Првиот меч кој се играше во Нашице заврши со победа на Нексе од 29-26, предност за Хрватите која не изгледаше како недостижна за Еурофарм Пелистер, но битолскиот тим не успеа да ја надополни, не успеа ниту да дојде до победа.
А Еурофарм Пелистер тргна одлично, во 17. минута имаше водство од 7-3, разликата која му беше потребна, но како наближуваше полувремето Нексе играше се подобро, ја стопи предноста на битолчани, дојде до израмнување, на полувремето беше 11-11.
Второто полувреме почна со серија од 3-0 за Нексе, Пелистер се мачеше во нападот. На четири минути до крајот резултатот беше 20-20, но не се случи чудо, Нексе даде два гола, домаќините само еден и хрватскиот тим си замина со победа од 22-21.
Најдобри во составот на Пелистер беа Мандалиниќ со шест голови и Табоада со пет. Кај Нексе блескаше голманот Радовановиќ запишувајќи вкупно 13 интервенции, со 43-процентна успешност.
Нексе за влез на фајнл-фор турнирот од Европската лига ќе се бори против ГОГ, Еурофарм Пелистер ќе се фокусира на домашното првенство и мечот со Вардар кој е на крајот од овој месец во Битола.