Македонија се покажа во одлично светло како организатор на Европското ракометно првенство. Нашиот дел го завршивме, а остана само уште борбата за медал која се одвива во Љубљана.
Претседателот на РФМ, Живко Мукаетов изрази благодарност до сите вклучени во организацијата.
„После 5 европски и 3 светски младински првенства организирани од 2013та наваму, особено ми е драго што после 10 години пауза, го имавме нашиот женски сениорски тим на големо Европско натпреварување. Би сакал да се заблагодарам на сите кои беа вклучени во овој проект: вредните волонтери, тимот во нашата Федерација, партнерите од доверба, нашите поддржувачи - сите кои веруваа дека можеме да износиме ваков голем проект. Посебна благодарност, би сакал да упатам до македонските медиуми за безрезервната поддршка, како и на Европската ракометна федерација која ни довери една ваква голема организација, а се надевам дека оваа взаемна доверба и соработка ќе продолжат и во иднина”, изјави Живко Мукаетов во своето обраќање на завршната прес конференција за шампионатот.