше неизбежна, тој ќе заминеше од градот“, пишува Робертс.


Сликајќи го портретот на Тито, американскиот дипломат изнел и интересни забелешки за познавањето на странски јазици на маршалот. Иако зборувал руски, како и американскиот амбасадор Кенан, во официјални пригоди тој инсистирал да биде присутен преведувач за да може да зборува на српскохрватски.

Интересно е и тоа што во една пригода преведувачот не се снаоѓал баш најдобро, па Робертс се префрлил на германски, бидејќи знаел дека Тито одредено време престојувал во Австрија работејќи како механичар. „Неговиот германски, иако течен, беше на ниво на автомеханичар. Тито престана да зборува и продолживме да комуницираме со помош на преведувачот. Често се прашував зошто не сакаше да зборува на германски. Претпоставувам дека поради тоа што беше свесен дека дипломатите не зборуваат со таков јазик“.

Броз бил последниот шеф на држава што го видел Џон Кенеди жив пред атентатот во Далас. Само три недели претходно тој престојувал во САД и американскиот претседател оставил силен впечаток врз него.

„Иако никогаш претходно ја немаше посетено американската амбасада во Белград, тој изрази желба лично да дојде и да изрази сочувство. Тој дури и изрази желба со амбасадорот да поразговара за убиството на Кенеди“.

Робертс има и едно лично сеќавање на Броз. По службата во Белград и подоцна во Женева, тој се посветил на научна работа, од што во 1973 година настанала книгата „Тито, Михајловиќ и сојузниците, 1941-1945“, која списанието Форин аферс ја прогласи за најдобра книга на оваа тема. Титовото незадоволство, пишува Робертс, го предизвикало објавувањето на податоците дека партизаните во 1943 имале тајна средба со германската врховна команда.

„Со години Тито и неговите сојузници го обвинуваа генералот Михајловиќ за ‘преговарање’ со Германците, па дури и го погубија како предавник во 1946. Беа направени големи напори да се прикрие партизанско-германската средба, а моето откритие доведе до тоа книгата да биде забранета во Југославија“.


Заокружувајќи ја приказната за Тито, Робертс потсетува дека неговиот погреб бил најголемиот државнички погреб во историјата. Присуствувале четири крала, шест принца, 31 претседател, 22 премиери и 47 министри за надворешни работи. Американскиот претседател Џими Картер како специјален претставник ја испратил сопствената мајка.

Како остар контраст, тој пишува дека минатата година починала и неговата вдовица и поранешна југословенска прва дама, Јованка Броз – „без пријатели и без скршена пара“.

Министерството за финансии во изминатиот период активно работеше на реформа за унапредување на фискалната децентрализација, која нуди сериозно системско решение за стабилни финансии на општините кои ќе значат одговорни општини и испорака на квалитетни и ефикасни услуги за граѓаните. 

повеќе

Либералната империјалистичка доктрина на Америка е одговорна за ужасниот масакр во места како Виетнам, Ирак и Централна Америка. Но Америка, исто така, произведе либерална антиимперијалистичка доктрина што останува затскриена во една ТВ-серија што ја восхитува американската публика уште од 1966 година.

повеќе

Граѓани, бегалци, мигранти, веќе не ни е важно – се чини дека никој не гледа светла иднина за себе во Албанија.

повеќе