Португалскиот тим се изгуби во одличната атмосфера во салата „Боро Чурлевски“, битолскиот тим одигра одличен натпревар и дојде до убедлива победа.
Во минатото коло Еурофарм Пелистер за малку пропушти да го победи Спортинг и во Лисабон, но овојпат на доминантен начин покажа дека има повеќе квалитет од португалскиот тим.
Првото полувреме беше изедначено, двете екипи се менуваа во водство, и Пелистер и Спортинг во еден момент имаа по три гола предност, на одморот се замина со водство од 14-13 за домашниот тим.
Во вториот дел Еурофарм Пелистер полека почна да се одлепува и како одминуваше натпреварот стануваше се појасно дека бодовите ќе останат во Битола. Конечниот резултат беше 31-25.
Периќ и Мандалиниќ имаа по седум гола, Граѓан и Табоада по четири. Еурофарм Пелистер со оваа победа се качи на второто место на табелата со еден бод помалку од Ним и еден повеќе од Спортинг.
Сега следува зимска пауза, а следниот меч во Европската лига за Пелистер е на 15. февруари кога му гостува на Ним.