Пак во Букурешт

14 години подоцна, НАТО го обновува заветот кон Украина

Некои експерти сметаат дека одлуката од април 2008 година, кога им беше ветено членство на Украина и Грузија, е една од најголемите грешки на Алијансата, поради што Русија почувствува дека е втерана во ќош.

Фото: ЕПА

НАТО денеска се враќа на местото на една од своите најконтроверзни одлуки, решено да го повтори своето ветување дека Украина - која девет месеци е во војна со Русија - еден ден ќе му се приклучи на најголемиот воен сојуз во светот.

Шефовите на дипломатиите на НАТО се состанаа на дводневен самит во Палатата на парламентот во романскиот главен град Букурешт, а агенцијата Асошиејтед прес потсетува дека токму таму во април 2008 година американскиот претседател Џорџ Буш ги убедил своите сојузници да ги отворат вратите на НАТО за Украина и Грузија, на големо противење од Русија.

„НАТО ги поздравува евроатлантските аспирации на Украина и Грузија за членство во НАТО. Денеска се договоривме овие земји да станат членки на НАТО“, се велеше во тогашната изјава на лидерите. Рускиот претседател Владимир Путин, кој присуствуваше на самитот, го опиша како „директна закана“ за руската безбедност.

Околу четири месеци подоцна, руските сили ја нападнаа Грузија, потсетува агенцијата АП.

Некои експерти ја опишуваат одлуката од Букурешт како огромна грешка што создала чувство во Русија дека е приклештена од сѐ поголемото НАТО. Алијансата, од друга страна, тврди дека не ги принудува земјите да се приклучат и дека некои земји барале членство за да се заштитат од Русија - како што е сега случајот со Финска и Шведска.

Повеќе од 14 години подоцна, НАТО оваа недела ќе вети долгорочна поддршка за Украина додека таа се брани од руските воздушни, ракетни и копнени напади - кои ја погодуваат и енергетската инфраструктура и други цивилни цели, оставајќи милиони луѓе без струја и греење.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг вчера изјави дека НАТО треба да биде подготвено за нови напади врз Украина и додаде дека Русија најверојатно ќе продолжи со нападите врз украинската енергетска мрежа, гасоводи и основната инфраструктура.

„Таквите акции додека влегуваме во зима покажуваат дека претседателот Путин сега се обидува да ја искористи зимата како оружје за војна против Украина“, изјави тој за новинарите на прес-конференција во Букурешт.

Фото: ЕПА

Столтенберг во петокот во Брисел рече дека алијансата ќе продолжи да ѝ дава силна поддршка на Украина за нејзината одбрана од руската агресија, бидејќи во случај на победа на Русија, целиот свет со години ќе плаќа висока цена.

Македонија и Црна Гора ѝ се приклучија на Алијансата во последните години и „на овој начин покажавме дека вратите на НАТО се отворени и дека од членките на НАТО и од земјите што сакаат да се приклучат зависи одлуката за членство. Ова е порака и за Украина“, рече Столтенберг минатата недела.

На состанокот во Букурешт, НАТО најверојатно ќе ги повтори ветувањата за несмртоносна поддршка за Украина во форма на гориво, медицински материјали, зимска опрема и агрегати.

Поединечни земји, исто така, веројатно ќе објават нови испораки на воена помош за Украина - од кои најважни се системите за противвоздушна одбрана што на Киев очајно му требаат за да го заштити своето небо. НАТО како организација нема да понуди таква опрема за да избегне да биде вовлечена во поширока војна со нуклеарно вооружената Русија, потсетува АП.

Украина доби предност на бојното поле делумно благодарение на западните ракетни системи, кои ѝ овозможуваат да ги гаѓа руските позиции зад линијата на фронтот. Во најновиот пример на западна воена помош за Киев, САД го разгледуваат предлогот на Боинг да ѝ испратат на Украина евтини бомби што можат да одговараат на проектили со дострел од 150 километри, објави Ројтерс.

Сепак, министрите заедно со својот украински колега Дмитро Кулеба планираат долгорочно.

„Во текот на долг период ќе ѝ помогнеме на Украина во преминот од советска опрема кон современи стандарди, доктрини и обука на НАТО“, рече Столтенберг. Ова не само што ќе ги подобри украинските вооружени сили и ќе им помогне подобро да се интегрираат, туку и ќе исполни одредени услови за членство.

И покрај сето тоа, Украина нема наскоро да му се приклучи на НАТО, наведува АП. Откако Русија го анектира Крим, а руските војници и проруските сепаратисти контролираат делови од територијата на југ и на исток, сè уште не е јасно ни како ќе изгледаат границите на Украина.

Повеќето од 30-те земји-членки сметаат дека фокусот сега треба да биде ставен на поразот на Русија.

Но иако економскиот притисок во форма на високи цени на струјата и бензинот, заедно со инфлацијата, за многу сојузници расте, Столтенберг не сака да врши притисок врз Украина да влезе во мировни преговори.

„Повеќето војни завршуваат со преговори“, рече тој. „Меѓутоа, она што се случува на преговарачката маса зависи од она што се случува на фронтот. Затоа, најдобриот начин да се зголемат шансите за мирно решение е да се поддржи Украина“.

Во Букурешт се и министрите за надворешни работи на Босна, Грузија и Молдавија - три земји-партнери за кои НАТО вели дека се под зголемен притисок од Русија. Столтенберг рече дека НАТО ќе преземе „понатамошни чекори за да ја заштити нивната независност и да ја зајакне нивната способност да се бранат“.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Калоѓера не може да премолчи, не може да замиже пред историската вистина на Македонија, па затоа во својот живот се определил да македонствува.

повеќе

Слушањето како способност да го фокусираме вниманието на аудитивните дразби е важен аспект на нашиот живот и значително влијае на неговиот квалитет во сите сегменти.

повеќе

„Ќе дојде ден, кога пазарите отворени за трговија и размена на идеи, ќе бидат единствените борбени полиња“ - Виктор Иго

повеќе