Ал џезира: Дали Путиновите ставови се фашистички?

Рускиот лидер често се повикува на Иван Илин, филозофот што ги фалеше Мусолини и Хитлер, но аналитичарите се поделени околу идеологијата на Путин.

Фото: ЕПА

Господарот на Кремљ едно од своите најсудбоносни обраќања го заврши со цитат од филозоф што е едвај познат надвор од Русија, вели Ал џезира.

„Би сакал да го завршам мојот говор со зборовите на вистинскиот руски патриот, Иван Александрович Илин: ‘Ако Русија ја сметам за моја татковина, тоа значи дека сакам, размислувам на руски начин, пеам и зборувам руски’, им рече неодамна рускиот претседател Владимир Путин на политичарите.

Цитатот се чини одговараше на пригодата - Путин најави анексија на четири украински региони во обид да ги консолидира Русите околу својата ослабена војна.

Путин со години го цитира, го истакнува и го промовира Илин, кој е роден во царска Русија во 1883 година, а умре во Швајцарија по Втората светска војна во 1954 година.

Но пропушти да ги спомене политичките преференции и идеолошката патека на Илин.

Некои научници истакнуваат дека делата на Илин влијаеле на Путиновото настојување да ја трансформира руската постперестројска дефектна, но функционална демократија во лидер на милитантниот неоконзерватизам, кој ја почна најкрвавата војна во овој век во Европа.

„Постојат доста докази дека Путин им се восхитува на работата и идеите на Илин“, вели за Ал џезира Јошико Херера, професорка по политички науки на Универзитетот во Висконсин-Медисон, која ги проучувала делата на Илин и нивното влијание врз актуелниот наратив на Кремљ.

„Постојат различни аспекти од работата на Илин што би можеле да бидат привлечни за Путин, имено акцентот на силната држава, автократијата и рускиот национализам“, рече таа.

А Илиновото отфрлање на самата идеја за државност и независност на Украина, политичка или културна, му помага на Путин да го оправда продолжувањето на војната.

„Нешто релевантно за последниве години се антиукраинските ставови на Илин... затоа што негирањето на украинската националност и суверенитет е клучна идеја што ја поткрепува Путиновата војна против Украина“, рече Херера.

„Здрав“ фашизам

Пред еден век, во 1922 година, болшевичкиот суд го осуди на смрт Илин, остар антикомунистички проучувач на германската филозофија.

Казната следуваше по шест апсења, но ја поништи советскиот основач Владимир Илич Ленин, кој бил запознаен со книгата на Илин за филозофот Георг Хегел, која сè уште се смета за револуционерна.

Илин се нашол на „филозофскиот брод“ што ја напуштил Русија со 140 протерани интелектуалци. Како и десетици илјади руски емигранти, тој се населил во Берлин.

Се издигнал до отворен идеолог на монархистичкото Бело движење, лабава група на антикомунистички сили, чиј главен гласник, списанието Бел, го уредувал.

По патувањето во Италија во 1925 година, Илин ја застапувал фашистичката идеологија на Бенито Мусолини, нарекувајќи ја „здрав феномен за време на напредувањето на левичарскиот хаос“.

Илин дури и завидувал на фактот дека Италијанците, а не Русите, го измислиле фашизмот, кој наскоро ќе ги инспирира германските нацисти.

„Илин беше крајно тажен што идеите за фашизмот не се родиле во Русија или меѓу белите руски емигранти, каде што мислел дека природно припаѓаат“, напиша летово Сергеј Таршевски во колумна за Радио Слободна Европа.

Во 1933 година Илин го поздравил доаѓањето на власт на Адолф Хитлер, кој ја спречи трансформацијата на Германија во просоветска комунистичка држава.

„Што направи Хитлер? Тој го запре процесот на болшевизација на Германија и ѝ ја направи најголемата услуга на цела Европа“, напишал Илин.

Иако Илин се скарал со нацистите и се преселил во Швајцарија, неговото верување во фашизмот останало непоколебливо.

„Италијанскиот фашизам на свој, римски начин ги изрази работите на кои Русија со векови стоеше“, напиша тој во 1948 година.

Дури и во тлеечките урнатини на Европа по Втората светска војна, Илин ја сметал модифицираната идеологија на фашизмот, со додавање на православната христијанска религиозност, за единствената вистинска идеологија за Русија по (тогаш хипотетичкиот) пад на комунизмот.

Илин претпоставувал дека посткомунистичка Русија треба да биде управувана од семоќен, идолизиран лидер на чело на високоцентрализирана држава, каде што изборите се само ритуал што ја потврдува лојалноста на јавноста кон лидерот.

Според Илин, вистинските резултати од гласањето не се важни.

„Мораме да ја отфрлиме слепата верба во бројот на гласови и нивното политичко значење“, напиша тој.

Путиновите пофалби

„Знаете, не сакав да кажам дека тоа бил само Иван Илин“, рече Путин на политичкиот форум во 2021 година, на прашањето за мислителите што влијаеле врз него. „Но го читам Илин, сè уште го читам, одвреме навреме. Неговата книга е на мојата полица“.

Путин наводно станал обожавател на делата на Илин во раните 1980-ти, кога служел како шпион од среден ранг на КГБ во просоветска Источна Германија.

Советите ги забранија делата на Илин и на другите руски емигранти, а просечниот советски граѓанин можеше да помине години во затвор само за поседување копија.

На службениците на КГБ им било дозволено да читаат забранети дела, но Путиновиот интерес за Илин бил далеку од она што било популарно меѓу неговите колеги.

„Повеќето од забранетите дела што ги читавме беа продемократски“, вели за Ал џезира Генадиј Гудков, прогонет опозициски лидер и поранешен офицер на КГБ и на неговиот главен руски наследник, Федералната служба за безбедност.

Илин не бил единствената личност чии дела влијаеле на Путин.

„Мислам дека човек може да најде екстремни ставови меѓу делата на Илин и може да поврзете некои од записите на Илин со Путин, но не сум сигурен дали мислам дека Путин е под влијание на самиот Илин или дали Путин го користи Илин за да зајакне некои од своите сопствени диктаторски фантазии“, вели Херера.

Путин сака да цитира мислители од Махатма Ганди и Лав Толстој до Абрахам Линколн.

Тој често се повикува на Петар Столипин, царскиот премиер што спроведе широки економски реформи во времето на младоста на Илин - и никогаш не се двоумеше да употреби насилство за да го потисне револуционерното движење во Русија.

Путин верува и во неортодоксните теории на историчарот Лев Гумилев, кој тврдеше дека цивилизациите растат и паѓаат поради „биокосмичките“ мутации.

Но, во денешна Русија, иако тие се сметаат за отворени личности, Илин е поопскурен.

Само што почна неговиот втор претседателски мандат, во 2005 година, Путин организираше повторно погребување на посмртните останки на Илин.

Тие беа повторно закопани на гробиштата на древниот московски манастир Сретенски, во близина на мавзолејот на Црвениот плоштад, каде што сѐ уште е изложена мумијата на Ленин.

Една година подоцна, Путин нареди целата архива на Илин, вклучувајќи ракописи и дневници, да се префрли од САД во Русија.

Фото: ЕПА

Во 2009 година Путин положи букет црвени ружи на новата, гранитна надгробна плоча на гробот на Илин, за која тој лично плати.

Рускиот претседател беше придружуван од неговиот наводен исповедник, архимандритот Тихон, ултранационалистички монархист, кој лобираше за декриминализација на семејното насилство. Обајцата беа намокрени од дождот, но не брзаа да си заминат.

„И покрај силниот дожд, Путин долго разговараше со Тихон за мислителот што го цени“, се вели во извештајот на еден весник за церемонијата.

Благодарение на Путин, Илин стана „модерен“ во ходниците на политичката и духовната моќ.

Во 2007 година, идниот претседател и премиер Дмитриј Медведев го напиша предговорот за репринтот на две дела на Илин. Сите 10.000 примероци им беа донирани на библиотеките низ Русија. Репринтот не ги вклучуваше делата на Илин за фашизмот.

Московскиот патријарх Кирил, министерот за надворешни работи Сергеј Лавров и поранешниот главен идеолог Владислав Сурков често го цитираа Илин во своите говори и написи.

Оскаровецот Никита Михалков сними 45-минутен документарец за Илин, кој повеќе пати се емитуваше на телевизиските мрежи под контрола на Кремљ.

„Беше пророк и филозоф“, вели Михалков во документарецот. „Тој со трагична точност ја предвиде иднината на СССР по Втората светска војна, кога ќе падне болшевизмот.“

Во 2014 година Кремљ им наложи на клучните функционери и членови на владејачката партија Единствена Русија да го прочитаат делото на Илин под наслов „Наши задачи“, пишува весникот Комерсант.

„Сите напори (на Кремљ) во изминатите 15 години беа насочени кон тоа на една мошне сомнителна историска личност да ѝ се даде имиџ на ‘вистински руски филозоф’, примерен државник и вистински руски патриот“, напиша уредникот и политички аналитичар Антон Барбашин во 2018 година.

Проверка на критериумите

Путин сѐ повеќе се водеше од политичките идеи на Илин додека го преобликуваше политичкиот пејзаж на Русија и отсекуваше делови од Украина, вели Тимоти Снајдер, професор по историја на Универзитетот Јејл и експерт за тоталитарните идеологии.

„Путин се потпираше на авторитетот на Илин на секоја пресвртница во руската политика, од неговото враќање на власт во 2012 година до одлуката да интервенира во Украина во 2013 година и анексијата на украинска територија во 2014 година“, напиша Снајдер пред неколку години.

Во меѓувреме, Кремљ го користи терминот „фашизам“ за да ги нападне непријателите на Русија, реални или измислени, вели Ал џезира.

Медиумите под контрола на Кремљ ја демонизираат Украина како зла фашистичка нација или нацистичко упориште, кое ладнокрвно спроведува „геноцид“ врз Украинците што зборуваат руски.

Набргу по почетокот на инвазијата на Москва на Украина, Снајдер објави есеј со наслов „Треба да го кажеме тоа. Русија е фашистичка.“

Нацијата со која Путин владее веќе 22 години сега ги проверува повеќето критериуми што историчарите ги применуваат за фашизмот, тврди Снајдер.

„Постои култ околу еден лидер, Владимир Путин. Постои култ на мртвите, организиран околу Втората светска војна. Постои мит за минатата златна доба на империјалистичка величина, која ќе биде обновена со војна на исцелувачко насилство - убиствена војна против Украина“, рече Снајдер. „На временскиот патник од 1930-тите не би му било тешко да го идентификува режимот на Путин како фашистички.“

Некои научници не се согласуваат.

„Снајдер не е во право“, вели за Ал џезира Николај Митрокин, руски истражувач од германскиот универзитет во Бремен.

Според него, Русија не ги исполнува критериумите на фашистичка држава, нема идеолошки партии, нема хистерични култови на лидер, ниту револуционерен нов режим спротивставен на стариот.

Наместо тоа, во Русија „постои агресивна, империјалистичка, авторитарна држава со владејачка хунта“, рече Митрохин.

Некои набљудувачи, сепак, веќе ја споредуваат руската економија со фашистичка Италија.

И едните и другите се обидоа да покренат квазидржавен капитализам, ги ставија своите економски влогови на големите компании, ја кренаа улогата на државата во распределбата на ресурсите и се потпираа на „купување“ на изборната лојалност со социјални и инфраструктурни проекти, вели аналитичарот од Киев Алексеј Кушч.

„Ова е оригинален руски неофашизам“, вели тој за Ал џезира.

„Ни ја украде идеологијата“

Путиновото наклонување кон неоконзервативниот национализам стана очигледно во 2012 година.

Тоа уследи по најголемите протести во постсоветската историја на Русија, кога стотици илјади се собраа да протестираат против наместените парламентарни избори и враќањето на Путин во Кремљ за трет претседателски мандат.

Пресвртот стана очигледен по анексијата на Крим во 2014 година, кога Кремљ вклучи елементи на екстремно десничарската агенда и почна да создава милитантна антизападна, изолационистичка идеологија.

„Националистичката реторика отсекогаш била присутна во политичкиот дискурс на Кремљ, но, се разбира, таа стана поарогантна, подрска, посмела по Крим“, изјави за Ал џезира Андреј Колесников од московскиот институт Карнеги центар.

Искусните руски националисти тоа го нарекуваат присвојување, поради нападите врз десетици домашни екстремнодесничарски групи што се појавија во раните 2000-ти.

„Руската влада крева знаме со идеите за кои се боревме до 2014 година“, вели за Ал џезира Рекс, кој е меѓу групата пребегнати руски крајнодесничарски националисти што ѝ се приклучија на украинската војска.

Отворениот руски интелектуалец сегашната идеологија на Кремљ ја гледа како фашистичка и ја гледа како олицетворение на моралната деградација на целото општество.

„Фашизмот не е идеолошки, туку морален развој. Тоа е случај на огорченост или робовски менталитет, кога луѓето долго се сметаат себеси за навредени, морално неадекватни, и почнуваат да му се одмаздуваат на целиот свет врз основа на тоа (огорченоста)“, изјави писателот и поет Дмитриј Биков за Радио Слобода во април.

Но очигледната приврзаност на Путин кон фашистичката идеологија можеби не е само вербална.

Злосторствата што наводно ги извршиле руските војници во Украина наликуваат на тактиката на „тотална војна“ и геноцид што Хитлер им ги пропишал на своите војници и сојузници.

Неколку пати во изминатите осум месеци, Путин нареди неселективно бомбардирање на станбени области - од Киев до Харков до Мариупол.

Гледајќи напред, уништувањето на клучните инфраструктурни локации ќе го намали снабдувањето со греење и електрична енергија за милиони Украинци пред студената зима.

И додека руските сили продолжуваат да губат територии во Украина, некои личности од Кремљ ја опишуваат војната како егзистенцијална конфронтација со колективниот Запад.

Западот сака да ја „ликвидира Русија како независна, суверена држава“, изјави Сергеј Кириенко, поранешен премиер и актуелен заменик-шеф на администрацијата на Кремљ, за новинската агенција Тасс во неделата.

Се чини дека тој го цитира Илин, кој напиша дека во случај на независност на Украина од Русија, помалиот сосед „ќе стане извор на граѓански и меѓународни војни со векови“.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

„Ќе дојде ден, кога пазарите отворени за трговија и размена на идеи, ќе бидат единствените борбени полиња“ - Виктор Иго

повеќе

Трагично е што воопшто треба да се бориме за зачувување на институција која отсекогаш била стожер на културниот живот во Македонија.

повеќе

Македонија нема рециклирачки капацитет за пластичната амбалажа, а со увозот на ѓубре како гориво во индустријата, станува и неофицијална депонија на ЕУ.

повеќе